Анѓушев-Почивалшек: Земјоделието и турузмот потенцијал за соработка

Анѓушев го информирал министерот Почивалшек за Законот за финансиска поддршка на инвестициите и констатирал дека со овој Закон се очекува раздвижување на економијата во земјата, нови инвестиции и побрз технолошки развој.

43

Економската соработка меѓу Македонија и Словенија, како и можностите за интензивирање на соработката во туризмот и во земјоделието биле теми на денешната средба на вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за економски развој и технологија на Република Словенија Здравко Почивалшек.

Како што информираат од кабинетот на вицепремиерот, Анѓушев го информирал министерот Почивалшек за Законот за финансиска поддршка на инвестициите и констатирал дека со овој Закон се очекува раздвижување на економијата во земјата, нови инвестиции и побрз технолошки развој.Тој ги поканил словенечките компании да инвестираат во Македонија

– Мерките од Планот за економски раст се исклучително атрактивни и поволни за компаниите. Убеден сум дека словенечките компани ќе ја препознаат можноста за проширување на своите бизниси токму во Македонија. Мерките се концепирани да бидат исти за сите и преку нивна имплементација се поттикнува технолошкиот развој и внесување на иновативни решенија во компаните, со што ќе се зголеми продуктивноста, квалитетот и конкурентноста на компаниите и ќе овозможиме повисок економски раст на македонската економија – рекол Анѓушев.

На средбата, како што е соопштено, се разговарало и за можностите за соработка во туризмот, при што министерот Почивалшек истакнал дека туризмот во Словенија изнесува околу 2,7 милијарди евра, односно околу 13 проценти од БДП. Тој посочил дека бањскиот туризам во Словенија учествува со дури 40 проценти во вкупните приходи од туризам и нагласи дека словенички компании се заинтересирани за инвестирање во оваа гранка во Македонија.

– Словенија има добро поставен концепт за развој на бањскиот туризам. Користејќи го вашето искуство, треба да поставиме здрава база за развој на оваа гранка и во Република Македонија, а потоа инвестициите многу полесно и поефективно би се реализирале – нагласил вицепремиерот Анѓушев.

Во поглед на соработката во земјоделскиот сектор, министерот Почивалшек потенцирал дека македонскиот земјоделски производ во Република Словенија се препознава како врвен квалитет и дека Македонија треба да ги искористи природните услови за да ги максимизира ефектите од земјоделието.

Во 2017 година Република Словенија беше петнаесетти по вредност трговски партнер на Република Македонија со вкупна вредност од околу 390 милиони евра и пораст во трговската размена од 11 отсто во однос на 2016 година, додека странските директни инвестиции од оваа земја изнесуваат околу 375 милиони евра, со што Словенија е позиционирана на петтото место во однос на странските директни инвестиции во Република Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.