„Бикини Мун“ почнува да се прикажува и во Битола

136

Филмот „Бикини Мун“ на Милчо Манчевски од  утре ќе се прикажува и во 3Д Кино Битола, а потоа и во другите градови низ Македонија. Премиерно пред домашната публика филмот беше прикажан во Скопје на 22 март во кино „Милениум“, каде што е на репертоарот во термините од 20 и од 22 часот.

„Бикини Мун“ е американски филм на Манчевски, сниман на локации во Њујорк. Приказната – психолошки портрет на Бикини Мун Дејвис – говори за искршениот идеал на модерното семејство, но и за изгубената приватност во светот окупиран од камери, мобилни телефони и сеприсутните социјални мрежи. Филмската структура на „Бикини Мун“ е филм во филм, во кој филмската стварност е двојно манипулирана.

Светската премиера на филмот беше во Бразил на фестивалот во Сао Пауло, а потоа во Португалија ја освои специјалната награда на жирито. Беше прикажан и на фестивалите во Сан Хозе, Калифорнија (Синеквест), Белград и Софија. Следува Истанбул, каде проекциите се веќе распродадени, па Франкфурт, Нешвил, Менхетен…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.