Вештерки во даночната политика

СДСМ не се наоѓа во предизборна кампања, но секако мора да се соочи со потребата од воведување поефикасни даночни реформи во Македонија. Во спротивно, останува иницијативата на приватниот странски капитал кој во едно општество со толку големи социјални разлики скапо ги наплатува своите услуги, и тоа од оние граѓани кои на некаков начин, со судни маки, успеваат да ги платат.

453

Прочуената шведска писателка Астрид Линдгрен предизвика бурна дебата околу даночната политика во далечната 1976 година. Алудирајќи на самата себеси, Линдгрен во својата сатирична колумна во весникот „Експресен“ го користи ликот од детските приказни, вештерката Помперипоса, која пишува книги за деца што се популарни во целиот свет. Одеднаш, со големо чудење, Помперипоса во сатирично-алегоричната приказна открива дека во прекрасната земја во која живее данокот на нејзината заработувачка станал дури 102 процента, така што самата пресметала дека ако заработи два милиона круни, според тогашниот систем на прогресивно оданочување, ќе може да задржи за себе само 5.000 круни.

Помперипоса-ефектот, без да навлегуваме овде во сите детаљи околу неговиот поширок контекст, предизвикал силни реакции. По неколку дена на Астрид Линдгрен лично ù се јавил тогашниот социлајдемократски премиер Улоф Палме, а министерот за финансии во свој дебатен напис се согласил со гледиштето на Астрид Линдгрен околу претераноста на даночната прогресија. Но, она што всушност е најважно да се поентира,  е дека веднаш потоа започнало и намалување на даночните стапки во Шведска, која, како во тој период пред повеќе од четири децени, така и денес, се смета за земја со највисоки стапки за пероснален данок на доход во светот, вкупно околу 60 проценти. Во заднината на приказната за Помперипоса-данокот се наоѓал и случајот на големиот шведски режисер Ингмар Бергман, кој истата година, неколку месеци претходно, бил уапсен во Драмскиот театар во Стокхолм поради даночен прекршок поврзан со неговите високи приходи од странство што требало да поминат и да бидат исцедени низ пресата на силната шведска даночна прогресија. Крајно разочаран, Бергман ја напуштил Шведска и не се вратил речиси десет години.

Моментно оштинскиот основен данок на плати во Шведска се движи од 28 до 34,5 проценти, зависно од општината, а по пречекорувањето на поставениот праг на висината на заработувачката на годишно ниво, се пресметува и дополнителен државен данок од 20 проценти. Згора на тоа, доколку се пречекори и наредниот висок праг, се додава уште еден државне данок од 5 проценти. Во Шведска моментно меѓу 30 и 35 отсто од даночните обврзници се опфатени со високите прогресивни даночни стапки, а на што многумина не гледаат со симпатии и го сметаат за неправедно “дерење со даноци“. Тоа влијае и на т.н. даночно планирање, односно свесно ограничување одработените часови, како и двоумење околу изборот на образованија со високи плати, а што секако икма дестимулативно влијание врз економијата. Но социјалдемократите и другите партии од левиот блок ја правдаат оправданоста на високите даноци со енормните потреби за финансирање на општествениот систем на благосостојба, пред се кога станува збор за здравствениот и образовниот систем, како и згрижувањето на децата и старите лица и за унапредувањето на социјалната заштита на најширок план.

Предлогот на министерот Тевдовски да се воведе прогресивна даночна стапка од 18 отсто за сите кои имаат месечна плат над 1.000 евра, односно само за околу два процента од вкупниот број граѓани, наиде на остри реакции и беше оценет дека е популистички инспирирана со идеолошко-политичка левичарска заднина. Но денеска во Европа рамен данок имаат речиси само поранешните комунистички земјите од источниот блок. Во Естонија, која во 1994 година беше прва земја во Европа што воведе рамен данок, во последните години интензивно се дискутира околу даночни реформи што ќе значат воведување на прогресивен данок. Всушност, и понатаму многумина сметаат дека со даночна прогресија само ќе бидат казнети оние кои се поуспешни и повредни на пазарот на трудот. Но едновремено созрева и сознанието околу потребата државата да може да собира повеќе даноци за да може да направи повеќе за граѓаните, наместо развојно да стагнира поради неефикасна финансиска и даночна политика. Нема сомнение дека разликата меѓу рамен и прогресивен данок во прва рака е идеолошка. Но јавната дебата во Естонија покажува дека на прогресивниот данок сега се гледа како на можност за побрзо развојно придвижување кон искуствата на западноевропскиот државен социјален модел.

Астрид Линдгрен, автор на ликот од детската литература познат во глобални рамки, Пипи долгиот чорап, со својот сатиричен текст за оданочувањето вештерката Помперипоса значајно придонесе социјалдемократите да ги ги изгубат изборите во 1976 година, по речиси 40 години доминација на политичката сцена во Шведска. Но без оглед на тоа болно историско искуство, шведските социјалдемократи и понатаму упорно се борат за зачувување на виското ниво на даночните стапки како неопходност за ефикасно финансирање на броните услуги, надоместоци и бенефити на социјалната држава.

СДСМ не се наоѓа во предизборна кампања, но секако мора да се соочи со потребата од воведување поефикасни даночни реформи во Македонија. Во спротивно, останува иницијативата на приватниот странски капитал кој во едно општество со толку големи социјални разлики скапо ги наплатува своите услуги, и тоа од оние граѓани кои на некаков начин, со судни маки, успеваат да ги платат. Веројатно нема да се стаса далеку во полнењето на буџетот со „даночниот удар“ врз оние два процента граѓани, доколку со поинтензивен еконосмиски развој не се созадат услови за реални вработувања и подинамично зголемување на платите.

Ниту, пак, е јасно каде ќе се стаса со масовните протести што ги најавува Мицковски, меѓу другото и поради најавеното зголемување на даноците што „ќе удрат по џебот на граѓаните“, иако се знае дека големото мнозинство на оние кои излегуваат на такви протести засега предложениот праг од 1.000 евра во однос на височината на месечните плати можат да го пресконат, − дури и со помош на вештерки, − само во научно-фантастичните прекции.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.