Во Јапонија и понатаму се молчи за силувањата

509

Култура која избегнува разговор за сексуално насилство.

Бше петок вечер кога еден од најпознатите ТВ новинари во Јапонија ја повика Шиори Ито на пијалок. Нејзиното стажирање во медиумската куќа во Токио се завршуваше и таа се распрашуваше за можноста за стажирање на телевизијата, пишува Мотоко Рич во Њујорк тајмс, а пренесува Недељник.

Се сретнаа во барот и потоа отидоа на вечера. Последно нешто што се сеќава таа, подоцна ѝ рекла на полицијата, е дека и било лошо и дека отишла во тоалетот каде што се онесвестила. На крајот на вечерта, тврдела, тој ја одвел во својата хотелска соба и ја силувал додека била во несвест.

Новинарот Норијуки Јамагучи, шеф на вашингтонското биро на ТБС и биограф на премиерот Шинзо Абе, ги негираше наводите и по спроведената истрага, случајот беше отфрлен. Тогаш Шиори Ито одлучила да направи нешто што жените во Јапонија речиси никогаш не го прават: прозборе во јавноста.

На прес-конференцијата во мај и во книгата објавена во октомври, рече дека полицијата ги набавила снимките од хотелските камери на кои се гледа како Јамагучи ја носи, несвесна, низ хотелското лоби. Полицијата го пронашла и испрашала таксистот кој потврдил дека таа била во несвест. Полицијата ѝ рекла и дека ќе го уапсат Јамагучи, но потоа одеднаш се повлекла. Некаде на друго место нејзините обвинувања би предизвикале гнев на јавноста. Но тука тие привлекоа само површно внимание.

Нејзината приказна е добар пример за тоа како сексуалното насилство и понатаму е тема која се избегнува во Јапонија, каде што ретко која жена го пријавува силувањето, а кога тоа го прават, обвинетите ретко се уапсени или кривично гонети.

На хартија, Јапонија може да се пофали со релативно ниска стапка на сексуални напади. Во истражувањето спроведено во 2014 година, една од 15 жени била жртва на силување, додека во САД, секоја петта била силувана. Експертите предупредуваат дека Јапонките ретко кога ќе го опишат сексот без согласност како силување, што не е случај со жените на Запад. Јапонските закони кои се занимаваат со проблемот на силувањето не ја земаат во обѕир согласноста, а силување на состанокот им е непознат концепт.

Наместо тоа, силувањето во манга стриповите и порнографијата често е прикажано како продолжување на сексуалното задоволство во култура, каде што таков материјал често е важен сегмент на сексуалното образование.

Полицијата и судовите го дефинираат силувањето прилично ограничено и работат само во случаи кога постојат знаци на физичко напаствување и самоодбрана, додека во случаите кога жртвата и напастникот пиеле заедо ги отфрлаат. Дури и ако некој од силувачите биде осуден, тој често не оди во затвор; секој десетти добива условна казна.

„Предрасудите против жените се длабоко вкоренети и сериозни и луѓето не ја сфаќаат сериозно штетата што ја прави сексуалното насилство“, вели Томое Затагава, предавач по родово право на Универзитетот Васеда.

Дваесет и осум годишната Шиори Ито поднесе граѓанска тужба против 51-годишниот Јамагучи, кој демантира дека извршил силување.

– Немаше никаков сексуален напад. Немаше никаква кривична активност таа ноќ – рече тој.

Покрај случајот на Ито, минатата година Парламентот ги усвои првите промени на јапонските сексуални закони во последните 110 години, проширувајќи ја дефиницијата за силување на орален и анален секс и ги вклучи и мажите како потенцијални жртви. Минималната казна е продолжена. Но во законот сè уште не се спомнува согласноста, а судиите може и понатаму да продолжат да даваат условни казни.

Обвиненијата против Јамагучи не влијаеа на неговата позиција во ТБС, но минатата година тој мораше да се повлече под притисок од мрежата поради еден контроверзен напис. И понатаму работи како слободен новинар во Јапонија. Книгата која Шиори Ито ја објави доби скромно внимание во јапонските медиуми.

– Сè уште чувствувам дека морам да бидам силна и да продолжам да зборувам зошто ова не е во ред – рече таа.

Подготви: А.Ј.

Фото: Džeremi Suterjat za Njujork tajms

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.