Депо мора да се гради, две локации во игра за новиот Архив

Властите уште во шеесеттите години од минатиот век предвиделе дека ќе се наполни депото и донеле одлука по 50 години оттогаш да се изгради ново депо.

1081

Владата пресече дека ќе се гради нов објект за Државниот архив. Во игра се повеќе локации, а како најсериозни се споменуваат две. Едната опција е да се гради веднаш до старата зграда на Архивот, кај МАНУ (каде што вработените бараа да се вратат), а другата е тој да никне покрај Градскиот архив на Скопје во Општина Карпош, дознава Плусинфо.

Ако се избере првата опција, тогаш е предвидено новиот објект да се поврзе со депото кое се наоѓа во старата зграда, и пак Државниот архив да претставува една целина.

Каде ќе се гради, одлуката ќе си ја донесат самите вработени и директорот.

Во стариот објект кај МАНУ не може да се вратат, како што бараа дел од вработените, бидејќи уште во 2012 тој простор е даден на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и оттогаш е преуреден, направени се лаборатории, истражни центри… Во тој објект Архивот си го задржал само депото до кое има непречен пристап.

Новите простории на кејот на Вардар, пак, неопходно е да се санираат, кровот протекува при секој пообилен дожд, не е изграден според стандардите кои ги бара еден архив, се наоѓа на шести кат, покрај река. Овие простории се во истата зграда со Археолошккиот музеј и Уставниот суд и таа зграда всушност е најскапата од проектот „Скопје 2014“. Според базата на податоци на Бирн, зградата чинеше над 42 милиони евра.

Владата и да не одлучеше да се гради нов објект (депо заедно со канцеларии и административни простории), депо секако мораше да се гради. На пример, ако се одлучеше архивот да се врати во старите простории тогаш само физички луѓето би се преселиле во канцелариите, но архивскиот материјал кој е во новата зграда покрај Вардар повторно би останал таму додека не се реши просторниот проблем со изградба на ново депо.

Постоечкото депо, кое се наоѓа во стариот објект, е направено според стандардите, тоа му е на располагање на Архивот и до него има непречен пристап. Таму се чуваат најважните документи, меѓу кои и писмата од Гоце Делчев за кои имаше информации дека биле загрозени во новата зграда. Меѓутоа, тоа депо е веќе наполнето и нема простор каде да се сместат други архивски материјали.

Дека ќе се наполни тоа депо, властите предвиделе уште во шеесеттите години од минатиот век, кога донеле одлука по 50 години оттогаш да се изгради ново депо.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.