За ЕУ апсењето турски граѓани во Косово е нарушување на човековите права

194

Европската Унија го оквалификува како „своеволно и како нарушување на човековите права“ апсењето и депортација на шестмина турски граѓани од Косово.

– Апсењето и депортацијата на шестмина турски граѓани кои имаат дозвола за престој во Косово, фрла сомнеж на почитувањето на редовните законски процедури – изјави денеска портпаролката на ЕУ Маја Коцијанчич за приштинскиот портал „Газета експре“, истакнувајќи дека владеењето на правото е основен принцип на ЕУ.

Што се однесува до Турција, Коцијанчич рече дека ЕУ ја разбира потребата за виновниците за обидот за државен удар да се изведат пред суд, но смета дека обвинението треба да помине низ редовните постапки пред осомничените да бидат екстрадирани.

– Правото на секој човек на фер судење треба да се почитува. Како земја кандидат за членство во ЕУ и како членка на Советот на Европа Турција ги прифатила овие принципи – изјави портпаролката на ЕУ.

Шестмина турски државјани на крајот од март беа уапсени и по итна постапка протерани од Косово по одлука на Министерството за внатрешни работи, кое ги поништи дозволите за нивни престој во Косово, откако косовската тајна служба, во соработка со турските колеги, заклучила дека тие претставуваат национална опасност за земјата.

Поради овој случај министерот за внатрешни работи на Косово, Фљамур Сефај вчера поднесе оставка од функцијата на барање на премиерот Рамуш Харадинај. Харадинај побара смена и на директорот на Косовската разузнавачка служба Дритон Гаши, но на тоа остро се противи косовскиот претседател Хашим Тачи. Одлуката за смена на директорот на косовската разузнавачка агенција не може да биде уважена без потпис на Тачи.

Харадинај побара смена на Сефај и Гаши поради нивната вмешаност во „тајното апсење и депортацијата“ на шестмината турски граѓани во Косово, кои АНкара ги обвинува дека се припадници движењето исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кој живее во егзил во САД.

Косовскиот Парламент попладне ќе одржи вонредна седница поради овој случај.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.