Зошто средната класа е побунтовна од сиромашните

294

Тоа е загатка која со генерации обезбедува храна за десничарите и збунетите праведни левичари: Зошто луѓето од средната класа повеќе се заинтересирани за активизам отколку луѓето од работничката класа кои најмногу имаат корист од тоа?

Во статијата објавена во Economic Journal се вели дека тој класно дефиниран тренд постои во низа земји и временски периоди и тоа се објаснува со заклучокот дека „политичкиот песимизам е тоа што ги спречува сиромашните да учествуваат во протести, додека средната класа е пооптимистична за потенцијалната иднина по промената на режимот“, пишува Џош Лоу за Њусвик.

Авторите Хенг Чен и Винг Суен од Универзитетот во Хонг Конг ги анализирале податоците за политичкото учество од третото, четвртото и петтото истражување на Анкетата за светски вредности, кои покриваат 78 земји од 1994 до 2007.

„Податоците укажуваат на тоа дека кај припадниците на пониските и повисоките класи навистина е значително помала веројатноста дека ќе учествуваат во демонстрации против владите, отколку оние кај средните општествени слоеви”, се вели во извештајот од истражувањето за јавноста.

Откако го заклучиле ова, авторите тврдат дека податоците покажуваат три клучни факти.

Прво, дека „што се посиромашни испитаниците во Анкетата за светските вредности, толку е поголема веројатноста дека тие ќе бидат политички песимисти“.

Второ, велат тие, „податоците откриваат дека луѓето кои имаат попесимистички ставови за тоа дали ќе има вистински промени во политиката се со помала веројатност дека ќе учествуваат во масовна политичка акција“. Авторите откриле дека над 20 проценти од најмалку песимистичките испитаници учествувале во демонстрации против владата, а само помалку од 10 проценти од најпесимистичните.

Конечно, во извештајот се вели: „доказите покажуваат дека сиромашните луѓе немаат доволно знаење за нивниот вистински статус во општеството и имаат тенденција да веруваат дека се поблиску до средната отколку што се во реалноста“.

„Како резултат на тоа, сиромашните погрешно веруваат дека многу луѓе се исто толку песимисти колку што се и тие, што уште повеќе ги спречува да преземат акција“.

Како да се промени ова? Авторите коментираат: „Нашите сознанија се дека новите информации за тоа како функционира светот може да ги промени песимистичките верувања на ниската класа и да ги поттикне да дејствуваат“.

„Се чини дека истите факти биле добро разбрани од успешната кампања на Доналд Трамп“.

Подготви: А. Ј.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.