Изложба на Анкица Влашиќ Гроздоска во НЛБ Галерија

Најновото ликовно претставување на академскиот сликар Анкица Влашиќ Гроздоска, насловено како „Звуци и еха“ го прикажува нејзиниот актуелен тематски интерес.

108

Изложба на академската сликарка Анкица Влашиќ Гроздоска ќе биде отворена утре во 20 часот во НЛБ Галеријата, на ул. „Мајка Тереза“ бр.1, во Скопје.

Анкица Влашиќ Гроздоска е родена 04.02.1981 година, во Скопје, Македонија.

Во 2005 година дипломира на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ – Факултет за ликовни уметности, отсек – сликарство, група графички дизајн под менторство на проф. Танас Луловски и Благоја Маневски.

Како активен член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија од 2008 година, зад себе има неколку самостојни ликовни изложби: 2005 година, Скопје, Македонија – „Стилизација на природата“; 2010 година – Загреб, Хрватска; 2010 година, Кавадарци, Македонија – „Печат на времето“; 2015 година, Виена, галерија „Mericon art room“ – „СЕКВЕНЦА“; 2016 година НЛБ Галерија – „СЕКВЕНЦА“. Воедно е активен учесник во групни проекти во Скопје, Белград, Загреб, како и учество на групна изложба во New York 2007 година.

Добитник е на наградата „Константин Мазев- Коце“ за ликовно творештво мал формат.

Најновото ликовно претставување на академскиот сликар Анкица Влашиќ Гроздоска, насловено како „Звуци и еха“ го прикажува нејзиниот актуелен тематски интерес и развивање на авторовиот веќе препознатлив стил, во комбинирана техника на платно/печатарска хартија, со инкорпорирање на колажна техника. Воедно, оваа изложба ја дополнуваат и кроки цртежи, со мали димензии и тие придонесуваат кон доловувањето на внатрешниот импулс, кој води кон формирање на покомплексни композиции.

Самиот наслов сугерира на примарниот мотив на ликовното изразување, како што и самата уметница вели:

– Додавајќи импулсивно препознатливи елементи и ликови направив една прошетка низ околината која ми донесе задоволство. Мојот ликовен израз секогаш го поврзувам паралелно со околината барајќи ја уметноста во самата себе.

„Преку овој начин на техничка реализација на делата, и корелацијата на сликарските елементи и техники, пренесена е уметничката визија и мисла, која нам ни носи едно ново, освежено психолошко пријатно ерцепирање на моменти од сегашноста и урбани исечоци од животот. Минливите мигови се доловени преку овие ликовни записи и остануваат сочувани како глетки кои носат лична порака, но и лично доживување на самото постоење…“, напиша Елена Иванова, кустос и историчар на уметност за творештвото на Влашиќ Гроздоска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.