ИНТЕРВЈУ Вицепремиерот Анѓушев: Инвестирајте во фотоволтаици, исплатливо е!

Јас лично ќе предложам Владата на сите свои објекти да инсталира фотоволтаици, дотолку повеќе што тоа кореспондира со фактот што фотоволтаиците произведуваат електрична енергија дење, а администрацијата работи дење, вели вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

4792

Проектот на Плусинфо насловен како „Фотоволтаичните технологии – енергетската иднина на Македонија“, поддржан од фондацијата Цивика Мобилитас, почна со дебата на клучните луѓе кои одлучуваат во енергетскиот сектор, дебата во која вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, бомбастично најави нов модел на поддршка на инвеститорите во фотоволтаични централи и инсталации. Во пресрет на донесувањето на новиот Закон за енергетика, пак, Анѓушев најави оптимистички бројки, кои беа директен повод за ова интервју.

о Господине Анѓушев, пред извесно време најавивте дека Македонија во скоро време ќе добие 400 мегавати инсталирани капацитети од обновливи извори на енергија.

– Да, од кои 200 мегавати во фотоволтаици.

о Реални ли се тие планови? Во моментов Македонија има само 18,2 мегавати во фотоволтаици.

– Да, тоа е реалност. И еве, ќе ви кажам зошто е реалност. Во моментов, од обновливи извори на енергија, ние имаме 68 мали хидроелектрани, што е добар проект, имаме 16,8 мегавати фотоволтаици во погон и 39 мегавати во ветерни електрани. И да не заборавам, во биогас имаме уште 6 до 7 мегавати, „Везешари“ и ЗИК „Пелагонија“. Тоа се обновливите извори на Република Македонија. И сето тоа, се разбира, е малку.

Од друга страна, ние имаме две обврски. Едната е обврската одреден процент од енергијата да ја обезбедиме од обновливи извори. Освен тоа, ние како држава сме сиромашни со енергетски ресурси – немаме нафта, немаме гас, јагленот ни е во ограничени количества. Мора да се свртиме кон обновливите извори на енергија, кон сонцето, кон ветерот и кон малите водотеци за изградба на мали хидроелектрани.

Сепак, тука има и еден конфликт. Ако направиме многу енергија од обновливи извори, по сегашните фидинг тарифи, во тој случај, тие извори, а особено ветерните електрани, значително ќе влијаат на зголемување на цената на електричната енергија. Тој конфилкт на интереси постои секаде во светот, но светот наоѓа решенија за овој проблем.

Што е фидинг тарифа, а што премиум?

о Сонцето, сепак, се чини како најпогоден извор на енергија…

– Да. Во таа смисла, ни погодува фактот што цената на фотоволтаиците значително падна. Така, на пример, ако опрема за 1 мегават инсталирана моќност во фотоволтаици пред пет или шест години чинеше 2 милиони евра, таа денес чини 560.000 евра. Со оглед на тоа дека Македонија има многу сонце, повеќе од просекот во Европа (а во Европа фотоволтаиците веќе произведуваат електрична енергија по пазарни цени), тоа нас ни дава можност без голем дополнителен товар врз цената на електричната енергија да инсталираме повеќе фотоволтаици.

о Од таму ли амбицијата за 200 мегавати фотоволтаици?

– Секако. Чекаме да излезе новиот Закон за енергетика, кој што следната недела од Владата ќе тргне во парламентот. Тој ќе предвиди дека покрај со фидинг тарифи, ние ќе можеме да имаме фотоволтаици со премиум тарифи.

о Ајде уште еднаш прецизно да ја објасниме разликата меѓу фидинг и премиум тарифа.

– Фидинг тарифа значи дека му гарантирате цена на производителот. И ние тука имавме ограничување на капацитети до 20 мегавати. Зошто? Зашто ние почнавме со цена од 420 евра по мегаватчас, за да дојдеме до 120 евра по мегаватчас. Тоа е многу поскапо од пазарната цена на електричната енергија. Ако се направат многу фотоволтаици, таа „зелена“ но скапа енергија, ќе ја платат крајните потрошувачи.

За да не се случи тоа, ние направивме анализа и видовме дека физибилноста на фотоволтаиците денеска почива на цена од некаде околу 60 евра за мегаватчас, значи двојно помала од фидинг тарифата. Затоа, ние сакаме да го направиме она што го прави целиот свет и се покажува како успешно – ќе дадеме државно земјиште за да ги намалиме инвестициските трошоци, ќе го изградиме приклучокот кон мрежата и дополнително ќе ги намалиме трошоците на инвеститорот и при тоа ќе распишеме тендер, каде што сите што ќе направат фотоволтаици ќе си бидат на слободниот пазар…

о Што кореспондира и со идејата да се развива слободниот пазар…

… Точно. Критериум за тендерот ќе биде кој ќе понуди помал премиум. Што е премиум? Значи, државата ќе плати само разлика над пазарната цена, за на инвеститирот да му се исплати производството. И сега, кој ќе бара помал премиум, тој ќе добие на тендерот.

Математиката е јасна – има есап

о Господине Анѓушев, овој модел го најавивте и во првата дебата одржана во рамките на овој проект, пред околу шест месеци. Уште сте убедени дека премиумот ќе биде низок?

– Во светот премиумот веќе достигнува до нула, што значи дека инвеститорите се нафаќаат да продаваат струја произведена од фотоволтаици и по пазарни услови.

о Зошто оваа погодност со премиумот да не ја користат и тие што имаат приватно неизградено земјиште? Зошто мора да им подарувате земјиште?

– Се разбира дека секој може да ја користи таа погодност. Нашата идеја е да ги намалиме инвестициските трошоци. Ако некој сака да направи фотоволтаици на сопствено, приватно земјишпте, нема лимит – нека се јави, само во тој случај приклучокот кон мрежата мора да го реши самиот.

Она што јас сакам е да ги охграбрам сите, а особено стопанските субјекти, сопствениците на индустриските објекти, на спортските сали, на сите објекти каде што има голема покривна површина и да им кажам дека на сите тие им се исплати да инсталираат фотоволтаици. Бидејќи, денес секој што е на слободниот пазар, плаќа две цени на струјата – значи, плаќа цена на произведената енергија и плаќа мрежарина. Кога ќе ги соберете тие две цени, добивате единствена цена повисока од 60 евра по мегаватчас. Тоа значи дека ако некој си постави фотоволтаични панели на покривот и самиот си ја троши произведената струја, нема да има потреба да плаќа мрежарина. Единствено што треба да внимава е да не инсталира поголема моќност од онаа што му е потребна. И за ова да го стори, не му е потребна никаква лиценца. Потребна му е само градежна дозвола за реконструкција на покривот, ништо друго.

о Што ако сепак создава вишок струја и сака да го продава?

– Во тој случај му е потребна лиценца, којашто чини 500 евра. Верувајте, исклучително е паметно да се инвестира на ваков начин.

о Да, тоа е тренд и во соседна Бугарија. Ние и самите се уверивме во тоа. Како ќе ги стиумулирате граѓаните да го прифатат вашиот апел?

– Стимулира самата цена. Ако денеска сакате да купите струја на слободниот пазар, а таа е најевтината, вие би требало да платите околу 50 евра за мегаватлас и плус околу 20 евра за мрежарина. Кога би ставиле фотоволтаични панели на покривите, вашата струја би ве чинела 60 евра за мегаватчас. Пресметајте сами.

Што се однесува до стиумулот за тие што ќе прават гринфилд инвестиции, поголеми фотоволтаични централи, стимулот е премиумот. И тој ќе биде пазарна, тендерска категорија. Дозволете да ви направам една проста математика. Да речеме дека премиумот ќе биде 10 евра за мегаватчас, што во случајов би бил добар стимул (прецизно, тоа значи дека државата ќе плаќа 10 евра за секој произведен мегаватчас над пазарната цена). 200 мегавати фотоволтаици кои би работеле во полн капацитет би произлеле околу 400.000 мегаватчасови, што пак значи дека премиумот би бил 4 милиони евра. Внимавајте, со 4 милиони евра средства од буџетот, ние би направиле 200 мегавати фотоволтаични електрани. Тоа е занемарливо во споредба со субвенциите од 130 милиони евра што ги трошиме за земјоделието, на пример.

о Што би значело да инвестирате во тие исти фотоволтаици по фидинг тарифа?

– За 400.000 мегаватчасови произведена струја, по цена од 120 евра, би требало да да се платат 48 милиони евра, а таа „зелена“ струја ќе ја платат сите граѓани. Па, нели е подобро потрошиме 4 милиони евра од буџетот, отколку 48 милиони евра да платат сите граѓани? Затоа мислам дека ова ќе биде еден успешен проект. Ние првите тендери ќе ги пуштиме веќе пролетва. Чекаме да се донесе Законот за енергетика, за да се создадат законски услови за тоа. Тој закон, освен што ќе биде во корелација со третиот пакет директиви на Европската Унија, ќе биде стимулирачки за овие проекти.

Владата прва ќе даде пример

о Кога спомнав стимул за граѓаните, мислев на тоа и Владата да даде пример. Владата располага со големи објекти, со големи покривни површини и фасади на кои можат да се инсталираат фотоволтаици. Можеме ли да се надеваме да видиме такво нешто?

– Законот ќе важи за сите, а ќе важи и за Владата. Јас лично ќе предложам Владата на сите свои објекти да инсталира фотоволтаици, дотолку повеќе што тоа кореспондира со фактот што фотоволтаиците произведуваат електрична енергија дење, а администрацијата работи дење.

о За крај, господине Анѓушев, нека звучи и нескромно, но морам да ве прашам за вашето мислење за тоа колку проектот на Плусинфо придонесе за развојот на дебатите и општо, за свесноста за потенцијалите на фотоволтаичните технологии кај нас?

– Мислам дека јавноста кај нас малку знае за фотоволтаичните централи. Секое придвижување кон поголема информираност е значајно, а ова што вие го правите во Плусинфо а апсолутно добро, бидејќи овозможивте луѓето поблиску да се запознаат со овие теми. И јас навистина ви благодарам што во вашиот ценет портал издвои толку многу простор за овие прашања.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.