Иредентизам и геноцид

1371

Ја прочитав колумната на почитуваната Ана ПАНОВСКА во ФОКУС од 30 март 2018 година во која пишува: „Грците најмногу ги плаши иредентизмот!!! А ние на тоа реагираме потсмешливо, како недоветно дете. Објаснуваме, убедуваме дека ние за Грција не сме ама баш никаква закана… Мене ми е разбирлив тој страв кај нив, кој е сосема нормален , природен, животински… Тоа е исконски вистински страв. Една држава, па како сакате и еден народ кој извршил таков плански геноцид, таков погром во неколку наврати  рз некој друг народ, мора секогаш да се плаши од тој народ.„

Ова ми даде повод за мојата колумна, која е преработена од порано, но не објавена. Да почнам по ред. Во преговорите за името, што се во тек, Грците упорно се повикуваат на наводно „македонски иредентизам„ од кој  требало да се заштитат преку решавање на прашањето со името. Во таа насока, грчкиот претседател Прокопис Павлопулос порано ќе изјави: „Името  може да се реши само кога нема да зрачи  иредентизам, бидејќи иредентизмот е спротивен на меѓународното право и европското законодавство… и се потребни уставни промени, отстранување на иредентистички позиции, а потоа решение на проблемот и евро – атлантска интеграција.„ Ова беше прифатено од министерот за надворешни работи Коsијас, истурен преговарач, и постојано се вергла дека мора да има промена на Уставот за да се заштити Грција од нашиот наводен иредентизам. И тоа се вергла постојано во сите настапи на Грција во преговорите. Човек ќе помисли дека во прашање е опстанокот на државата, поради што тие морат да се заштитат!

Грците кренаа голема ука бука, но се’ се  сведува на некаков иредентизам од наша страна што требало да се реши во комплет со името и промена на Уставот. Овој „македонски иредентизам„ ме наведе да се осврнам на некои моменти од историјата од што може да се види зошто толку многу Грците се осетливи на прашањето со иредентизмот. Многу е важно што Грците под иредентизам подразбираат  и задирање во македонскиот национален и јазичен идентитет преку називот на името што ќе се договори. Поради ова ќе се послужам со факти од историјата за да се види од каде произлегува Грчкиот страв од наводен наш иредентизам.

Малку историја. Римјаните ја освоиле Македонија некаде околу 168 година од новата ера (Хераклеа) и ја поделиле на Македонија Прима (Прва) и Македонија Секонда (Втора). По поделбата на Римското царство во 395 година од н.е. Македонија била инкорпорирана во Источното Римско царство или Византиската империја. Во овој  византиски период  постоело ново царство што го создале македонските Словени, и траело од 976 година до 1018 година. Владетел бил цар Самоил кој Охрид го претворил главен град на царството а Охридската архиепископија ја воспоставил на ниво на патријаршија. Во крајот на 14-тиот  век отоманските Турци  го освоиле Балканот. Скопје било освоено од Турците во 1392 година, а Солун му се предал на султанот Мурат II во 1430 година, со што завршило целокупното инкорпорирање на Македонија во Отоманската империја. За време на Византија, поточно од византиските  хроничари Словените кои се населиле од 550 до 650 година по н.е. и останале да живеат   во Македонија ги нарекувале македонски Склавини.

Со помош на големите сили Англија, Франција и Русија чија флота во 1827 година ја уништиле турската и египетската флота кај Наварин, Грција во 1832 година го ослободи Пелопонез и делот до Тесалија и Грција стана независна држава (Тесалија, Епир и Македонија остана под Отоманска империја). Србија во 1815 година доби автономија во вазален однос спрема султанот а во 1878 година со Берлинскиот конгрес стана независна држава. Исто во 1878 година и Бугарија стана независна кнежевина со помош на Русија, со тоа што во 1885 година кон неа се спои и Тракија (Источна Румелија).

Македонија во целиот географски простор остана во состав на  Отоманската империја се до Балканските војни 1912-1913  година. Сите три држави Грција, Србија и Бугарија имаа освојувачки амбиции на делови од Македонија, што се реализира со двете Балкански војни кога Македонија беше поделена меѓу Грција (34.603 м2), Србија (25.714 м2) и Бугарија (6.789 м2). Ова се познати работи на македонската јавност, па нема потреба од поголемо елаборирање, посебно за случувањата во Егејска Македонија каде Грците извршиле присилна асимилација на Македонското население.

За промена на структурата на населението во Егејска Македонија малку е познато на нашата јавност, за кое нешто ќе споменеме. Спрема грчкиот историчар Ставраниос во Егејска Македонија, пред почетокот на Балканските војни, имало: 367.343 Бугари (Македонски Словени, 34%), 294.213 Турци (27%), Грци (24%) и Останати  (Евреи, Власи, Цигани, Албанци и други) 158.217 (15%) или вкупно 1.073.549 население. Со Договорот од Лозана од 1923 година склучен меѓу Турција и победената Грција извршено е размена на население и се иселиле околу 300 илјади Турци а се населиле од Мала Азија околу 600 илјади Грци, а  во периодот 1913-1920 присилно биле иселени околу 100 илјади Македонци во Бугарија а од таму (Тракија) биле доселени околу 200 илјади Грци. После размената на население и вселување на Грци од Мала Азија и Бугарска Тракија , структурата на населението во Егејска Македонија  се променило и Грците од 24% стануваат 71% од вкупното население, а Македонците од 34% се намалило на 18%.

После асимилацијата и иселување на Македонците од Егејска Македонија претежно во Америка, Канада и Австралија и Граѓанската војна во Грција, сега не се знае колку Македонци има претежно во западниот дел на Егејска Македонија (Воден, Лерин и Костурско). Сум посетил многу мали места во Егејска Македонија (Желео – Antartikon, Штрково – Plati,  Герман – Agios Germanos, Нивице – Psadori, Ранци – Ermakia, Пожарско – Lutraki, Зрново – Kato Nevrokopi, Гуменџа – Polikastro и многу други), Македонците во селата меѓу себе зборуваат на грчки јазик, постарите по дома зборуваат (не стално) и на македонски јазик, а младите не знаат македонски и зборуваат само на грчки јазик. Кога ќе изумрат постарите Македонци, сите („сете„) ќе зборуваат само грчки…

Ова кратка историја, напред изнесена, е направена со намера да се види дека Македонија низ историјата никогаш не била Грчка, Македонија постанала Грчка после Балканските војни 1912-1913 година. До 1988 година Грците Егејскиот дел на Македонија го нарекуваа Северна Грција, а после таа година им текна да ја нарекуваат Македонија и оттогаш наваму тврдат дека Македонија била Грчка од секогаш, од античко време па до денес!

Научните кругови во Грција ја знаат историјата, добро знаат што се случило со Македонија и како постанала Грчка, но народната маса, особено младите Грци веруваат дека Македонија од секогаш била Грчка. Не е случајно што на протестите во Солун и во Атина, Грците барат зборот „Македонија„ да не се содржи во името што ќе се договори, под изговор дека во спротивно тоа претставувало иредентизам од наша страна и го загрозувал нивниот идентитет! Исто и опозицијата, Грчките националисти и ултра националисти („Златна зора„) сите во хор трубат  на цел глас дека „Македонија е само Грчка„ што влијае на процесот на преговарање за името, посебно и му отежнуваат на грчкиот премиер Ципрас кој можеби има искрени намери да се најде решение за името прифатливо за двете страни.

Се поставува прашањето зошто Грците упорно се држат за наводно нашиот иредентизам, дека имаме претензии на грчки територии од Егејска Македонија иако и тие и ние знаеме дека таквата претпоставка е нереална, нити може да се изведе во 21 век! Во секој случај, под маската на така наречениот „македонски иредентизам„  Грците сакат да ги протурат, покрај името, сите други прашања поврзани со националниот и јазичниот идентитет преку севкупна (ерга омнес) употреба на името  за меѓународна и внатрешна употреба, промена на уставот и секакви други детали во кои „се крие ѓаволот„. Наводниот македонски иредентизам го користат итромански да ги протнат сите нивни барања, нивните многу црвени линии што повеќе личат на непромостиви  барикади кои го блокираат процесот на преговарањето. Доколку не се ангажираат големите сили, Америка и ЕУ, во решавање на спорот со името, шансите за неговото решавање се минимални, исто онака како што Англија, Франција и Русија и’ помогнаа на Грција да стекне независност во далечната 1827 година!

Се поставува прашањето зошто  Грците го измислија „македонскиот иредентизам„ како алатка за добивање на сите нивни барања? Одговорот е едноставен –  за да го прикријат пред светот заземање на македонски територии во 1912 – 1913 година и се’ она што се случуваше после тоа со присилната асимилација на Македонците во Егејскиот дел на Македонија, тие го измислија таканаречен „македонски иредентизам„! Тој не постои ни ним им е потребен!

Да се вратам на почетниот цитат, Грците кои извршиле таков насилен геноцид над Македонците  во Егејскиот дел на Македонија, народ балкански, го користат македонскиот иредентизам во преговорите за да го прикријат геноцидот што го извршиле! Грците не се свесни дека и со примена на името не можат да ја избришат националната меморија на Македонците дека тие извршиле геноцид кој не може да се заборави! И да се смени името, меморијата на Македонците останува…

Ова ќе го завршам со еден виц. Кога некој Перо одел кај свој пријател, неговиот папагал му викал: „Перо педер„. Перо го замолил пријателот неговиот папагал да не го вика педер и по наредната посета, папагалот му вели: „ Перо, знаеш, знаеш!„ Па и ние, и кога ќе го смениме името ќе знаеме што се случило…

Итри Грци, нема што…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.