Кога оданочувањето ги казнува оние кои треба да се охрабруваат

Би имал верба во оваа мерка на владата кога нејзините министри немаше да трошат по 15.000 евра за вечери по ресторани и кога пратениците во Собранието немаше да земаат надомест за патни трошоци поголеми од нивните плати.

1767

Кога државите најавуваат преземање на одредена реформа, тогаш во јавноста се отвора  дебата и различни мислења во врска со позитивните ефекти или последиците кои може да ги предизвика истата, особено кога јавноста се сомнева дека таа мерка може да биде погрешна.

Една ваква дебата се одвива деновиве во нашата земја по најавите на министерот за финансии, Драган Тевдовски, дека за граѓаните кои имаат примања над 1.000 евра данокот на доход скоро ќе се удвои од 10%, колку што изнесува актуелно, на 18%.  Министерот, дури и премиерот, оваа мерка ја оправдаа како мерка за остварување на социјална правда, преку која лицата што заработуваат повеќе треба и повеќе да плаќаат. Вреди да се напомене дека, барем досега, ова објаснување е прилично магливо, поради фактот што не е јасно дали преку оваа мерка се настојува ублажување на сиромаштијата, односно постигнување социјална правда или собирање на повеќе даноци за да се зголемат приходите на државата.

За почеток вреди да се каже дека со месечна плата од 12.000 денари не плаќаат ист данок со тие кои имаат плата од 60.000 денари. Една симплифицирана калкулација нѐ доведува до резултатот дека тие со плата од 12.000 денари плаќаат данок во износ од 1.200 денари, додека тие со плата од 60.000 денари плаќаат 6.000 денари.
Оваа мерка најавена од министерот за финансии е и дискриминаторска, и тоа поради едноставниот факт што тие кои поради нивната способност, значи не поради условите создадени од државата или високиот стандард, успеваат да реализираат повисоки примања, државата преку зголемувањето на данокот на доход, односно преку воведување на прогресивно оданочување, на некој начин ги казнува. Тоа значи дека тие со поголеми вештини државата ги казнува.

Министерот за финансии, исто така, најави дека само 2% од населението остваруваат месечни примања повисоки од 1.000 евра. Ако се земе предвид нискиот процент на оваа категорија, се создава впечаток дека владата добро ја има пресметано изборната штета која може да ја предизвика оваа мерка продавајќи ја таа како битка за социјална правда. Во оваа насока изгледа издржлива констатацијата на неколку претставници на стопанските комори и неколку академици кои оваа мерка ја оценија како чист политички популизам. Иако овој процент е мал, со право реагираа од информатичкиот сектор изразувајќи незадоволство дека една таква мерка  влијае обесхрабрувачки врз нивниот сектор и дека може да влијае информатичарите и ИТ инженерите да ја напуштаат земјата. Значи, во време кога интернетот и технологијата наоѓаат се поголема примена (употреба) во бизнисот, наместо државата да го охрабрува овој сектор каде тие преку претприемнички иницијативи, преку создавање на микро-компании би ја зголемиле економската активност на нивниот сектор, а воедно да ја апсорбираат невработеноста и да помагаат во генерирање на развој кој би донел и повеќе даноци за државата, таа најавува дека ќе ги зголеми даноците.

Додека траеше ова дебата, министерот за Информатичко општество, Дамјан Манчевски, на една прес-конференција објави  дека процентот на граѓаните кои вршат онлајн трговија е многу низок. Иако овој процент во земјите на Западна Европа е околу 70%, во Македонија таа едвај достигнува 19.5%. Иако, 74% од граѓаните на Македонија активно го користат интернетот. Според податоците на Народната банка, во текот на минатата година онлајн трговијата достигнала износ од 105 милиони евра, од кои 70% од трансакциите се кон странските трговци. Што значи дека стотици милиони евра излегуваат од државата. Во ваква ситуација, министерот за финансии, заедно со министерот за Информатичко општество требаше да отпочнат едно стратешко партнерство со секторот на информатичка технологија за изнаоѓање на решение како да се зголемува процентот на онлајн трговијата, и генерално онлајн трансакциите, особено како да се зголемува процентот на оваа трговија со домашните компании за да се овозможи поголем дел од овие пари да циркулираат во домашната економија.

Зголемувањето на данокот за еден сектор, односно за една категорија на граѓани, кои во услови на слободен пазар успеваат да се снаоѓаат подобро, може да ја обесхрабри економската активност и понатамошните инвестиции, дури во услови на Македонија може да ја зголеми даночната евазија, оставајќи простор за неформалната економија, при што штета би претрпела самата држава.  Ако одреден сектор работи добро, државата треба да направи се што е во нејзина моќ, ставајќи на располагање на овој сектор повеќе средства, поевтини кредити, ниски даноци, субвенции и мерки за поддршка сѐ со цел зголемување на економската активност, која во економски термини подразбира раст, намалување на невработеноста, и несомнено, повеќе данок за државата.

За крај: би имал верба во оваа мерка на владата кога нејзините министри немаше да трошат по 15.000 евра за вечери по ресторани и кога пратениците во Собранието немаше да земаат надомест за патни трошоци поголеми од нивните плати.

Во овој случај сигналите за социјална еднаквост треба да доаѓаат од горе, од владата, од министрите и пратениците, а не од тие кои својата плата ја заработуваат со својата пот.

Авторот Орхан Муртезани е Член на Централното претседателство и портпарол на Движењето БЕСА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.