Македонија денес

И додека ние водиме кампања „За секое дете дрво“, кампањата на УНИЦЕФ е „За секое дете, живот“. Ама тоа ти е! Ако успеат да се испилат, тие деца на Први април ќе можат да се маскираат како Хитлер! А тоа и нивните родители и продавницата каде што таква - ДЕТСКА - маска може легално да се купи, гордо ќе го покажат на социјалните мрежи.

961

Секое новороденче ќе добие свое дрво! Потпишал градоначалникот Шилегов. Тоа се мисли на оние што ќе го преживеат раѓањето во македонскиот здравствен систем. Не знам какво обележје се планира за оние несреќни души на бебињата што умираат при раѓање. Стапката на смртност на новороденчиња, според УНИЦЕФ, во Македонија е 8,3. Тоа се 8,3 на секои илјада новородени што нема да преживеат 28 дена од раѓањето. Македонија „високо“ котира по оваа стапка – втора во Европа! И додека ние водиме кампања „За секое дете дрво“, кампањата на УНИЦЕФ е „За секое дете, живот“. Ама тоа ти е!

Ако успеат да се испилат, тие деца на Први aприл ќе можат да се маскираат како Хитлер! А тоа и нивните родители и продавницата каде што таква – ДЕТСКА – маска може легално да се купи, гордо ќе го покажат на социјалните мрежи.

Кога ќе по попораснат и ќе почнат сами по улици да одат, ќе треба да се научат дека пешачкиот премин не е најбезбедното место за преминување улица, бидејќи оние во возилата токму таму не ќе застанат. Тоа кога ќе преминуваат улица, зашто тие, дури и враќајќи се од училиште, ќе мораат по улица и да одат, бидејќи тротоарите се резервирани за возила! И легално и нелегално паркирани. Како и да е, и тоа е бенефит за градските каси (ви текнува пак на дрвата?).

Брзо-брзо ќе стигнат до тинејџерски години и ќе се тргнат од улиците по кафулиња. И тие се исто така раширени по тротоарите, па барем ќе се соберат децата од улица. Таму во објекти од три страни „отворени“ ќе можат да се соберат однадвор кога ќе се издаваат оние соопштенија со апели да не се излегува надвор бидејќи воздухот е загаден! Во кафулињата е подобро особено откога дојде живот за сите, па и Законот за пушење се смени, па сега не мора да се оди надвор да се пуши, туку тоа онака фино ќе се прави и внатре. Дури и во објекти каде со свои очи ќе гледате три ѕида со прозорци и завеси а тие ќе ви викаат отворено било. Но, тука повторно доаѓа до израз оваа битна кампања „дрво за секое дете“! Загадуваме, ама и чистиме! А плаќате, вие!

И дур сте виделе – тие мали фиданики пораснале во жилави дрвја. И тогаш тек ја гледате важноста на дрвата, бидејќи од секое дрво шупелка не бидува! Најубаво „свират“ оние партиски маркирани. А и брзо напредуваат. Од школо, во партија; од партија на државна работа! Зошто дојде живот за сите, ама тој живот само партијата може да им го даде на другите. И така во служба на другите – остваруваме! Битно е да се запоседнат фотелјите, бидејќи работните места се и онака одамна распоредени и не можат да се одземат. Затоа „ние“ ќе раководиме, а „тие“ ќе држат места. Ќе платиме „независни“ комисии да работат и да прават избори, уредувања и издавања.

Се дури не излезе „плодот на нашата работа“!

И сега што?

Ми се чини дека Владата има темплет со содржина „Владата бара од директорот … и Агенцијата за … да се истражи случајот со … и да се утврди дали имало нарушување на законски пропишаните постапки за … До колку се утврди незаконско работење, Владата апелира да се преземат сите чекори за расчистување на случајот и за пронаоѓање на одговорните за стореното незаконско дело.“

Зашто тоа имплицира дека никој од тие што ги знаеме, вклучувајќи ја и Владата, не се одговорни за стореното. А и не се! До дрвата и до шупелките е!

И конечно – дрвата се важни и не само затоа што со нив може да се одбележи, ете, дури и раѓање (и да се прекине со традицијата на мекици, хахаха!). Дрвата го чистат воздухот што го загадуваме, дури и со законски одредби. Но, од дрвата се прави и хартија на која – повторно со наши пари – се печати поезија, и тоа за нашите млади генерации одбележани со дрво за секое дете! Поезија во која се велича, што ако не пушењето, без разлика дали е тоа на цигари или корнишони.

И дури го бараме виновникот, а директорот (кој бил не само кадар ама и потпретседател на подмладок!) им грака на новинарите „а што ако некој вас ве стави уредник без ваше знаење, а, што, што ќе правите?“, и вие гледајќи велите „што ме снајде?“ – караванот врви: денеска преговарачот министер ќе ги брифирал „релевантните“ за текот на преговорите за името!

Абе јас на вас ни дрво не би ви дала да засадите – ќе го исушите и него како што се исушија и палмите на Коце – а камо ли па државата да ја водите и за име да преговарате! И да се разбереме (бидејќи има шупелки што ќе нарипаат на ова!): јас лично поддржувам изнаоѓање решение за името и целосна и брза интеграција на Република Македонија во ЕУ и други евро-атлантски интеграции. Особено што знам дека само во еден друг поширок систем вредностите сами по себе ќе се наметнат, и вакви партиски проблесоци ќе бидат маргинализирани. Но, мојата доверба во оваа гарнитура е загубена и одамна ми е јасно дека таа нема ниту капацитет, а богами ни интерес да направи суштински пресврт.

А кога ќе ми текне дека уште не е ни година до 27 април! (толку бргу го потрошивте сиот кредит што ви го дадовме).

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.