МОН: Во ОУ „Владо Тасевски“ нема шуга, случајот е изолиран

88

Министерството за образование и наука демантира објави во некои медиуми дека во основното училиште „Владо Тасевски“ во Карпош има зараза откако едно дете доби шуга, наведувајќи дека се работи за изолиран случај за кој родителот пријавил минатиот четврток.

– Ја уверуваме јавноста дека во училиштето нема појава на заразна болест, а родителите можат да бидат спокојни и сигурни дека нивните деца се безбедни. Станува збор за случај пријавен минатиот четврток од страна на родителот на детето, за изолиран случај што се јавува во одредено семејство, кој е совесно пријавен од страна на родителот – соопшти МОН.

Министерството посочува дека по добивањето на пријавата, директорката на училиштето веднаш презела итни превентивни мерки, и Центарот за јавно здравје направил систематски преглед кај другите учениците по што било утврдено дека нема присуство и други случаи на заразна болест во училиштето.

Општина Карпош вчера информираше дека ученик во „Владо Тасевски“ бил заразен со шуга и дека по извршени медицински прегледи кај други ученици нема зараза. Преземени се и мерки за дезинфекција и дезинсекција за целосна заштита на учениците за да се спречи ширење на заразата во просториите на училиштето.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.