Моќта на бесмртните брендови 

Што е тоа со што Македонецот утре ќе се пофали и ќе се докаже како успешен, иновативен и оригинален произведувач на вредности, а не само како трговец и сопственик на парче територија претворено во кванташки пазар, каде што може да се купи сѐ и сешто, ама ништо - македонско?

3283

Драги мои, можете ли да се сетите на еден македонски бренд – покрај името Македонија, за кое жестоко се бориме – што опстанува повеќе од неколку децении, повеќе од годините колку што оваа земја е независна?

Не дека нема такви брендови. Има, ама ги нема многу. За да не бидам обвинет дека сум пристрасен кон настанот на кој присуствував денеска, еве, ќе спомнам еден таков препознатлив и оригинален бренд. „Пелистерка“. Помладите можеби не знаат, но зборот пелистерка долго време беше синоним за кисела вода. Ако сакавте да нарачате кисела вода во кафеана, ќе кажевте – дај една пелистерка.

Денеска беше промовиран уште еден таков, силен, оригинален македонски бренд. Препознатлив во една индустрија со страшна конкуренција, што само ја зголемува неговата вредност. Препознатлив не само на локално ниво, туку и на поширокиот регионален пазар. Станува збор за брендот „Бекутан“ на „Алкалоид“, кој денеска го прослави својот 40-ти роденден. „Бекутан“ е бренд со кој растевме од деца, заедно со бесмртните брендови „Вегета“, „Горење“, „Бамби“, „Кокта“ и уште неколку други.

Да се разбереме, ова не е пи-ар објава. На „Алкалоид“ не му се потребни моите фалби, особено не овде, во оваа рубрика. Поентата ми е друга. Би сакал сите ние да се запрашаме што е тоа што Македонија произведува во овие години независност и со кои брендови од типот на „Бекутан“, на пример, утре ќе конкурира на европскиот пазар. Зашто, кога ќе ни се отворат европските парти и кога ќе се соочиме со предностите на петстомилионскиот пазар на стоки, услуги и идеи, ќе се соочиме и со жестоката конкуренција на европските и светски брендови.

И да нагласам – не мислам само на брендови од т.н. материјално производство, туку и на брендовите од културната и воопшто, од духовната сфера. Што е тоа со што Македонецот утре ќе се пофали и ќе се докаже како успешен, иновативен и оригинален произведувач на вредности, а не само како трговец и сопственик на парче територија претворено во кванташки пазар, каде што може да се купи сѐ и сешто, ама ништо – македонско?

Навистина, што?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.