На Самитот ЕУ-Западен Балкан Бугарија ќе го почитува неутралниот статус на Косово

На Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој во мај ќе биде одржан во Софија, Бугарија во целост ќе го почитува неутралниот статус на Косово, соопшти портпаролката на бугарското претседавање со ЕУ Геновева Червенакова.

163

На Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој во мај ќе биде одржан во Софија, Бугарија во целост ќе го почитува неутралниот статус на Косово, соопшти портпаролката на бугарското претседавање со ЕУ Геновева Червенакова.

Таа потенцираше дека Бугарија е свесна за важноста на прашањето за односот кон Косово на членките на ЕУ кои не ја признале таа земја.

– Со тие земји блиску соработуваме билатерално и на други начини, изјави Червенакова за „Вечерње новости“.

Претходно, Шпанија соопшти дека не е согласна со тоа Косово на тој Самит да има третман на држава. „Вечерње новости“ наведе дека Бугарија сега забрзано преговара со Мадрид за да најде соодветно решение.

Бугарија ги уверува и Романија и Кипар, кои исто така, изнеле резерви во однос на присуството на косовските власти дека на Самитот нема да се задира во статусните прашања. Словачка, која исто така не ја признава независноста на Косово, разгледува модалитети за учество на приштинските власти.

Српската премиерка Ана Брнабиќ вчера изјави дека е политички нонсенс Косово да присуствува на Самитот во Софија како држава и оти Белград, во зависност од потезите на приштина за основање Заедница на српски општини, ќе одлучи дали ќе присуствува на тој собир.

Червенакова нагласи дека цел на Бугарија е Самитот да се организира за сите 28 земји-членки и сите да бидат претставени на највисоко ниво, а потоа да се испрати порака на заедништво во врска со европските интеграции на Западен Балкан, што е еден од приоритетите на бугарското претседавање.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.