Паразит кој ги демне децата на игралиштата и може да влијае на нивниот мозок

652

Милиони деца се изложени на еден паразит кој може да влијае врз нивното дишење, функцијата на црниот дроб, видот, па дури и интелигенцијата. А сепак, повеќето лекари за ова не се ниту свесни.

Црви од родот токсокара живеат во цревата на кучињата и мачките, особено кај скитниците. Јајцата на токсокарите се наоѓаат во фекалиите од животните и ги загадуваат дворовите, игралиштата и дупките со песок, пишува Лора Бил во Њујорк тајмс, а пренесува Недељник.

Овие паразити се закачуваат за рацете на децата што играат надвор. Кога детето ќе ги голтне, јајцата набрзо се изведуваат и испуштаат ларви кои поминуваат на телото и, доказите сугерираат, можат да стигнат до мозокот загрозувајќи ја така способноста за учење и сознанија.

Центарот за контрола на болести и превенција во Соединетите Американски Држави периодично ги следи тестовите позитивни на токсокарата преку истражувањето на националното здравје и исхраната. Според најновиот извештај објавен во септември во списанието Клинички инфективни болести (Clinical Infectious Deseases), околу пет отсто од населението на САД – околу шеснаесет милиони луѓе – има во крвта антитела на токсокара, што е знак дека проголтале јајце.

Ризикот не е рамномерно распределен. Сиромашните и малцинствата често се повеќе изложени. Стапката меѓу Афроамериканците е речиси седум проценти, покажуваат податоците на Центарот. Меѓу сиромашното население, стапката е 10 проценти.

Можноста да се биде позитивен на тестот се зголемува со текот на годините, но засега не е познато дали причината е скорешна инфекција или акумулација на антитела од минатото.

Д-р Питер Хотец, декан на Националната школа за тропска медицина на Медицинскиот колеџ Бејлор во Хјустон, вели дека токсокарата е еден од најчестите паразити, но и најзапоставената.

– Знаеме дека во некои случаи е поврзана со пониската интелигенција и епилепсијата – вели тој. „Така што, ако ги погледнете децата кои живеат во сиромаштија и кои послабо поминуваат на училишните тестови, мора да се запрашате кај колкав процент од нив причината е овој црв“.

Малку истражувања се направени, па дури ниту основните прашања немаат одговори, како на пример колку често проголтаните јајца резултираат со инфекција.

Истражувањата покажуваат дека сопствениците кои редовно ги носат своите миленици кај ветеринар ретко имаат токсокара. Посиромашните делови на градовите имаат непропорционално поголем број на кучиња скитници.

Во некои случаи, ларвата на токсокарата може да влезе во окото и да предизвика слепило. Исто така може да го зарази црниот дроб и белите дробови и да резултира со штетно воспаление.

Знаците на инфекцијата обично се посуптилни: блага треска, замор, болка во стомакот и кашлица – симптоми кои можат да се припишат на бројни болести. Ретко кој педијатар му текнува да го тестира детето на токсокара.

Ако не се лекува, инфекцијата може да трае со месеци, па дури и со години, „но не сме сигурни“, вели д-р Хотец.

Една студија објавена во октомври покажа дека 85 педијатри признале дека само слушнале за инфекцијата – токсокаријаза, но дека, со оглед на симптомите, помалку од половина од лекарите умеат да ја препознаат.

Откако инфекцијата ќе се препознае, таа треба да се третира со антипаразитскиот лек албендазол, вели д-р Хотец.

„Никој не умира од ова“, вели тој, „но оваа инфекција може да предизвика развојни проблеми кои влијаат на квалитетот на животот, а економските последици се уште поголеми затоа што децата може да бидат заробени во сиромаштија“.

Хотец во 2014 објавил труд во списанието „JAMA Psychiatry“ во кој наведува дека паразитските инфекции како токсокаријазата треба да се смета „како пообемен но прикриен товар на менталните болести во САД“.

Силија Холанд, професор по паразитологија на Тринити колеџот во Даблин, спроведе експеримент што покажа дека глувците кои имаат ларва на токсокарата во мозокот имаат намалена способност да учат и се помалку склони да истражуваат.

Колку е повисок степенот на инфекцијата, толку е поголема штетата. Продолженото истражување со глувците со екстремна инфекција морало да биде прекинато од етички причини, бидејќи нивните локомоторни способности биле нарушени, додаде професорката.

Една од ретките студии што испитувала дали когнитивните способности се поврзани со инфекцијата со токсокара се објавени во списанието „International Journal for Parasitology“. Автори се двајца истражувачи од Медицинскиот центар на Њујорк.

Споредувајќи ги податоците од целата земја, тие откриле дека резултатите од тестовите се пониски кај децата кои биле позитивни на токсокарата, дури и кога биле земени предвид и други влијанија како што се приходот во домаќинството и нивото на олово во крвта. Друга студија на истражувачи од Универзитетот Бригам Јанг во Прова, Јута, објавена во 2015, покажала слични резултати кај возрасните.

Штетата не делува претерано сериозно, што веројатно е причина зошто толку малку внимание се посветува на токсокарата. „Она што не го гледаме е полесно да се игнорира“, вели Ленс Ериксон, професор по социологија на Универзитетот Бригам Јанг. „Нема некоја емоционална приказна во која тоа можеме да го спакуваме“.

Д-р Силија Холанд вели дека на луѓето им е тешко да прифатат дека постојат последици од инфекцијата. „Ние всушност не знаеме кои се точно последиците, што е фрустрирачко. Овие ларви одат низ мозокот, тоа не е нешто што било кој родител ќе го поздрави“, рече таа.

Подготви: А.Ј.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.