Поларизацијата на граѓаните е профитабилен бизнис

Поларизацијатана граѓаните е профитабилен бизнис, што може да се види и од приходите кои ги остварува Фокс њуз и сличните политички радио програми.

134

По Брегзитот и победата на Трамп, изборите во Италија каде што најголем успех постигнаа популистите и екстремната десница – сигурно само ќе го зајакне верувањето на либералите дека самите граѓани се виновни за власта што ја избираат. Според ова разбирање, „обичните“ граѓани се толку ирационални и слабо информирани што неизбежно прават катастрофален избор. Некои автори одат и чекор понатаму припишувајќи им на избирачите тенденција кон антидемократски лидери. Тоа во својот наслов го тврди Јаша Мунк во книгата: „Народот против демократијата“, пишува Jan-Werner Müller за Проект синдикејт, а пренесува Пешќаник.

Ваквите дијагнози се длабоко погрешни, бидејќи премногу се фокусираат на уверувањата на луѓето, а премалку на структурните причини за акумулираните закани за демократијата. Така од актуелниот подем на популизмот се извлекуваат погрешни практични лекции.

Ако навистина верувате дека гласачите се некомпетентни или нелиберални, очигледен следен чекор би бил (уште повеќе) да им се намали правото на донесување одлуки во општеството. Меѓутоа, наместо вртење кон технократија подобро би било да се обидеме да ги разбереме специфичните структурни проблеми кои го овозможија подемот на популистичките политичари.

Има полно докази дека граѓаните не се толку добро информирани како што теоријата на демократијата би сакала. Особено во САД, политиколозите покажаа колку е реалната слика на нацијата драстично различна од тоа што го читаме во учебниците за граѓанско образование. Но изборите не се тест за граѓанско образование, ниту испит на мастер студии. Гласачите не мора да поседуваат детално знаење, ниту преференции за прашања поврзани со јавните политики; општата ориентација и способноста да се препознаат сигналите кои им ги испраќаат авторитетите од доверба – политичари, новинари, или, не дај Боже, експерти – може да бидат сосема доволни.

Проблемот се јавува кога граѓаните почнуваат на секое прашање да гледаат исклучиво низ призмата на партискиот идентитет, така што, на пример, убедувањето за климатските промени зависи од тоа дали сте републиканец или демократ. Работите се влошуваат дополнително кога ниту еден аргумент за легитимноста на другата страна веќе не допира до вас.

Трамп не беше избран како кандидат на движењето grassroots на гневните бели губитници од глобализацијата, туку како лидер на партијата на постоечкиот поредок. Долго време пред неговата појава оваа партија и нејзините навивачи од десничарските медиуми почнаа со демонизација на противниците, и им зборуваа на своите следбеници дека по ниедна цена не смеат да гласаат за „ социјалисти од европски тип“ и останатите неамерикански чудовишта. Така, и републиканците кои признаваат дека Трамп не е квалификуван за претседател, на крајот гласаа за него.

Во САД, социјалната поларизација не е објективен одраз на дадените културни разлики; таа барем делумно е последица на свесен проект на елитата да ја подели земјата заради политичка, а често и лична добивка. Да не заборавиме, поларизацијата е исто така и профитабилен бизнис, што може да се види и од приходите кои ги остварува Фокс њуз и сличните политички радио програми.

***
Набљудувачите кои тврдат дека Европа е длабоко поделена на либерално-демократски запад и на исток, каде што не-либералните гласачи ги доведоа на власт популистите – ја прават истата грешка, објаснувајќи ги сите политички исходи со термини од културата. И тие ги припишуваат авторитарните резултати на тоа што избирачите наводно „навистина сакале“.

Но, да се потсетиме на клучните избори во Унгарија во 2010 или во Полска во 2015: гласачите направија токму она што теоријата на демократијата им препорачуваше да направат во двопартиски систем. Во Унгарија, лошите економски резултати и корупцијата ја дискредитираа најсилната левичарска партија, така што дојде време да се гласа за другата страна. Во Полска, Граѓанската платформа, владејачката централно-десничарска партија, имаше одлични економски резултати, но по многу години на власт стана премногу самозадоволна.

Во 2010 година, Виктор Орбан не ветуваше во предизборната кампања дека ќе го менува Уставот, ќе ги ослабне независните тела и радикално ќе го намали плурализмот во медиумите. Напротив, тој се претставуваше како компетентен демохристијанин. Во Полска, Партијата на правото и правдата со сите сили се бореше да се докаже како разборита конзервативна партија која сака само да обезбеди повеќе права за семејствата со деца.

Откако ќе се најдат на власт, популистите како Орбан се впуштаат во тотална културна војна. Во име на „обединувањето на нацијата“, тие го делат општеството и играат на можноста дека, откако ќе воспостават контрола врз медиумите, ќе бидат во можност да манипулираат со јавното мислење како сакаат, со што ќе си обезбедат опстанок на власт.

Како и во САД, важно е да не се пролеваат солзи над авторитарните тенденции на народот; неопходно е да се фати во костец со структурните проблеми кои го овозможуваат подемот на популистите. На пример, не е неточно сѐ што зборуваат популистите за „губитниците од глобализацијата“; ниту пак секогаш е погрешно да се сомнева дека некои делови од земјата се заробени од страна на интересовните групи. Но, тие секојдневни грижи треба да ги артикулираат медиумите и политичките партии. Токму медиумите и партиските системи во многу земји очигледно потфрлаат и имаат потреба од систематска реконструкција.

Да се разбереме, подобро граѓанско образование е исто така од голема корист. Таквото образование е занемарено со децении, затоа што не се вклопува лесно во образовната програма која се потпира главно на стандардизирани тестови. Ако се спроведува на соодветен начин, граѓанското образование бара многу време, и така на прв поглед го одвлекува вниманието од предметите што се чинат корисни на краток рок, така што понепосредно придонесува за економскиот успех. Меѓутоа, граѓанското образование во голема мера може да им помогне на младите луѓе да научат како да се справат со несогласувањата и да ги признаат своите сограѓани како легитимни противници во демократските конфликти.

Културните разлики нема да исчезнат, ниту пак треба да исчезнат, но ако научиме како да живееме со нив, популистите нема да успеваат во својата намера да ги користат како политичко оружје.

Подготви: А.Ј.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.