„Потопот“ и после него

Патриотизмот и национализмот се голем амалгам на популизмот. Но тоа водеше во друга насока.

592

Духовната пустош што остана зад диктатурата на Никола Груевски и неговата клика, наметна потреба повторно да се отвори дебата за враќање на изворните социјални значења и функции на општествените вредности. Дебатата нема задача да ги редефинира поимите општествени вредности и нивните составни елементи, туку да даде придонес во нивното реанимирање и реактуелизирање во социјалните односи, бидејќи општествените вредности беа жива практика во преддиктаторското секојдневие на македонското општество. Потребата за ваква дебата произлегува од фактот дека вистинските вредности (дружељубивост, хуманост, пријателство, солидарност, љубов и други) во ненародниот режим беа или игнорирани од власта и властодршците или пак им беа давани пежоративни значења и поимања. Доминираше само една вредност – богатење, но извитоперена како формула: богатење по секоја цена, со малку труд – со многу крадење.

Во тој познат диктаторски танц со обезвреднетите вредности особено е интересна „судбината на ПАТРИОТИЗМОТ, како една од врвните социјални вредности. На идеолозите на диктатурата им беше сосема јасно дека оваа вредност има голема улога во популистичката политика. Патриотизмот и национализмот се голем амалгам на популизмот. Но тоа водеше во друга насока. Ваквата комбинација го подели општеството на многу конфликтни групи, кои генерално имаа две страни – патриоти и предавници. Мала група на луѓе-властодршци беа патриоти, а огромната маса на граѓани особено оние кои беа со спротивни идејни гледањана доминантната политика.

Во историјата на македонската држава никогаш до тој момент немало толкава продукција на предавници. Исклучивоста на луѓето одеше до таму што патриотизмот беше ексклузивно право на владеачката (малцинска) структура. Вака заробениот патриотизам се надополнуваше и напојуваше на три генерални идеи врз кои почиваше идеологијата на фашисоидната владеачка структура – примитивниот национализам, антиквизацијата и Швајцарија на Балканите… Врзник на сето тоа беше властољубието по секоја цена, без разлика на стравичните последици што се таложеа врз македонскиот социум. Воедно сите три идеи се надоврзуваат на т.н. Балкански национализам, според кој, секој од балканските народи се доживува како митски народ, секој поединечно е најстариот на Балканот и основоположник на цивилизацијата. Сето тоа е проткаено со доза на мистика и на ирационалност…

Во македонската тријада патриотизам – национализам – властољубие првото (најниското) ниво почива врз слоганот Македонија вечна и Македонија мајка на светот, некаква митска претстава за Македонија во предисториска измаглина налик на Биг Бенг-от (од што настанал светот). Во Библиски стил – прво беше Македонија и Македонците па потоа почна светот… Македонија е библиска земја, спомнувана 36 пати во Библијата… Втората сторија се врзува со Александар Македонски која резултираше со т.н. антиквизација, со која се бришеа словенските корени и се пласираше идејата за директно потомство на Македонците со Александар Македонски и Античките Македонци… Трета илузија е претставата за Швајцарија на Балканите.

Оваа претстава е концепт во кој нема место за НАТО и ЕУ, концепт според кој во време на незапирлив наплив на глобализација и интегративни процеси во современата меѓународна заедница, Република Македонија би требало да остане независна држава на Балканот… Варијанта е дека се може без НАТО, или дека се може без ЕУ…

За амбициите на овој текст не е битно каде се изворите на ваквите идеи… Битно е дека ова е разногласие, кое влечe негативни реперкусии врз националната слога и солидарност, рејтингот на земјата, бидејќи на свој начин ги замаглува реалните состојби, но и цели со кои е можна перспективата за просперитетна европеизирана држава.

Интересно е дека ниту една од горенаведените митски претстави не нуди одговор на прашањето како микро држава (во моментов најсиромашна на Европскиот континент) може да се справи со сите предизвици што постојат во меѓународната немилосрдна арена. Пукаат границите на затворените заедници, интеграциите стануваат реалност, а ние запретани во своите митови за „големата македонска приказна”, и за „космичката неправда кон библискиот народ (Македонците)”, не сакаме да се соочиме со голата вистина дека државичкава секојдневно се намалува зашто тие на кои треба да им ја оставиме иднината секојдневно во колони заминуваат на Запад. Со нивната нова рационална свест тие сепак повеќе преферираат „живот сега и овде, на овој свет”, отколку живот со митовите и ирационалните претстави на гладен стомак…

Нашиот неодсонуван сон е Република Македонија како дел од „оние кои одлучуваат за другите, а да не остане со оние за кои се одлучува од другите”. Тоа е четвртата можна митска приказна според која поимањето за патриотизмот се врзува за Македонија како европеизирана заедница на слобода и човекови права, која има свое препознатливо место и придонес во научната и техничко-технолошката револуција на современиот интегриран свет. Секаква друга претстава и обид за изолација на земјава е потенцијално велепредавство.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.