По речиси три години одложување Окружниот суд во Загреб одлучи да му се суди на Милан Бандиќ

603

Потврдените точки во обвинението против градоначалникот на Загреб главно се однесуваат на незаконско вработување и подароци.

Загребскиот Окружен суд потврди седум од 10 точки од обвинението во аферата „Аграм“ против градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ и другите обвинети, пренесува Ал Џезира.

Три точки од обвинението се испратени до Канцеларијата за сузбивање на корупцијата и организираниот криминал (УСКОК) на доработка.

Адвокатите на Милан Бандиќ и второобвинетиот, сопственик на комуналното претпријате „ЦИОС“ Петар Припуз, се изборија во судот за ново вештачење за управувањето со отпадот.

УСКОК тврди дека Бандиќ го фаворизирал Припуз, но судот утврдил дека оваа точка не е добро образложена.

Незаконско вработување и подароци
Исто така, на дополнително појаснување е испратена и точката од обвинението според која Бандиќ, за време на претседателската кампања, затаил данок и сокрил донации.

Седум точки се прифатени и во тој дел судењето наскоро ќе започне.

Овие точки главно се однесуваат на нелегалното вработување и подароците.

Дел од обвинението е прифатено по речиси три години одложување на рочиштата и бројните претставки.

– Во однос на кабастиот отпад, усвоено е нашето барање за вештачење и утврдување на тоа дали воопшто е остварена противправна корист. Останатите обвиненија се потврдени и ќе одат во понатамошна постапка – рече Анто Нобило, адвокат Петар Припуз.

Одлука по две и пол години
Марта Шамота-Гаљер, заменичка на директорот на УСКОК, тврди дека ѝ е мило што може да се каже дека судот, по две и пол години, донел одлука за основаноста на обвинителниот акт, односно дека од 10 точки на обвинението седум се потврдени.

Јадранка Слоковиќ, адвокатката на градоначалникот Милан Бандиќ, вели дека е изненадена од постапувањето на судот.

– Ако предметот се враќа, тогаш требаше да се врати целиот предмет – рече таа.

Подготви: А.Ј.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.