СЛОБОДЕН УДАР Во борба против слободата

Дали навистина сме непоправливо слаби и подли, дали ни е нужно потребно некој да нè води заради наше добро (тоа е тоа фабрикување) и дали воскреснувањето, повторното доаѓање на Исус само ќе ни пречи и ќе ни донесе несреќа, како што вели проценката на Големиот Инквизитор?

341

Оние што сакаат да читаат – тие што сѐ уште не го достигнале нивото на директорот на Агенцијата за млади и спорт – може за велигденскиве празници да го препрочитаат поглавјето Големиот инквизитор во романот „Браќа Карамазови“ на Достоевски. Ем ќе се освежат од бескрајните, мачни и аматерски попувања на тема воскресение, ем ќе се потсетат на исконските причини за ова што ни се случува сега. Не само нам и не само овде.

Станува збор за слободата, поточно за парадоксот на слободата, проблем што со децении ги опседнува не само либералите и диктаторите. Дали луѓето чезнат да се потчинат на некој авторитет и дали масите се многу позадоволни од власт која не толерира ништо друго, освен самата себе, како што мислеле диктаторите? – се некои од прашањата што се и што ќе останат отворени.

Големиот инквизитор му објаснува на Исус дека луѓето не можат да ја поднесат слободата – способноста да управуваат со своите животи според слободните начела – што тој им ја подарил. И дека не им треба слобода, туку леб и сигурност.
Ноам Чомски смета дека Големиот инквизитор јасно покажува дека постои верување дека слободата е опасна и дека на луѓето им треба подреденост, мистерија и авторитет и дека тие во одреден мера и сами го посакуваат тоа. „Тоa е многу лукаво фабрикување на прифаќањето. Тоа е сквернавење на Христос, зашто тој сакал да ги ослободи луѓето од тие ограничувања“, пишува големиот либерал и борец против моќниците (политиките на САД, пред сè).

Дали навистина сме непоправливо слаби и подли, дали ни е нужно потребно некој да нѐ води заради наше добро (тоа е тоа фабрикување) и дали воскреснувањето, повторното доаѓање на Исус само ќе ни пречи и ќе ни донесе несреќа, како што вели проценката на Големиот Инквизитор?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.