Слободен удар – Секое дете со свое дрво

Разликата е во тоа што секој ќе сака неговото дрво да расте. Ќе го негува и ќе се грижи за него. Можеби таа грижа ќе создаде навика за грижа за природата воопшто.

330

Секое бебе што ќе се роди во Скопје, ќе добие свое дрво. Ќе му го засадат родителите на место што ќе го одреди Град Скопје, а на него ќе има плочка со име и презиме на детето и датум на неговото раѓање. Засаденото дрво ќе расте заедно со детето.

Ваквиот обичај не е непознат во нашата држава. Во минатото нашите стари саделе дрва за да го прослават новороденчето во семејството, но и како симбол за долговечност. Да биде цврсто и стамено. Да се свива на ветрот, но никој да не може да го урне.

Градоначалникот Петре Шилегов им понуди убав проект на скопјани. Со него веројатно нема многу да се промени градската животна средина ниту ќе се исчисти воздухот. Нема ни градот да зазелени, затоа што, на пример, минатата година во Скопје се родиле околу 1.700 бебиња. Годинава веројатно бројката ќе биде слична. Тоа не се многу засадени дрвца, ако се има предвид колку зеленило во градот е уништено во изминатите децении.

Разликата е во тоа што секој ќе сака неговото дрво да расте. Ќе го негува и ќе се грижи за него. Можеби таа грижа ќе создаде навика за грижа за природата воопшто.

Кон Шилегов беа упатени многу критики по најавениот проект. Дека тоа и не е нешто со кое треба да се фали, затоа што на градот итно му се потребни зелени површини. Но и не треба да се очекува дека секој проект треба да е мега-проект. Понекогаш на скопјани треба да им се понуди и нешто поради што ќе почувствуваат дека вистински му припаѓаат на овој град.

Дека корените им се овде, длабоки, како на дрвјата.

(Објавено во Слободен печат од Анета Стојковска)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.