Суомалаинен ја остава Македонија со надеж за напредок

Премиерот Заев очекува позитивен период за Република Македонија, датум за почеток на преговори со ЕУ и покана за членство во НАТО.

71

Реформските усогласувања во различните области согласно извештаите на ОБСЕ, актуелната политичка ситуација и интеграциските перспективи биле теми на денешната средба на премиерот Зоран Заев и Нина Суомалаинен, амбасадорка на ОБСЕ во заминување, поради завршувањето на нејзиниот мандат во Македонија.

На средбата, како што соопшти владината прес-служба, заеднички било заклучено дека реформите и добрососедските политики со пријателски и конструктивен дух се голем придонес во напредокот на државата и дека овој позитивен моментум треба да се искористи за понатамошни исчекори.

Премиерот Заев информирал дека реформите во изборното законодавство се прават согласно забелешките во извештаите на ОБСЕ, како и дека реформите во медиумите се во насока на отворање простор за истражувачко новинарство, за јасен критицизам и за слобода на говор. Појаснил и дека се работи и на реформи на професионализација на јавната администрација и на градење капацитети на институциите согласно потребите на граѓаните.

На средбата биле поздравени реформските политики на Владата, со акцент на потребната заштита на безбедноста на новинарите, како и реформите во полицијата.

– Работиме на заокружување на реформскиот процес, важен за ЕУ и НАТО, но и за квалитетот на живот на граѓаните, низ инклузивни политики. Работиме и на развој на добрососедските односи и на затворање на билатералните прашања што стојат на евро-атлантскиот пат на Македонија. Градиме општество со еднакви права и шанси за сите. На меѓународен план сме позиционирани на страната на мирот, против тероризмот и насилниот екстремизам. Очекувам позитивен период за Република Македонија, датум за почеток на преговори со ЕУ и покана за членство во НАТО – рекол Заев.

Амбасадорката на ОБСЕ истакнала дека организацијата останува поддржувач на демократските процеси во Македонија и отворена за сите експертски потреби на земјата и граѓаните.

Премиерот Заев се заблагодарил за пријателската и принципиелна поддршка што ја има Република Македонија од мисијата на ОБСЕ, но особено за личниот ангажман, вложените напори и енергија, на амбасадорката Суомалаинен за време на нејзиниот мандат.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.