Шилегов во голема акција за зелено Скопје: засади јасени, цреши и украсни јаболка

561

Екипи на Град Скопје како дел од пролетната акција за зазеленување на градот, засадија 45 листопадни дрвја во реонски центар Аеродром, на булеварот Видое Смилевски Бато.

-Градот Скопје деновиве го реконструираше јавното зеленило на булеварот Видео Смилевски Бато, на површина од 2.410 квадратни метри. На оваа зелена површина е поставена нова хидрантска мрежа во должина од 230 метри и нов систем за наводнување со хидранти. Денеска засадивме нови 45 листопадни дрвја, односно 30 садници од видот јасен и 15 садници од видовите јапонска цреша, украсно јаболко и сорбус. Ова е дел од големата акција за зазеленување на Скопје, во која само овој месец ќе бидат засадени околу 2.000 високо квалитетни листопадни садници – рече градоначалникот Шилегов, на денешната акција за засадување дрвја.

Тој додаде дека во есенската акција за зазеленување на градот, се планира да се засадат вкупно 8.000 висококвалитетни садници.

-Зазеленувањето останува на врвот на листата приоритети на Град Скопје. Ќе ја искористиме пролетта да го обновиме загубеното зеленило и да им обезбедиме на нашите сограѓани повеќе чисти зелени површини. Влогот во здрава животна средина е трајна придобивка која непосредно влијае врз здравјето на сите сегашни и идни генерации – нагласи Шилегов.

На акцијата за засадување дрвја на булеварот Видое Смилевски Бато присуствуваа и градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин и директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Адријан Муча.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.