Јункерите пак јуришаат

Неспособните јуноши, чии биографии се состојат од учества во „проекти“, а не од создадени дела, мислат дека политиката и власта се единственото место каде што млад човек може да почне кариера и да се реализира. За среќа, илјадници млади и паметни момчиња и девојки, секојдневно, со дела, докажуваат дека тоа не е така.

2595

Сериозен проблем на перформансите на новата гарнитура на власт во Македонија (централната и локалната) е пресилното влијание на млади, неопитни, недоволно образовани и професионално нереализирани луѓе во креирањето и во спроведувањето на политиките. Жал ми е што тоа морам да го кажам. Желбата за промени и енергичноста се одлика на младоста, но тоа сепак не е доволно да се води држава.

Ова мое мислење повремено го соопштувам и јавно, свесен дека една позната булумента младински „активисти“, кои добија шанса да бидат кооптирани во врвовите на државната администрација како „шарени револуционери“, во секоја можна пригода го (зло)употребуваат својот медиумски „џокер“ и неговиот главен спонзор, за по којзнае кој пат да се пресметува со мене и со мојата наводна „омраза кон младите“. Овој пат, претпоставувам, повод за тоа е скандалот во Агенцијата за млади и спорт.

Медиумскиот експонент на маоистичкиве јункери, Саше Политико, си умислил дека му завидувам на неговата младост и уште ме прашува нема ли да бидам среќен ако некој на моите деца од првиот брак (битангиве ми ги бројат и браковите!) „им даде шанса“ да покажеле одговорност и да „почнат кариери“.

Јункериве не разбираат дека не се сите млади луѓе инфантилни пропалици и дека некои од нив „прават кариери“ и на тој начин што се реализираат во професијата за која се обучувани. Неспособњаковичите, чии биографии се состојат од учества во „проекти“, а не од создадени дела, мислат дека политиката и власта се единственото место каде што млад човек може да почне кариера и да се реализира. И да, за жал, тоа некој им го овозможува, создавајќи од овие момчиња потенцијални кариерни инвалиди, без оглед што добар дел од нив имаат потенцијални да израснат во успешни луѓе.

Споредбата со Фрчко, Бранко, Љубчо, Грујо и со другите некогашни младинци во политиката не држи. Од една страна, дел од тие млади луѓе веќе беа реализирани и успешни луѓе (такви има и денес, несомнено), а дел, пак, ја имаа поддршката од големите и искусни мајстори на политиката, од кои го учеа занаетот и чие искуство го почитуваа. За жал, денешниве јункери во власта не само што не ги почитуваат искуството и знаењата на повозрасните од себе, на врвните и докажани експерти, на искусните политичари, туку кон нив спроведуваат своевидна „културна револуција“, односно процес на секојдневно шиканирање и изопштување од јавниот живот.

И затоа, еве, да одговорам на прашањето што ми го поставува штабот на јункерите – не, во вакви околности, со вакво разбирање на политиката, јас навистина не би сакал на моите деца некој „да им даде шанса“ да почнат „кариери“, бидејќи син ми и ќерка ми веќе имаат почнато кариери во своите професии и полека но сигурно напредуваат. Сигурен сум дека и тие самите за „кариера“ не би го сметале вработувањето во Општина, во Водовод, во Паркинзи или во Македонски шуми, на пример. Не, тие места се за оние млади момчиња и девојки што не можат да си најдат работа на друг начин освен преку „корнишонот на премиерот“ од поезијата на уредникот Каевски.

Кога бев млад, ни мене никој не ми „даде“ шанса. Не, сам си ја зграбив. Учам и работам од својата петнаесетта година. И така научив дека она што родителите треба да им го дадат на своите деца (освен неограничени количества љубов) е шанса да стекнат што подобро образование и желба да бидат добри професионалци, вредни работници и нормални луѓе. Блазе си ѝ на онаа политика што нивната младост, енергичност и бунтовност ќе ја искористи на вистински начин, но горко и тешко на онаа политика што од нив ќе направи стармали „функционери“, луѓе кои утре, на возраст од 40 или 50 години, ќе се разбудат како „пензионери“ кои нема да знаат што со себе во животот.

Арно ама, изгледа дека џабе зборувам… Една данска поговорка вели – зеленото дрво дава повеќе чад отколку оган. Околу нас чури и во оваа магла, богами, многу тешко ќе се разбереме.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.