Џафери – Церар: Искрена поддршка од Словенија за евроинтеграција на Македонија

47

Република Словенија е првата држава која воспостави дипломатски односи со Република Македонија и која беше наш прв промотор во Обединетите нации и изрази благодарност за поддршката на Република Македонија за членство во НАТО и ЕУ, рече претседателот на Собранието, Талат Џафери на средбата со делегацијата од Република Словенија, предводена од премиерот Миро Церар.

На средбата присуствуваа и пратениците од пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Словенија, Фросина Ташевска-Ременски, Шпреса Хадри, Лилјана Поповска и Неџбедин Каремани.

Џафери ги реафирмира заложбите за реформските процеси во законодавниот дом во приоритетните области, како и за преземените чекори за подобрување на добрососедските односи, поконкретно, потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија и значајното интензивирање на комуникацијата со Република Грција. Претседателот на Собранието ги повтори очекувањата Извештајот за напредокот за 2017 година на Европската комисија овојпат да содржи безусловна препорака за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ и дека меѓународната заедница ќе ги вреднува постигнатите реформи за земјата да стане полноправна членка на НАТО.

Премиерот на Словенија Церар, ја потврди искрената и силна поддршка која Словенија во континуитет ја дава за евроинтеграциските процеси на Македонија и објасни дека смета дека тоа е во интерес на стабилноста на регионот и на Европа воопшто. Тој нагласи дека кај европските лидери постои подготвеност да направат чекор напред за придвижување на евроинтегративните процеси за земјите од Западен Балкан, со јасна декларираност за нивната европска перспектива.

Соговорниците беа согласни за значењето на парламентарната дипломатија во унапредувањето на односите меѓу земјите и во рамките на меѓународните мултилатерални организации, особено за потребата од интензивирање на билатералната соработка меѓу Парламентите на Македонија и Словенија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.