• 22 февруари 2018
  • Вести денес: 104

Се чини дека требаше Владата да излезе со соопштение за состојбата на Националната арена „Филип Втори“, со кое укажа на забелешките на УЕФА спроти организацијата на најголемиот фудбалски настан во историјата на фудбалот на Македонија, Суперкупот на УЕФА, за конечно да се актуализира прашањето за некогашниот Градски стадион во Скопје.

Иако се потрошени 60-тина милиони евра за проектирање, изградба и „дотерување“ на најголемиот спортски објект кај нас (оваа бројка прифатете ја со резерва, зашто кога се отвора досието со побарувањата, цената на чинење по „дифолт“ станува поголема), објектот сѐ уште не е завршен, а до 2015 година требаше да ги добие сите сертификати.


Зарем нема да ги гледаме Реал и Манчестер јунајтед?


Информацијата на Владата доби во тежина поради „стравот“ да не ја загубиме доделената организација на натпреварот меѓу двете можеби најпопуларни фудбалски екипи на светот, Реал Мадрид и Манчестер јунајтед. Како студен туш дојде ова соопштение по возбудата околу тоа како да се набави влезница за „натпреварот на столетието“ во Македонија и по вестите за вртоглавиот раст на цените на хотелските услуги на денот на натпреварот - 8 август и за сместувањето на фудбалските ѕвезди во елитните хотели „Александар палас“ и „Мериот“.

Поради огромниот интерес да се гледаат најскапите нозе што некогаш газеле „македонска трева“, УЕФА има посебна процедура при онлајн продажбата на влезниците. Поточно, се влече лотарија по разочарувањето дека поради потребата од подолг одмор, во Скопје можеби нема да допатува најдобриот на светот за 2016 година, Кристијано Роналдо, стаса нов гром од ведрото јунско небо над Скопје - „Филип Втори“ да ти бил фаличен! Згора, Македонија има рок до 21 јули да ги поправи недостатоците констатирани од строгите инспектори на УЕФА, пред да се случи последната контрола од европската „куќа на фудбалот“ на 23 јули.


Десет години се гради, а уште не е завршен


Последен пат во арената бев на 11 јуни, на натпреварот Македонија - Шпанија. Истите простории за новинарите што со години зјаат празни сѐ уште беа празни (ни маса, ни столче, камо ли друга опрема). Во тоалетите за новинарите немаше сапун (како ли е тогаш во оние за гледачите?). Од неопходната опрема за прес-центрите што ја има на вакви врвни настани (телевизори, приклучоци за интернет, кетеринг) ни трага, ни глас. Така е со години, практично од 2009 година, кога ја пуштија во употреба Северната трибина, која сега делумно се реконструира на барање на инспекторите на УЕФА.

Сите зафати поврзани со Арената во периодот 2008 – 2013 се проценува дека ќе достигнат 50 до 60 милиони евра. Дури и да остане оваа цена, по столче ќе чини околу 3.000 евра (капацитетот е околу 32.500 седишта) што стадионот го прави скап за денешни стандарди. Јужната трибина со над 11.000 места веќе беше изградена, иако претрпе извесни корекции. Објектот првично требаше да биде комплетиран до 2015 година, но лани во април е направен нов договор за адаптација според барањата на УЕФА, а допрва треба да се уредува и комерцијалниот простор.


Фалијанц арена


Толку фалениот стадион пред неколку години го нареков „Фалијанц арена“ кога речиси сите му се воодушевуваа. Насловот беше таков поради изјавата на експремиерот Никола Груевски дека кога ќе биде готов, ќе личи на „Алијанц арената“ во Минхен.
Тезата ми беше дека кога веќе се трошат толку буџетски пари, требаше да се гради на друга локација. Оваа градба не исполнува бројни стандарди: безбедносни, инфраструктурни, урбанистички, телекомуникациски, спортски... Факт е и дека критериумите на УЕФА од година во година се заоструваат, но условот без кој не се може - безбедноста - е приоритет над приоритетите. Стадионот „Паркен“ во Копенхаген, на пример, со сличен капацитет (38.000), може да се евакуира за осум минути. За нашиот спортски храм никој не може да направи комплетен план за евакуација, а камоли и да пресмета за колку време можат да бидат извлечени присутните во случај на опасност.


Суперкупот најверојатно нема да ни биде одземен


На прв поглед, Владата е во голем цајтнот за да ги коригира утврдените пропусти. Сепак, според мое мислење, Суперкупот нема да ни биде одземен, затоа што ако намерата беше таква, досега УЕФА тоа одамна ќе го стореше. Сега е, едноставно, предоцна за такво нешто. Лично Емилио Бутрагењо од Реал и Луј Саха од Манчестер дојдоа во Скопје да го промовираат, а од 13 јуни веќе е почнато аплицирањето за влезници со локација Скопје и ќе трае до 4 јули. Македонските екипи во еврокуповите се „избркани“ за да се сочува тревникот, клубовите резервираа хотели, а од последната контрола - 23 јули останува премалку време за евентуални промени.
Кога УЕФА бара средби на највисоко ниво, поточно со премиери и министри, тоа е поради безбедносните и финансиски гаранции што се нужни. Писмото до Владата е опомена поради застојот на бараните интервенции, пред сѐ поради инертноста на претходната техничка влада во плаќањата, па сега АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (АДИССДП) бара финансиска инјекција од два милиона евра.

Контролите од УЕФА се континуирани уште од доделувањето на организацијата пред две години. Од септември 2015 до денес секоја година имаше по две. Стопанисувачот со објектот АДИССДП не ги кажуваше јавно забелешките, иако уште од почетокот се знае дека теренот е слаба точка. Токму поради лошиот квалитет на тревникот се забранети какви и да се активности до 8 август. Тоа е дополнителен хендикеп за македонските претставници во еврокуповите кои поради ова мораат своите натпревари од квалификациите на Лигата на шампионите и Лигата на Европа да ги играат во Струмица и на теренот на ФФМ во Ново Лисиче.


Лош за Евро 2020, добар за Суперкуп 2017


Доделувањето на организацијата на Суперкупот 2017 на Скопје беше изненадување ако се има предвид дека само девет месеци пред тоа, во септември 2014 година, кандидатурата на Фудбалската федерација на Македонија и „Филип Втори“ за домаќин на една од групите за Европското првенство во 2020 година воопшто не беше ни разгледувана од УЕФА. Арената не исполнуваше многу критериуми: непокриени една третина од седиштата, паркинг-просторот не е дефиниран, нема план за евакуација, не исполнува услови за квалитетен ТВ-пренос, нема податоци за висина на оградата, бројот на тоалети за гледачите е ограничен, нема простории за прва помош и услови за хендикепирани лица, несоодветен е просторот за ВИП-гостите, многубројни технички и телекомуникациски недостатоци, несоодветни услови за новинарите итн.

Не верувам дека битно беа поправени споменатите слабости, кога по само девет месеци УЕФА објави дека Скопје ќе биде домаќин на најдобрите екипи од Лигата на шампионите и Лигата на Европа.

Објаснување може да се бара во изборите што тогаш претстоеја и во УЕФА и во ФИФА, а гласот на ФФМ како една од 54 членки на УЕФА е еднакво важен како и на другите делегати. За жал, корупцијата во овие две врвни фудбалски тела е присутна последниве децении, а поранешните челници Сеп Блатер и Мишел Платини мораа да се повлечат поради обвиненија за финансиски злоупотреби.

УЕФА и претходно почна со „децентрализацијата“ на фудбалот, па меѓу градовите домаќини се најдоа и Тбилиси, Трондхајм, Талин, а на ЕП 2020 - Баку, Букурешт, што беше речиси невозможно до пред некоја година.


„Крвавиот четврток“ беше најголемата опасност


Единствената вистинска опасност да ни биде одземена oрганизацијата на Суперкупот всушност беше „крвавиот четврток“, поточно настаните во македонското Собрание од 27 април. За среќа, земјата денес е доволно стабилна и не ги загрижува официјалните лица на УЕФА кои се гарантот пред фудбалските гиганти.

УЕФА замижувала и ќе замижува пред несовршеностите не само на овој стадион. И не само УЕФА. Кога бев на Олимписките игри во Атина во 2004 година, натпреварите веќе беа почнати, а сѐ уште можеа да се забележат градежни активности околу објектите. Временскиот теснец е речиси секогаш присутен кај организаторите на големите спортски настани. Некогаш и намерно не се брза со предвремено завршување на градбите за да не се троши премногу за нивно одржување до почетокот на спортскиот настан.


Скап, а небезбеден објект


Ако се проанализираат ситните забелешките, најголемиот дел се лесно решливи и за еден месец. Но од 2014 година до денес останува истата забелешка на УЕФА - нема детален план за евакуација. Недоволниот број влезови/излези за итно напуштање на објектот во случај на опасност треба да нѐ загрижува и со и без организацијата на Суперкупот. Тој можеби ќе помине перфектно, политичарите ќе се „нацртаат“ во ВИП-ложата по стариот добар обичај, но стадионот ќе треба да го користиме и по 8 август.

За толку скапо платен објект недозволиво е да е несигурен во случај на паника кај присутните во вонредни ситуации. Во зададениот рок речиси е невозможно да се поправат грешките со влезовите, но ако се пропушти и оваа шанса за подобрување, пред сѐ, на безбедносните стандарди, опасноста ќе остане да ни виси над глава. 

 

(Објавено во „Слободен печат“)

 

ОСТАНАТО ОД КОЛУМНИ

Заложничка драма

Патот до пеколот е секогаш поплочен со добри намери, како што рече еден плочкар, кој не го сфати вицот.

Како „малиот Мицковски“ ја замислува политиката

Се плашам дека овој или кратко ќе трае или неславно ќе заврши. Можеби и двете.

Пачавра - писание

Оние 200 будали се чини се турнати напред само да ја брануваат јавноста и да ги оттргнат погледите од тајните планови и инфилтрации што се случуваат вон вниманието на критичката заедница. Тие се одамна прочитана книга-пачавра.

Корупција – темно петно на политиката

Како и сè друго и во оваа сфера постои друга страна од моралноста, која, без оглед за каков општествено-политички систем станува збор, и без оглед на исклучоците од правилото, се јавува како константа - Моќта опива!

Идентитет и клаустрофобија

доколку се постигне договор (меѓународен), тоа не мора да значи дека ќе треба да чекаме тој целоснно да се сповреде за да влеземе во НАТО. Може ли договорот да вклучува, фази на пример, што мислите?

ПИСМА ОД ЛОНДОН Полнички, слабички, мода и бизнис

Оние што ги фрлија алиштата што ги носеа во осумдесеттите години – е па да им е криво, ако сакаат да ја следат тековната мода, ќе мора да купуваат ново и да си велат – е вакво слично имав.

Буркина Фасо

Ако станеме Горна Македонија ние не би можеле да станеме и Буркина Фасо, тој домеин веќе е зафатен, но би можеле да бидеме Буркина Ласо или, помакедонски: Буркина Ортома!

БОМБА НА МИЛЧИН Им го кажа она што го мислиме многумина!

Сум чул дека некои од младите маоисти во Владата, за постовите и настапите на Милчин коментирале - а бе што сака сега стариов?! Каков безобразлук! СДСМ, внимавајте, Владе Милчин зборува во името на многу што ги споделуваме неговите чувства!

Со оваа земјоделска политика, го испушивме!

СДСМ, очигледно, нема ни волја ни храброст за вистинска земјоделска земјишна реформа којашто, на среден и долг рок, ќе го оправат македонскиот, наводно, стратегиски сектор на земјоделието. Вака, најверојатно го испушивме!

Бојата е иста, во прашање се нијанси!

Многумина забележуваат и се вчудоневидени зошто денес во Македонија нема суштински изразени идеолошки разлики! Од реченото, логично произлегува дека и едните и другите припаѓаат на истото поимање на политиката. Боја иста, прашање се нијанси

НАЈЧИТАНИ