• 21 ноември 2017
  • Вести денес: 83

Еве го мојот предизвик до Новата Македонска Пост-Груевистичка Демократија: пратениците од власта во Македонското собрание да отворат темелна дебата за предложениот нов републички јавен обвинител и истиот – ДА НЕ ГО ИЗГЛАСААТ.

Ако добро го фаќам јавниот сентимент по социјалните мрежи и по скопските кафеански шеми (во што спаѓаат и неколкуте дебатни емисии што ги одгледав), мислам дека мнозинството смета дека е врвен јавен интерес на таа функција да не биде поставен довчерашниот молчелив, кооперативен, „без никаква дамка во кариерата“, доверлив заменик на г. Марко Зврлевски. Предложениот Љубомир Јовески, скоро пензионер (тоа, пак, дополнително не го разбирам?!), целата кариера неколку децении трпеливо ја гради во гнилиот македонски правосуден систем – нели околу тоа, гнилоста, сите се согласуваме, со Прибе на чело? – а во последните 13 години (од кои 11 години на власт е режимот што ги прегази сите законски и половината уставни норми на кои можам да се сетам) е член на нашето едно и единствено, тотално дискредитирано Јавно обвинителство.

Затоа ми се чини дека сега е вистинскиот момент Македонското собрание да си ја врати својата клучна улога во креирањето политики во македонскиот демократски систем, а тоа е, имено, да креира политики, и да се оттргне од функцијата да биде „гласачка машинерија“ на секоја власт, од турско и српско, до Грујово и Заево. Ајде, барем вие, пријатели од Шарената Револуција, покажете со каков демократски капацитет располагате!

Веднаш да го надополнам мојот клучен аргумент за ова: помеѓу, како што велат, неспорното искуство и професионалните обвинителски познавања на кандидатот, од една страна, и неговиот карактер како доверлив соработник на г. Зврлевски, од друга, не смее да има дилеми – карактерот е супериорниот критериум за избор на нов републички јавен обвинител! Ете, прашајте го г. Јовески во собраниската дебата со кои одлуки на г. Зврлевски не се согласил или им се спротивставил?

Уверен сум дека на Македонија ѝ требаат луѓе со ИНТЕГРИТЕТ, а не луѓе со знаење за КОНТИНУИТЕТ. Прилично континуитет ни се натрупа по падот на Груевски од власт.

Дополнително, додека сме веќе на темата, би сакал да направам и една друга проверка: дали на седницата на Владата кога е утврдуван овој предлог, се нашол некој да дебатира и да се спротивстави на решениево, или е г. Заев окружен само со еветџии-ефендии кои аминуваат сѐ што ќе дојде како резултат на затворените политички кадровски кујни на новата власт? Што мисли, на пример, министерката за одбрана или министерот за надворешни работи за овој предлог, или секој само си ја чува својата гардероба и своите паричници кога ќе се изгаси светлото?

Плус, дали советниците на премиерот ова кадровско решение, пред да биде официјално предложено, го провериле со ставовите во пратеничките групи кои ја репрезентираат Владата во Собранието или и пратениците од медиумите ги дознаваат решенијата за кои ќе им се наложи да гласаат?

Од друга страна, што е право, и Катица Јанева своевремено беше мал шок од кадровски предлог, со сите контроверзи што се отворија… Па тоа решение, помалку или повеќе, се покажа како полн погодок. Само што зад изборот на Катица застанаа сите во Собранието, оти таков беше „големиот политички договор“, оверен од странците.

Сега, пак, имаме демократско Собрание! Ајде да видиме вистинска, одговорна дебата во него. Оти, ние тие пратеници сме ги бирале, а не министрите – таму, во Собранието лежи демократскиот легитимитет што сме го дале кога гласавме на избори. 

 

 

извор: Цивил медиа

ОСТАНАТО ОД КОЛУМНИ

Преиспитување и ново саморазбирање

Големо парче од Републиката каква што ја познававме е изедено во поместувањата на тие геополитички пластови, таму е или празнина или нефункционална содржина или болна содржина и тие дупки мораме да ги пополниме со модерност, со здрав резон.

Македонија на кошаркарското ЕП 2021!

Благоја Георгиевски по неуспехот во квалификациите за ЕП 2017 поднел оставка, но побарал и Наумовски да го направи истото! Како Македонец и љубител на спортот во истовреме тагувам поради сегашната наша европска кошаркарска провинцијалност.

Врзете се, полетуваме!

Македонија стана земја со најголема стапка на дебата за реформи по глава на жител во Европа! Што си баравме – тоа си добивме: сите фатиле да дискутираат, да дебатираат, да полемизираат, да се допишуваат и да се надвикуваат!

Новогодишни прослави на плоштадите – да или не?!

Ако ја сакаме и почитуваме македонската музика и продукција, да го покажеме тоа на дело, а нашите естрадни ѕвезди да покажат доблест дека се отворени за една таква нова соработка во која нема да се преценат.

Грујо, добри гости ти дојдоа - Убиство со песна

Важно е! Навистина е бесценето важно, да не го заборавиме злото на владеењето на ВМРО – ДПМНЕ и сите негови лица, за да не дозволиме да ни се повтори.

Земја на (не)реваншизмот

И кога сè така убаво ќе изрелативизираме, па ќе го завиткаме во нереваншистичка обланда и обилна доза на шлаг, тогаш на врвот пак ќе се појави она фирерчено и неговите ора, стапот со два краја и слични идиотштини.

Политичарите и политиците пред историчарите и лингвистите

Можно ли е да изградиме наративи за историјата во духот на добрососедството на Македонија и Бугарија? Да, но само под еден услов – таа работа сепак да им ја оставиме на политичарите.

Братучед му на Мугабе

Бидејќи сме во Европа – а и заради милион други причини – планот на Грујо излезе пократок за дваесетина години од оној на Мугабе, кој со Зимбабве владееше од 1987 година.

Пратениците и нивните патни трошоци

Доколку успеат да се ослободат од хипотеката околу трошоците за превоз, пратениците во Собранието ќе имаат можност да покренат многу прашања околу трошењето на народните пари, вклучително и во македонските ДКП!

Нихилизмот не е доблест

Бугарија беше во друштвото на тие 13 фашистички држави и во врска со тоа спор нема, напиша бугарскиот хроничар Стефан Цанев.

НАЈЧИТАНИ