• 26 февруари 2018
  • Вести денес: 0

Вицов е дојден од странство, од некогашната држава чиешто име во Македоња Вечна сè уште не е препорачливо пречесто да се спомнува. Вака гласи прашањето: Зошто Црногорецот секогаш држи два камена покрај креветот? А, одговорот е: првиот камен му служи за да го изгасне светлото, а со вториот проверува дали прозорецот е затворен!! Каков фантастичен скок во апсурд, во два чекора. Но, додека првиот чекор - со кој „јунакот“ ја крши светилката – има сепак целесообразно дејство, добиено само со презголемување на мрзата на нашиот јунак, вториот чекор е скок во друга димензија, во непоимлив деструктивен апсурд во кој скршениот џам станува потврда дека прозорецот бил затворен!? Овој втор чекор, всушност, веќе не ѝ прилега на црногорската мрзливост, туку повеќе на психопатијата на Вечниот Македонец, кој постојано го одржува скршен прозорецот на неговата инфериорна и нарушена личност, оставајќи смртоносна промаја – едиповска жива рана! - на местото на потеклото и идентитетот.

Клучен збор - измислена

Таа едиповска жива рана – што во свеста ја носат не само вмровските ес-ес одреди, туку и жртвите на нивната пропаганда – е веројатно вистинската причина зошто денес не пишувам за стогодишнината од Октомвриската револуција, туку за постанокот и природата на нациите. А, самиот повод за оваа тема е последната од многуте вмровски црни кампањи за јавен линч на мојата дребност, во коишто на населението на Вечна му се сервираат лаги за тоа што некаде (не) сум изјавил, а со цел да бидам прикажан како непријател на сè македонско, како државен непријател и предавник, бугарски, грчки и српски платеник, агент на ЦИА, Сорос, Коминтерна итн... Пишувам за оваа гнасна црна пропаганда само поради фактот што и најодвратната лага со себе секогаш носи две болни вистини: едната за своите автори, а другата за состојбата на свест на оние што лагата ја „лапнале“, ко речни сомови, со слепо разјапени усти.

Елем, делот од мојата изјава за Музејот на Југославија што побуди хистерија во вмровските штаб-квартири, медиуми и социјално-мрежни инсталации, гласи вака: „Ние денес се враќаме во – за нас Македонците – преднатална доба... Пред македонската држава, кон крајот на Втората светска војна, буквално да биде измислена и за првпат основана во рамките на Југославија, и во неа да се еманципираат македонската нација, македонската култура и македонскиот јазик, сите македонски симболи и уметнички достигања...“. Што во оваа изјава може да му пречи на еден нормален, ментално здрав Македонец? Ништо: таа е составена од општопознати и неспорни историски факти – дека македонската држава е за прв пат основана во рамките на југословенската федерација, и дека во неа беа еманципирани (значи ослободени, од emancipatio – ослободување) македонската нација, култура и јазик! Тука нема што да се коментира или демантира, но, ако одиме „по трагата, во спротивна насока“, барајќи ја вистината за авторите на лагата од вмровските наслови, доаѓаме до клучниот збор – „измислена“.

Зборот „измислена“ така стана мојот „смртен грев“ само затоа што ја поткопува фундаменталната вмровска теза дека македонската нација, народ, држава и самото вмро – како нивен творечки агенс, се вонвременски и трансцендентни појави, кои постојат отсекогаш, ако не и од порано. Тој несреќно одбран збор – „измислена“, упаѓа како карпа во скршениот џам на вмровската едиповски нарушена личност, во идентитетската дупка што бара потврда во бескрајната проекција на постоењето на македонската нација наназад, во праисторијата, па потем веројатно и во геолошката историја на планетата. Но, за да биде иронијата поневеројатна, вмровската лага за „измислената нација“ што ми ја ставија в уста, испадна дека сосем се совпаѓа со научната вистина за постанокот и природата на нациите.

Заедништвото како фантазија

Да, сите нации, па и македонската, се измислени! „Секоја поголема човечка заедница – било да е тоа модерната држава, средновековната црква, древниот град или архаичното племе – е втемелена на заедничките митови што постојат само во човечката колективна имагинација“ – пишува историчарот Харари, и додава: „Не постојат боговите во вселената, не постои нацијата, ниту парите, ниту човечките права и законите, а ниту, пак, правдата, вон заедничките фантазии на луѓето.“ Еден од најреферентните автори за прашањето на нациите, Бенедикт Андерсон, ја дефинирал нацијата како „измислена заедница“, во смисла дека сите материјални услови за раѓањето на нацијата, постојат само како основа за измислувањето, споделувањето и градењето на меѓучовечките врски. Според Андерсон, нацијата не е „измислена заедница“ затоа што е лажна или не постои во стварноста, туку затоа што секоја поголема човечка заедница чиишто членови лично не се познаваат меѓусебе, мора по дефиниција во голема мера да биде измислена на начин кој ќе обезбеди плебисцитарна верба во таа замисла. Конечно, првиот, најголемиот и најзаслужниот за раната интелектуална артикулација и афирмација на македонската национална и културна посебност – Крсте Петков Мисирков, бил сосем свесен за природата на нацијата, кога изјавил дека „нација уште немаме, но ќе имаме“.

А, зошто Вечниот Македонец секогаш до креветот држи два камена? За со мазниот камен да ја одржува едиповската дупка во својот идентитет, а со рабестиот да се удира по глава мислејќи го најважното прашање за македонската нација: дали стаорецот што ја преживеал јукатанската катастрофа пред 65 милиони години – од кого потекнуваат сите цицачи на планетата – е од македонски национален происход?
 

(Објавено во „Слободен печат“)

ОСТАНАТО ОД КОЛУМНИ

Македонската регионална политика - прилог кон потребата за нејзино подолгорочно дефинирање

На Балканот се создава нов (гео) политички распоред кој радикално за долг период ги менува политичките состојби и констелации од било кога во досегашната историја.

Заев конечно во елемент, „преторијанците“ во паника

Е баш јебитачно, што би рекол оној куртонот над куртоните – додека сите очекуваа премиерот да ја поддржи харангата против оние што го критикуваат, тој најави реконструкција на Владата.

Заев се враќа дома?!

Посебно бев лут што една искрена моја поплака до премиерот заврши неуспешно и со доза на одмазда од страна на критикуваниот, т.е. Извршителот. И тогаш се сетив на стих од познатиот албански поет Миѓени: „Трај ти петеле востаник!“ И траев.

Болниот има само една желба

НАТО никогаш нема да ги реши нашите сопствени проблеми со вмровскиот фашизам, со нефункционалните институции на државата, и, конечно, со нашата општествена декапацитираност да ги решаваме сопствените проблеми.

Скок од височина од балканскиот гроб

Во преговорите за името Македонија не го брани својот идентитет, туку го гради. Ова е најдлабокото проникнување во суштината на македонската тековна егзистенција. И во перспективите.

Чувство за навредување

Како тој убав манир престана да важи кога се во прашање Македонците? Дали некој помислува на нашите национални чувства и имаме ли ние право на нив?

Заложничка драма

Патот до пеколот е секогаш поплочен со добри намери, како што рече еден плочкар, кој не го сфати вицот.

Како „малиот Мицковски“ ја замислува политиката

Се плашам дека овој или кратко ќе трае или неславно ќе заврши. Можеби и двете.

Пачавра - писание

Оние 200 будали се чини се турнати напред само да ја брануваат јавноста и да ги оттргнат погледите од тајните планови и инфилтрации што се случуваат вон вниманието на критичката заедница. Тие се одамна прочитана книга-пачавра.

Корупција – темно петно на политиката

Како и сè друго и во оваа сфера постои друга страна од моралноста, која, без оглед за каков општествено-политички систем станува збор, и без оглед на исклучоците од правилото, се јавува како константа - Моќта опива!

НАЈЧИТАНИ