• 18 јануари 2018
  • Вести денес: 106

Една од работите што ја дознав релативно брзо по моето доаѓање во Лондон беше дека е крајно непристојно да се зборува и да се прашува за три работи - за секс, за пари и за политика. Долги години не можев да дознам (не дека сакав) колку заработуваат моите колеги од професијата и воопшто, за кого гласа мојот комшија или уредник и дали има дечко или девојка. Не дека е тајна, ама едноставно, не се прашува, непристојно е. Се сеќавам, на едно од првите патувања од Скопје за Лондон, момчето до мене, откако го врза појасот и констатира дека „сум за Лондон“ (тогаш немаше „Виз ер“), ме праша: „Извини женска, ако не е тајна, колку плата земаш?“ Тајна е, му реков. Молчевме до над Љубљана, кога не издржа и почна да прашува колку е киријата, струја, вода, млеко, леб, транспорт, трескавично собирајќи напамет, пот го облеа, ама некако не му одеше математиката. Се разделивме во Цирих.

Секој ден скандал

Дека мојот уредник е геј дознав години подоцна кога ме запозна со Ричард (немам гејдар, па тоа ти е), до ден-денес не сум сигурна ниту пак ме интересира за кого гласа комшијата Џон, макар што некако лабуристички ми делува, ниту пак некогаш прашав или дознав за платите.

За секс, пари и политика не се зборува. И така беше во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска до пред некоја година. Сега, од секс, пари и политика, глава човек не може да крене. Веднаш да се разбереме, зборувам онака општо, да не добие некој погрешни идеи за мене. Значи, нема ден да помине да не се открие некој нов скандал каде што угледен политичар, директор, актер, продуцент, министер да не напаствувал колешка, малолетничка, актер(ка), машко, женско, младо, старо... вчера, завчера, пред 10, 20, 30 и повеќе години. Паѓаат оставки, медиумите полни со детали, исповеди на сите страни, пикантни фотографии, Твитер и Фејсбук се поделени на „тимови“...

И парите веќе не се срамота за муабет. Мојата поранешна компанија Би-би-си ги обелодени платите на менаџерите до пени и имаше бурни реакции кога се утврди дека мажите добивале поголеми плати од жените за иста работа. Сега јас можам да го потврдам тоа „од прва рака“!

Медиумите нашироко расправаат со што ја заслужи платата од над 800.000 фунти ректорката на најмалиот универзитет во Бат, а на Брегзитовците и натаму никако не им се заборава лажното тврдење дека ќе се заштеделе 340 милиони фунти годишно за јавното здравство. Фунтата падна, пари и проценти се спомнуваат на сите страни за сите и во детали. Дури и кралицата беше спомната во најновата (не ќе да е последна) афера со фондовите надвор од земјата за неплаќање данок внатре во земјата. Не знаела ништо, нормално, тоа било дело на нејзините бизнис-советници, но за првпат покрај разни бизнисмени, олигарси и познати имиња, се појави и најпознатото – нејзиното кралско височество, Елизабета Втора!

Млади во политиката

И конечно, за политиката. Долго време професија со која се занимаваа или богатите или оние што немаа друго хоби, сега почна да доживува вистинска ренесанса. Брегзитот отрезни многумина, па дури и младите кои во најголем дел сакаа останување во ЕУ, не само што почнаа да зборуваат за политика, туку почнаа и да ја практикуваат. Се чини како никогаш како досега да немало толку млади луѓе активно вклучени во политиката. Најмногу се заслужни еден средовечен политичар - Дејвид Камерон, кој поведен од погрешните анкети ја турна земјата во непотребен референдум и го донесе Брегзитот, и еден во години – 68-годишниот Џереми Корбин, лидерот на лабуристите кој стана идол на студентите и на младите либерали. Ако некогаш јавноста коментираше за политичарот фатен со женски мрежести чорапи и поморанџа во уста или за оној што водел љубов во дрес на Челси (се пишува, се чита и се изговара Челси, не Челзи) сега политиката стана живот - ангажирано се зборува за тоа што и како се преговара во Брисел, што значи тоа за бизнисот и како сето ова ќе се одрази на обичните луѓе.

Никогаш толку многу (за) секс, пари и политика.

 

Објавено во „Слободен печат“
 

ОСТАНАТО ОД КОЛУМНИ

Понудени, како почестени, па вие видете што ќе правите

Ја разбирам фрустрацијата на ВМРО-ДПМНЕ, па дури и нивното демократско право да бојкотираат, но оваа политика на бојкот ќе мора наскоро да ја менуваат, оти во неа нема политика, туку само тврдоглав инает и недораснатост.

Лажни вести – лош глас за моќните

Речиси половина од сите жители на ЀУ, (46 отсто во 2016 година), консумираат вести главно преку социјалните мрежи и ги делат понатаму на интернетот без ни најмал напор за проверка на фактите.

Москополе

Отсекогаш сум сакал да научам влашки јазик, но никогаш не сум имал прилика.

Барок, Рококо и $ Охохооооо

Сега плачеме. Зошто не плачевме последните 11 години? Што сега? Доза заборав? Бевме многу уплашени? Па, ајде да се плашиме и сега.

Пет куршуми во телото на балканскиот мир

Ние сме на крстосница на која, можно е, сите семафори истовремено да покажуваат црвено или зелено светло. Затоа, изборот за тоа како да продолжиме, сепак, ќе биде наш.

Позајмувачи

Системот на „позајмување“ всушност и беше комплетно октроиран и елабориран токму од страна на државата и нејзините (највисоки) институции, што пак, нормално, потоа се шири како чума низ целото општество.

Православието не е религија!

Човекот ништо не мора, како што му сугерира карикатуралното православие, туку може слободно да сака или не.

До финалето, трпение – спасение!

Без паника околу најверојатната почетна неприфатливост на предлозите што деновиве ќе „протечат“ во грчката или во македонската јавност.

Just do it!

На овие граѓани очајно им е потребен еден голем чекор. Доста им се мали чекори со „големо значање“. Тоа веќе не поминува. Малите чекори задржете си ги. Нека биде тоа нов Клинички центар

Поуки од британскиот однос кон сопственото и името на Ирска

Ирска го користи сопственото уставно име во дипломатските односи со странски држави, во рамките на ООН, Европската унија (ЕУ), Советот на Европа...

НАЈЧИТАНИ