• 18 јануари 2018
  • Вести денес: 106

Нема поубава работа кога ќе се видам со пријателки и пријатели при моите доаѓања во татковината од седнување на кафемуабет. На почеток доаѓав поретко, и секогаш со преседнување, преку, Белград, Љубљана, Загреб, Цирих, Виена, Истанбул, Будимпешта... еднаш дури и преку Рим. Го имав „фатено“ „Бритиш ервејз“ кога леташе директно за Скопје, главно поради британските војници во базата Бонд стил на Косово, ама тие летови ги укинаа. На еден од последните, имаше повеќе членови на екипаж отколку патници, па очигледно тогаш не им беше исплатливо.

Па се потсетив на една средба со колешки, пред многу години, во време кога немаше мобилни и скајпови и на весници чекав по две недели, а стигнуваа во Лондон свиткани во тутурутки и по неколку броеви одеднаш. И средбите ми беа такви, поретки и во стил на истражувачко новинарство. Си приоѓавме со радост дека се гледаме, но свесни дека не знаеме кој, колку и како се променил.

А сакавме да дознаеме, сè, и за секого, колку што можевме повеќе за тие два-три часа. И сите главно ослободени од стегите на доверливоста. Јас, позната по тоа што секогаш последна ги дознавав трачевите и плус - на кого ќе кажам таму во Лондон. Тие да си ја олеснат душата од скопските стеги, а сите ние заедно во една колективна психотерапија од која црвенееја ушите на половина Скопје и делови од Македонија.

Возот го прегази угледот

И потоа нормално, разговорот на крај се сврте накај мене. Како ти е во Би-би-си? Добро. Уште си со истиот? Уште. (Благо зачудени, погледи, оваа нешто не кажува, ама ајде). Каде живеете? Во Вимблдон. Тоа со тенисот? Опааа, убаво богами, убаво... Осеќам ми расте угледот. Стан имате? Имавме, ама сега куќа. Аааа, фино, сте се снашле значи. Угледот високо. А кола? Па и кола имаме. И со кола одиш на работа? Не, со воз.

Со ВООООООЗ?!?

Угледот паѓа. Се урива. Ме гледа под око и ми вели, па добро ма, заборави ли ти дека тука со воз сега одат само рибарите за Зелениково? М? И тоа не е баш некој воз, туку шинобус. И дува од сите страни. Објаснувам јас дека Лондон има одличен градски превоз.

Дека од дома до работа ми треба половина час врата до врата, дека за 15 минути сум до центар, дека имам и две метро-линии до западен и источен, а трамвај до јужен Лондон, дека со автомобил ми треба час и половина да поминам 25 километри колку што има до центарот па јавниот превоз е побрз... ништо. Неубедливо. Попусто објаснувам и дека паркирањето во Лондон е изгор скапо - 4 фунти за 15 минути во Ковент гарден. Угледот е паднат, глава не крева, а јас добивам неколку сожаливи погледи кои ми велат – џабе ѝ е и Лондон и Вимблдон и кола и тенис и сè, кога на работа оди со - воз.

Осум и половина милиони жители на Лондон (со туристите кои постојано ги има, бројката доаѓа и до 10) го користат јавниот превоз. Наутро од 7 до 9 и приквечер од 5 до 7 реки луѓе се сливаат кон најголемите станици во Лондон како Јустон, Кингс крос, Ватерло, Лондон бриџ... и од таму ги разнесуваат патниците низ градот, низ предградијата и низ целата земја. Колкава е важноста на јавниот превоз можеби најдобро се гледа кога има штрајкови, па градот е парализиран.

Станиците изгледаат како некој да организирал протести, најголемиот дел не можат да дојдат на работа или да си одат дома, такси превозот е скап, некои се организираат па делат такси, а во неколку прилики трпеливите лондончани заборавија дека се студени и смирени, се побунија и почнаа да штрајкуваат против една од најдрските профитерски транспортни компании.

Јавен превоз против загадувањето

Јавниот превоз е начин да се реши и загадувањето во Лондон, кое во некои делови, посебно во центарот редовно ја надминува дозволената граница. Градските власти ги решаваат проблемите со превозот и загадувањето на различни начини – се повеќе метро линии сега работат 24/7. Се градат нови подземни железници - ултрамодерните Темлслинк и Кросреил, кои ќе поврзуваат делови од Лондон кои досега беа поврзани само со автобуси или можеше да се стигне само со возила.

Исто така, се проширува и авионскиот превоз, но градоначалникот Садик Кан, по долги и мачни консултации, има забелешки и ја закочи изградбата на третата писта на Хитроу поради буката и загадувањето. Во предградијата Патни и Брикстон загадувањето кое беше над дозволената граница е драстично намалено за една година откако се воведоа автобуси на струја и се забрани утовар и растовар на дизел-камиони и комбиња во текот на денот.

Се прошири зоната во централното подрачје каде што секое влегување се плаќа по 11,5 фунти во период од 7 наутро до 6 навечер, паркирањето во центарот и редуцирано и неверојатно скапо, од април 2019 во поширокото централно подрачје ќе биде прогласена Ултра Ниска Емитувачка Зона (УНЕЗ), во која нема шанси да влезе дизел или некое друго возило кое загадува па макар и да сака да плати стотици фунти. Веќе сега се рекламираат компании што ќе изнајмуваат возила на струја на лондончани и туристите ако сакаат да влезат или само да поминат низ центар по работа или забава. И нашето возило е едно од оние што не е според УНЕЗ, па имаме година и пол да бараме чаре. Тојота Рав 4, дизел некој?

Што ме потсети на татко ми кој зборуваше за возачите од еден град во Источна Македонија, кои кога доаѓале во Скопје, колите си ги паркирале во Петровец. Па земале воз.

 

 

ОСТАНАТО ОД КОЛУМНИ

Понудени, како почестени, па вие видете што ќе правите

Ја разбирам фрустрацијата на ВМРО-ДПМНЕ, па дури и нивното демократско право да бојкотираат, но оваа политика на бојкот ќе мора наскоро да ја менуваат, оти во неа нема политика, туку само тврдоглав инает и недораснатост.

Лажни вести – лош глас за моќните

Речиси половина од сите жители на ЀУ, (46 отсто во 2016 година), консумираат вести главно преку социјалните мрежи и ги делат понатаму на интернетот без ни најмал напор за проверка на фактите.

Москополе

Отсекогаш сум сакал да научам влашки јазик, но никогаш не сум имал прилика.

Барок, Рококо и $ Охохооооо

Сега плачеме. Зошто не плачевме последните 11 години? Што сега? Доза заборав? Бевме многу уплашени? Па, ајде да се плашиме и сега.

Пет куршуми во телото на балканскиот мир

Ние сме на крстосница на која, можно е, сите семафори истовремено да покажуваат црвено или зелено светло. Затоа, изборот за тоа како да продолжиме, сепак, ќе биде наш.

Позајмувачи

Системот на „позајмување“ всушност и беше комплетно октроиран и елабориран токму од страна на државата и нејзините (највисоки) институции, што пак, нормално, потоа се шири како чума низ целото општество.

Православието не е религија!

Човекот ништо не мора, како што му сугерира карикатуралното православие, туку може слободно да сака или не.

До финалето, трпение – спасение!

Без паника околу најверојатната почетна неприфатливост на предлозите што деновиве ќе „протечат“ во грчката или во македонската јавност.

Just do it!

На овие граѓани очајно им е потребен еден голем чекор. Доста им се мали чекори со „големо значање“. Тоа веќе не поминува. Малите чекори задржете си ги. Нека биде тоа нов Клинички центар

Поуки од британскиот однос кон сопственото и името на Ирска

Ирска го користи сопственото уставно име во дипломатските односи со странски држави, во рамките на ООН, Европската унија (ЕУ), Советот на Европа...

НАЈЧИТАНИ