• 18 јануари 2018
  • Вести денес: 106

Госпоѓата Бранка, родина на мажот на мојата пријателка Душица, реши да ја прифати поканата од пред дваесет и пет години и да тргне од родниот Аранѓеловац, па да дојде во Лондон. Имаше слушнато за познатите распродажби околу новогодишните празници и се појави кај роднините во Килбурн на некоја недела, со многу ентузијазам и малку, речиси никакво познавање на англискиот јазик. Душица ја наоружа тетката со мапи на Лондон, ѝ ги напиша на ливче домашната адресата, телефонот и две-три реченици на англиски и со растреперено срце ја пушти сама „низ град“, зашто тука освен за Божиќ и Велигден, сите други денови се работни, па роднините, ако се нестрпливи до првиот наш неработен ден, ќе мора низ Лондон да се снаоѓаат сами.

Доаѓа седум навечер, Бранка ја нема. Осум, од Бранка ни трага ни глас (во тоа време без мобилен). Домаќините веќе во шест и пол вратени дома ги фаќа паника, жената не знае англиски, каде е, што ли правела цел ден, да не ѝ се случило нешто... И еве ја конечно госпоѓа Бранка некаде околу девет вечерта, целата зацрвенета в лице, со еден куп ќеси и пакетчиња во рацете. „Па добро, Бранка, каде си до сега, се загриживме, па што правеше цел ден, не знаеш англиски“. А Бранка, презадоволна, седнува во кујната, ги вади чевлите, ги трие стапалата едно од друго и вели: „Па, снашла сам се, децо - где год сам видела да се сале продаје – ја уѓем! Лепо ме примили људи... (за оние на кои српскиот им е проблем: се снајдов – секаде каде што ќе видев дека се продава сале, ќе влезев). Живо џабе! Да видевте само што сè беше на понижење...“ И така „сале“, односно сејл, односно распродажба, односно „понижење“ стана дел од нашиот семеен фолклор. На кој никако не можеме да му одолееме.

Традиционални распродажби

Распродажбите се заштитниот знак на декември и на јануари во Лондон. Почнуваат ден-два пред Божик, но главната е на Боксинг деј - еден ден по Божик. Сепак, сега помали распродажби има во текот на целата година. Секои месец-два, компаниите рекламираат намалувања од по 10, 20, 30 проценти.... сезонските намалувања се редовна појава, самопослугите постојано имаат промоции од типот „плати едно земи две“ - сè е подредено на потрошувачите и нивните желби. И сè што ќе купите, можете да го вратите во рок од 7 до 28 дена. Во принцип не би требало да биде носено или користено, ама знам за вратена носена (па испрана и испеглана!) кошула од Хародс и за мултисечкач кој исечка што исечка, па се врати во Џон Луис. Но, оние за време на новогодишните празници се сепак нешто посебно и дел од празничната лондонска атмосфера.

Оваа година е пресметано дека луѓето во Лондон купуваа за 4,5 отсто помалку од лани. Дека во декември купуваа главно преку интернет. И дека за црниот петок купуваа повеќе отколку пред Божик. Но, потоа дојдоа распродажбите на првиот ден по Божик, па за и по Нова година и луѓето излегоа во полн број во продавниците каде што пишуваше „сале“, сејл, биг сејл, тотална распродажба. Аналитичарите очекуваат дека домашните потрошувачи во новата година ќе ги зауздаат своите апетити за трошење, зашто инфлацијата, поврзана со слабата фунта, ја еродира потрошувачката моќ, а пазарот на недвижнини ја нагризува нивната самодоверба. Британците, а со тоа нели и лондончаните, сè уште го апсорбираат импактот од првото зголемување на каматната стапка на Банката на Англија за повеќе од една деценија. Сето ова, заедно со неизвесноста од брегзитот кој како Дамоклов меч виси над главите на Британците, не ја прави иднината на бизнисот премногу светла.

Слаба фунта, јаки дилови

Но, од друга страна, слабата фунта привлече голем број туристи во Лондон, кои се „бореа“ рамо до рамо со лондончани за дизајнерските и за другите луксузни производи купени „за џабе“. Ова е време за нив. На сите што со години Лондон им беше скап, сега со задоволство ги менуваат доларите, јените, еврата и се смешкаат колку фунти добиваат и колку конечно Лондон им е релативно евтин. Кога има распродажби, се разбира. А лондончани, пак, решија дека ќе купуваат поретко, ама солидно. Големите стоковни куќи како Хародс, Селфриџис, Харви Николс каде што се продаваат исклучиво дизајнерски парчиња облека, како Питер Џонс, Џон Луис каде што нема шанси да купите бофл роба, деновине се опседнати од потрошувачи. „Најжешко“ беше ден по Божик, но и сега распродажбите траат. А цените одат надолу. Трговците се трудат да се ослободат од залихите производи - од парфеми и шминки преку чевли и фустани до телевизори и кујни и каучи и спални соби. Главни потрошувачи сепак се жените. Сликите на мажи како трпеливо на студот чекаат пред најголемата продавница за женска долна облека на Бонд Стрит, „Викторијас сикрет“ и занесено го гледаат рекламниот спот со моделките во излогот-спотот се дел од целата луда атмосфера.

И додека трае сето ова, шетам по продавници и си личам како вработен на берза. Барам добар дил. Намаление од 10 отсто, 20 отсто, 30 отсто? Не се ни вртам. 40 отсто? Ми се заскокоткува интересот... ама само меркам. На 50 отсто правам напор и барам мој број и пробувам. На 60 отсто го ставам мојот број некаде поназад на полицата или на закачалките и одам понатаму, божем незаинтересирана. Што ако го нема? Развивам филозофија - ако е за мене, ќе ме чека. И конечно, кога ќе најдам „мое, мој број, намалено 70 отсто“ - купувај! купувај! купувај!

Објавено во „Слободен печат“
 

ОСТАНАТО ОД КОЛУМНИ

Понудени, како почестени, па вие видете што ќе правите

Ја разбирам фрустрацијата на ВМРО-ДПМНЕ, па дури и нивното демократско право да бојкотираат, но оваа политика на бојкот ќе мора наскоро да ја менуваат, оти во неа нема политика, туку само тврдоглав инает и недораснатост.

Лажни вести – лош глас за моќните

Речиси половина од сите жители на ЀУ, (46 отсто во 2016 година), консумираат вести главно преку социјалните мрежи и ги делат понатаму на интернетот без ни најмал напор за проверка на фактите.

Москополе

Отсекогаш сум сакал да научам влашки јазик, но никогаш не сум имал прилика.

Барок, Рококо и $ Охохооооо

Сега плачеме. Зошто не плачевме последните 11 години? Што сега? Доза заборав? Бевме многу уплашени? Па, ајде да се плашиме и сега.

Пет куршуми во телото на балканскиот мир

Ние сме на крстосница на која, можно е, сите семафори истовремено да покажуваат црвено или зелено светло. Затоа, изборот за тоа како да продолжиме, сепак, ќе биде наш.

Позајмувачи

Системот на „позајмување“ всушност и беше комплетно октроиран и елабориран токму од страна на државата и нејзините (највисоки) институции, што пак, нормално, потоа се шири како чума низ целото општество.

Православието не е религија!

Човекот ништо не мора, како што му сугерира карикатуралното православие, туку може слободно да сака или не.

До финалето, трпение – спасение!

Без паника околу најверојатната почетна неприфатливост на предлозите што деновиве ќе „протечат“ во грчката или во македонската јавност.

Just do it!

На овие граѓани очајно им е потребен еден голем чекор. Доста им се мали чекори со „големо значање“. Тоа веќе не поминува. Малите чекори задржете си ги. Нека биде тоа нов Клинички центар

Поуки од британскиот однос кон сопственото и името на Ирска

Ирска го користи сопственото уставно име во дипломатските односи со странски држави, во рамките на ООН, Европската унија (ЕУ), Советот на Европа...

НАЈЧИТАНИ