• 18 јануари 2018
  • Вести денес: 106

Кога една македонска партија, која според почетниот акроним е ем македонска, ем внатрешна, ем револуционерна, издава „срцедрпателно“ соопштение повикувајќи се на владеење на правото и осуда на притворот како казна за „уставобранители и патриоти“, на секој разумен човек кој нема кратко паметење би требало „да му пукне **рот“ (оние што имаат дилема, нека читаат: „да му пукне чирот“).

Внатрешната револуционерна партија, која истовремено се претставува како „демокрерска“ која се залага за „македонско национално единство“, после децениско авторитарно владеење, самоволие и насилство - замислете - се повикува на концепт кој никогаш не го практикуваше за време на своето владеење со државата, со судбините на граѓаните и со севкупниот имот, државен и приватен. А знае ли некој во оваа револуционерно-демократска партија што претставува повеќезначниот доктринарен принцип или концепт за владеење на правото, концепт на кој се повикува?

Но, пред краткиот осврт на таа тема, за она второто - осудата од оваа револуционерно-демократска партија во врска со нејзините соопштенија дека сега „притворот се користи како казна“. И за тоа што наследничката на историски камелеонската организација (од организација на социјалисти, историски оквалификувана како национално-ослободителна..., како терористичка..., како патриотска или профашистичка...), сега како партија, правеше додека владееше во цела една деценија и плус, од 2006 до 2017 година.
Не е неопходно да се спомнуваат „одлепените“ изјави за „монтираните... и залепени“ снимки од објавуваните разговори меѓу владините министри и високи „демократско-револуционерни“ функционери за злоделата кои ги правеле, па ниту телевизиските снимки од „куртонските“ телевизии и уредници за незаконско приведување на невини луѓе со „лисици“ и употребена полициска сила пред камери и со помош на „сваровски судството“. Но, сепак, никако не може да се избегне спомнување на некои непобитни факти во врска со „притворот како казна“.

Пред пет-шест години во Република Македонија имаше над 500 (со зборови: над петстотини) притворени лица, што значи дека на секои 10.000 жители во државата (сосе децата) имаше скоро по три притворени лица. Секако, затворениците не се вклучени во овој процент, туку само притворениците!

За време на „револуционерно-демократската“ партија, т.н. сваровски судство донесуваше одлуки за притвор и кога некој ќе добиеше затвор (читај: запек), а заедно со стотиците притвореници страдаа илјадници членови на нивните семејства и нивни блиски роднини.
Како во ниту една земја во светот, па ниту во зоолошките резервати и градини, условите не се така ужасни како за притворениците во Македонија.

Во ниту една држава во светот времетраењето на притворот, и во многу поповолни услови, не трае со години, како што беше случај во време на владеењето на македонските револуционерни демократи.
Држењето во повеќегодишен притвор во монтирани политички случаи, најчесто во партиско-полициска спрега и притисок врз или налог кон контролираното т.н. сваровски судство, обично резултираше со пресуди со високи затворски казни за опонентите, критичарите или политичките противници на фашизоидниот режим на револуционерните демократи.
...

И сега, истите тие револуционерни демократи бараат ослободување од притвор на лица обвинети според законските одредби за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ од Кривичниот законик во чие усвојување во Собранието и самите учествувале, го утврдиле, изгласале и усвоиле.

Новоизбраниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, не мора да е информиран за сè и сешто, оти тој е релативно нов во револуционерно-демократската партија и уште понов како лидер. Дали е свој, како марионета или во нечија сенка, тое е сеедно, оти тој како доктор од областа на техничките науки и не може да ги познава сите законски прописи, ниту пак да знае што значи концептот за владеење на правото. Но, тој би морал да знае дека во политиката и во економијата со помош на статистиката и други методи, резултат од два плус два (2+2) не е секогаш четири (4), ако бројките се заокружени и не се децимално изразени. Тој не мора да ја знае и анегдотата за Ајнштајн кој на прашање: дали сè е релативно, генијалниот научник со еден збор одговорил – апсолутно! А ниту мора да го познава лицето со прекар „децималнио(т)“, затоа што човекот „не бил сосема токму“. Но, ете. и тоа лице секојдневно пишува разноразни соопштенија, кои, за среќа, никој не ги објавува, оти „децималнио(т)“ нема третман на партија на револуционерни демократи.

Извесно е дека револуционерните демократи не знаат што вклучува и значи концептот за владеење на правото; но, се чини дека тоа не го знаат ниту нивните поддржувачи од академските и „експертски“ кругови, барем судејќи според нивните јавни настапи и писанија, вклучувајќи ги и оние од некои универзитетски професори.

Еве нешто накратко, само за поттикнување на нивните размисли на оваа тема.

Во современиот свет, на глобално ниво, главно постојат два концепта на управување, односно владеење со држава: демократскиот концепт за владеење на правото и, вториот, автократски концепт за владеење со/преку закони. (Овде нема простор за објаснување на разликата меѓу управување и владеење со држава, но треба да се нагласи дека само во некои балкански држави странскиот збор government означува влада, а не управа. Во демократските држави се управува и опозицијате се смета како дел од државниот управувачки апарат, а во балканските земји, како каде – ретко се управува, а најчесто се владее автократски, со опозиција во аут.

Ајде да се надеваме дека во иднина приодот и ситуацијата во Македонија ќе се измени во полза на good governance - доброто управување со државните работи).

Концептот за владеење на правото кој некои теоретичари го именуват како мултизначен комплет од демократски вредности и принципи, меѓусебно поврзани, испреплетени и меѓузависни, подразбира: установен правен поредок, со устав, закони и подзеконски акти; уставност и законитост; правниот систем ја одразува волјата на граѓаните и ги гарантира нивните човекови права и слободи; поделба на власта во државата на законодавна, извршна и судска, со заемна контрола и урамнотежена меѓузависност; уставни и законски ограничувања кои оневозможуваат и/или санкционираат пречекорувања на овластувањата на државните органи, нивно арбитрарно одлучување, злоупотреби, неразумни дискрециони права и самоволие; независно судство, заштитено од надворешни влијанија и притисоци; праведно и фер судење; почитување на универзалните човекови права и слободи кои можат да бидат ограничени само со закон и во законски утврдена постапка; еднаквост на граѓаните и примена на законите на ист начин кон сите граѓани; транспарентност на процедурата за донесување закони; законите можат да се менуваат во законски утврдена постапка која е транспарентна, но многу ретко, водејќи сметка за правната сигурност; секој граѓанин има право да оспори уставност на закон или друг општ акт; донесените закони треба да имаат својства на општост/универзалност (важат и за оние што ги донеле), одреденост, јасност, постојаност/трајност, праведност, етичка оправданост, јавна достапност, со исклучена ретроактивност; перспективна насоченост на законите, наместо ретроспективна; постоење на процесни гаранции со кои се штити личната слобода и спречува полициско самоволие; постојана, правилна, правична и неселективна примена на правните прописи, заснована врз нивно рационално толкување и правна логика; правовременост и делотворност на судските одлуки; презумција на невиност и неможност за повторна казнивост за исто кривично дело; заштита на сопственоста, стопанските и интелектуални права и склучените договори; активна вклученост на граѓаните во демократските процеси; стабилност, правна извесност и еднаквост како основи за економска слобода и напредок; почитување на општоприфатените правила за конфликт на интереси; почитување и извршување на обврските кои за државата произлегуваат од склучени мултилатерални и/или билатерални договори со други меѓународно-правни субјекти...

Гореспоменатите одредници не треба да се сфатат и прифатат како исцрпен и дефинитивен каталог на вредности и принципи, туку како основна „арматура“ врз и околу која се гради концептот за владеење на правото. За успешно и ефикасно спроведување на овој концепт потребно е постоење на соодветни државни институции кои истиот го поддржуваат, но и изградена политичка култура и свест, како кај политичките елити во сите ешалони на државната власт, така и меѓу граѓаните. Концептот за владеење на правото е камен темелник за секое демократско општество. Тој концепт денес е можеби најважниот политички идеал на секоја држава која тежнее да биде демократска.

Алтернатива на концептот за владеење на правото, како што е веќе речено, е арбитрарна употреба на моќ и насилие, спроведувана преку авторитарниот концепт за владеење со/преку закони. А според кој концепт подолго од едно десетлетие владееја револуционерните демократи кои сега се повикуваат на владеење на правото! Без срам и перде, но со (од нив) киднапирана држава која некои ја именуваат како заробена!!! И се`уште неслободна и со демократски дефицит, токму поради наследената катастрофална оставина од режимот на револуционерните демократи.
 

ОСТАНАТО ОД КОЛУМНИ

Понудени, како почестени, па вие видете што ќе правите

Ја разбирам фрустрацијата на ВМРО-ДПМНЕ, па дури и нивното демократско право да бојкотираат, но оваа политика на бојкот ќе мора наскоро да ја менуваат, оти во неа нема политика, туку само тврдоглав инает и недораснатост.

Лажни вести – лош глас за моќните

Речиси половина од сите жители на ЀУ, (46 отсто во 2016 година), консумираат вести главно преку социјалните мрежи и ги делат понатаму на интернетот без ни најмал напор за проверка на фактите.

Москополе

Отсекогаш сум сакал да научам влашки јазик, но никогаш не сум имал прилика.

Барок, Рококо и $ Охохооооо

Сега плачеме. Зошто не плачевме последните 11 години? Што сега? Доза заборав? Бевме многу уплашени? Па, ајде да се плашиме и сега.

Пет куршуми во телото на балканскиот мир

Ние сме на крстосница на која, можно е, сите семафори истовремено да покажуваат црвено или зелено светло. Затоа, изборот за тоа како да продолжиме, сепак, ќе биде наш.

Позајмувачи

Системот на „позајмување“ всушност и беше комплетно октроиран и елабориран токму од страна на државата и нејзините (највисоки) институции, што пак, нормално, потоа се шири како чума низ целото општество.

Православието не е религија!

Човекот ништо не мора, како што му сугерира карикатуралното православие, туку може слободно да сака или не.

До финалето, трпение – спасение!

Без паника околу најверојатната почетна неприфатливост на предлозите што деновиве ќе „протечат“ во грчката или во македонската јавност.

Just do it!

На овие граѓани очајно им е потребен еден голем чекор. Доста им се мали чекори со „големо значање“. Тоа веќе не поминува. Малите чекори задржете си ги. Нека биде тоа нов Клинички центар

Поуки од британскиот однос кон сопственото и името на Ирска

Ирска го користи сопственото уставно име во дипломатските односи со странски држави, во рамките на ООН, Европската унија (ЕУ), Советот на Европа...

НАЈЧИТАНИ