• 21 јануари 2018
  • Вести денес: 0

Ги гледам како се подготвуваат. Небаре гледаш синхронизирано пливање. Сите координирани, во круг, исти движења, уиграни, знаат што прават, очигледно стотици пати ги повторувале вежбите. Доаѓаат во центарот на кругот, па се враќаат назад, прават геометриски форми. За дресовите, да не зборувам. Како од бутик да се. Им стојат - пасент. Позитивните атрибути им се истакнуваат, оние другите речиси не се забележуваат. Нашите, ах нашите. Што да кажам. Како распашана команда. Еден се тегне, друг прави склекови, трет крева раце горе-долу како прваче на физичко, еден висок седнат на теренот се обидува да си ги допре прстите, друг гледа наоколу фасциниран како Алиса во земјата на чудата. Некој решил да им даде шушкавци - ја утнал бојата, па момците се во портокалови и една големина за сите, а дресовите се извесна нијанса на црвенкаста.

Го најавувам фудбалскиот натпревар помеѓу репрезентациите на Македонија и Англија во Саутхемптон, седната зад англиската репрезентација. Ги поздравив македонските навивачи на стадионот на македонски, му кажав на колегата од Би-би-си како се изговара Шумуликовски, ги измеркав од едно метро растојание Бекам (проклето згоден е) и Ширер (уште тогаш почна да ќелави) и си велам, господе боже, само да не загубиме со повеќе од пет гола разлика. И потоа, што да кажам, останатото е, што би рекле, историја. Натпреварот заврши нерешено, два-два, Шакири му ја запечати судбината на англискиот голман Симан, а јас продолжив да следам фудбал и на островот, зашто го сакам.

Нови ветришта

Сите што ја следат англиската Премиер-лига, добро знаат дека времето кога фаворитите суверено владееја е минато. На пример, кога Манчестер јунајтед „растураше“ и не беше прашање дали ќе победи, туку со колку. Се знаеше кој може, а кој нема шанси да биде тренер. Се знаеше кај им е местото на жените. Се знаеше дека фудбалот е машки спорт и дека фудбалерите не плачат, не се жалат, не (се) силуваат, не се злоставуваат и не се самоубиваат. Ама, работите некако почнаа да се менуваат. Сега секој може да победи секого. И жените влегоа во фудбалот и тоа не само што влегоа, туку сегашниот женски тим на мојот Арсенал лани беа шампиони и се многу подобар и поуспешен од сегашниот машки тим, кој минатата недела загуби 2-4 од Нотингем форест! Сте слушнале ли за Нотингем Форест? Не, не за шерифот од Нотингем форест кој го ловеше Робин Худ, туку за клубот на четиринаесетто место од неговата лига кој на терен излезе со в.д. тренер и - не растури...

Се открија низа афери на фудбалски тренери што злоставувале млади деца доверени да ги тренираат, неколкумина фудбалери се огласија дека се геј па беа мобирани, самоубиството на велшкиот фудбалер и менаџер Гари Спид го отвори прашањето дека фудбалерите страдаат од депресија и треба отворено да говорат за тоа, а расизмот во фудбалот, и покрај тоа што се сметаше дека е истребен, очигледно и натаму го има.

Највисоките претставници на британскиот фудбал неделава беа повикани во парламентот и „прорешетани“ од претставниците на комисиите за спорт, култура, медиуми и дигитално општество и излегоа како аматери. Резултатот беше - Фудбалската асоцијација на Британија доби порака од владата - направете реформи, или ние ќе ви направиме, променете се или исчезнете. Со оглед на тоа што ФА со децении наназад беше „мртовец кој оди“, многумина се скептични дали реформите што треба да бидат во чекор со новото време ќе успеат. На пример, на секој конкурс за тренер да мора да има и кандидат од малцинство или најмалку мешана раса кој ќе ги исполнува условите, дека нема финансирање за организации што нема да ги штитат играчите од злоупотреби од тренерите, свиркачите не смеат бидат игнорирани и мора да имаат правна помош и заштита. Ќе се прават напори и да има повеќе жени во фудбалот и лица со хендикеп, да се вложува во младинскиот фудбал кој, патем речено, е поуспешен од постарите и така натаму.

Бизнис си е бизнис

Со новата програма треба да се промени сликата дека фудбалот, најважната споредна работа на светот, во Англија ја водат бели, подостарени мажи во блејзери, и тоа навистина ќе биде голем предизвик. Голем. Предизвик.

И, во меѓувреме, додека белите, подостарени мажи во блејзери размислуваат како да ги спроведат владините препораки кои доброволно ги усвоија (читај погоре), бизнисот си тече. Лондон има 13 клуба, сите со свои или стадиони што се градат, со дресови (нови и носени од фудбалерите на разни натпревари), шалови, ракавици, паричници, топки, чанти, тренерки, моливи, пенкала и останати дреболии на продажба во клубските продавници, на интернет и низ целиот свет. Сега трае попуст па за 8 фунти можете да купите и бенкица за женско бебе од Тотнам (дискриминација! машките се 16, ама и тоа ќе се среди).

А за нас, навивачите на Арсенал, деновиве се обнароди фантастична можност, по третпат да си го овековечиме името во дворот на стадионот Емирати. Сега околу статуата на мојот омилен фудбалер Тјери Анри. Се продаваат плочки од цинк на кои може да си го напишеме името и презимето, да кажеме дека сме верни навивачи, да одбереме еден од грбовите на клубот и – оп – ќе газат по мене и мојот законит верните арсеналовци. И сето тоа за скромни 80, 150, 275 фунти, во зависност од големината на плочката и љубовта кон клубот. Мојот, кој замотан со шаловите на Арсенал го следеше мечот со споменатиот Нотингем форест (мене ми беше жешко) и се подготвуваше да купи карти за натпреварот со Челси (се пишува Челси, се вика Челси и се изговара Челси) и кого уште малку срце ќе го фатеше кога требаше да кликне на цената од 180 фунти за два билета, на прашањето, ќе купиме ли плочи од Тјери Анри, ме измерка и ми рече: „Може кога ќе го сменат Венгер, кога ќе поевтинат картите и кога ќе го освоиме првенството“. Значи, тенка работа.
 

 

Објавено во „Слободен печат“

ОСТАНАТО ОД КОЛУМНИ

Писма од Лондон: Фул Инглиш

Со индустриската револуција, Фул Инглиш стана достапен и за работничката класа која имаше два оброка дневно, со една разлика – стана прв, а големото количество калории и маснотии „ги држеа“ работниците сити цел ден.

Нашата мера се нашите тракатанци

Кај нас најмногу се произведува лупетање околу приказните за идентитетот, самобитноста, сувереноста, верата и нацијата, за нашата единственост во вселената: таквото лупетање владее онаму каде ништо друго и нема.

Македонски мазохизам

Арифи е во право, нема да поминат ниту десет години пред да почнеме да се срамиме од ставовите што денеска ги застапуваат професорките.

Грујо и златниот вардарски клен

Ние земавме со бел фекален експандиран полистирен го покривме и го префасадиравме нашиот модерен, просветен и еманципиран интернационалистички идентитет и го заменивме со лажен, ретрограден, профашистички мит за „крвта и земјата македонска“

Понудени, како почестени, па вие видете што ќе правите

Ја разбирам фрустрацијата на ВМРО-ДПМНЕ, па дури и нивното демократско право да бојкотираат, но оваа политика на бојкот ќе мора наскоро да ја менуваат, оти во неа нема политика, туку само тврдоглав инает и недораснатост.

Лажни вести – лош глас за моќните

Речиси половина од сите жители на ЀУ, (46 отсто во 2016 година), консумираат вести главно преку социјалните мрежи и ги делат понатаму на интернетот без ни најмал напор за проверка на фактите.

Москополе

Отсекогаш сум сакал да научам влашки јазик, но никогаш не сум имал прилика.

Барок, Рококо и $ Охохооооо

Сега плачеме. Зошто не плачевме последните 11 години? Што сега? Доза заборав? Бевме многу уплашени? Па, ајде да се плашиме и сега.

Пет куршуми во телото на балканскиот мир

Ние сме на крстосница на која, можно е, сите семафори истовремено да покажуваат црвено или зелено светло. Затоа, изборот за тоа како да продолжиме, сепак, ќе биде наш.

Позајмувачи

Системот на „позајмување“ всушност и беше комплетно октроиран и елабориран токму од страна на државата и нејзините (највисоки) институции, што пак, нормално, потоа се шири како чума низ целото општество.

НАЈЧИТАНИ