• 22 февруари 2018
  • Вести денес: 104

До 2006 година Македонија водеше политика: и името и Европа. Како што Србија и тогаш и денеска води политика: и Косово и Европа. Се разбира дека тоа се политики во кои се губат и името и Косово и Европа. Од 2006 година ВМРО-ДПМНЕ водеше политика: ниту името, ниту Европа, ниту Македонија. Тоа беше успешна политика, мора да се признае. Капиталниот пресврт што денеска се насетува, па дури, на некој начин и се формулира (Заев: „спремни сме за географска додавка“) би можел да биде сублимиран во следниот политички императив: Европа е нашето име! Многу прецизно, исполнето со реални содржини, важности и значења по сите аспекти на егзистенцијата и перспективите на една држава, нација и општество, по перспективите и статусите на луѓето... А и убаво звучи!

Ние немаме национална доктрина или нешто што така може да се нарече. Рамка од стандарди, ориентири и проекции, во кои ќе се движиме и врз основа на која ќе ги носиме, во одреден лево-десен дијапазон, политичките одлуки и ќе ги решаваме тековните прашања. Европа е нашето име, би можел да биде првиот постулат на една таква доктрина.

Вториот би можел да биде: името не е цел на нашата борба, туку е инструмент. Ние не го браниме името затоа што и така и така го претворивме во густа магла во која не може да слета нашиот авион, туку се ослободуваме од елементите на името како што балонот се ослободува од вреќите песок за да се искачи на небото и да допатува од Скопје во Брисел. Како што Македонците мораат да се ослободуваат и се ослободуваат, но само под постојан притисок и со чувство на порази, од другите ексклузивитетни статуси во однос на државата. Затоа што други ресурси немаат! Тоа е нашата цел.

Целта на борбата е интеграција во НАТО и во ЕУ затоа што тие две организации се безбедносно-вредносен и економско-финансиски и правен чадор под кој можеме да се засолниме пред невремето на Историјата. Да егзистираме и да функционираме, да ги менуваме шпиците на амбрелата, да бидеме шпица, кога друга нема итн.


Радикална ревизија

Третата точка би можела да биде ова: Историските дискурси ги избегнуваме колку што е можно повеќе, затоа што тие се најслабото оружје со кое Македонија може да излезе на двобој со кој било, а во фигурите во кои не е најслаба, таму се моќите за интерпретации на другите сто пати поголеми. Нема никаква смисла да се расправаме колку е тоа точно или е неочно, праведно или неправедно. Битно е дека политичките ориентации ќе ги темелиме, меѓу другото, и врз овој факт, врз свеста за историјата како хендикеп, а не како предност.

Историјата е хендикеп на сите балкански народи, но во случајот со Македонија е посебен хендикеп. Ширењето на свеста за тоа треба да се сфати како добитничка опција, а не како пораз или причина за депресија и очај.

Четврта точка: ВМРО-ДПМНЕ не е десница во македонскиот политички систем, туку е антимакедонска злосторничка инсталација во најбуквалната смисла на зборот. Таа е измислена, формирана и сетирана, таа организација мајка, како промакедонска уште пред сто и триесет години, на начин што во услови на македонската државна и национална реализација, што се случи во меѓувреме, ја прави антимакедонска по дефиниција. Тоа значи дека мораме да се соочиме со радикална ревизија на крупни историски парчиња од нашата легитимација.

Се разбира, можеме и да не се соочиме со фактот дека самите криво сме се насадиле во нешто што е тотална спротивност на националната посебност на Македонецот, но тоа само ќе значи дека сме се определиле за самоубиство. Можни се, се разбира, вакви и такви политички договори, вакви и такви политички отстапки, но без свеста за ова нема решение за Македонија односно решението е сунѓер со кој ќе не избришат од таблата. ВМРО-ДПМНЕ е сунѓерот.


Русија не е опција

Дали ВМРО-ДПМНЕ може да биде нешто друго!? Може, ако престане да биде ВМРО, а и ако престане да биде ДПМНЕ. Но, клучно ќе биде да се видат конечните резултати од судските процеси против врхушката на оваа инсталација, а се надевам и против неа како правно лице. Дали остатоците ќе можат да се конституираат како европска конзервативна партија - не знам, дали Мицкоски, со сите овие подесувања што му ги прават по Брисел и по Вашингтон, ќе успее да се справи со тој предизвик - не знам, но имаме право да се надеваме.

Петто: Русија никогаш не била опција за Македонија. Односно руската опција за овој дел на светот секогаш била антимакедонска во својата импликативност ако не и во својата директност. Русија и денес нема намера да прави од Македонија балкански Донбас, некаков Вардарбас. Москва знае дека е тоа нереално. Но, мала или малку поголема игра во длабочината на непријателската територија, некој кренат политички мост или пруга во воздух и слични диверзии и саботажи, тоа - да.

Ердоган е на таа нишалка, својот путинистички султанизам може да го држи во западното окружување преку геополитичкото кокетирање со Москва. Но, со сите тие разбирања за неговата деликатна позиција, не можеме да не кажеме дека делуваше како кловн во демонстрацијата на страста со која мисли да го чува уставното име на Македонија. Како јас да изјавам дека нема да дозволам да ја бомбардира Сирија ако не ми даде да му ги изгланцам бомбите. Или така некако.


Демистифицирана политика

Шесто: Фокусот на луѓето мора да се смени. Тематски, од името и сличните тралалајки кон вистинските проблеми какви што се корупцијата, девастираното право и катастрофираниот морал, а и персонално, од одвратната галерија која што со години дефилира и го загадува етерот кон нови лица и кон нови теми, кон нови формати, топ-темите се срање, бабата што од меѓу двете светски војни скокнала да ја открива вистината мора да се симне од програмата како елемент на хигиената, емисиите во кои се бара гледач повеќе за некој од Ѓузумелци да коментира дали Русија ќе ја нападне Америка и дали да ги вратиме старите македонски цареви, мора да се ликвидира. Знам дека ќе ме обвинат за цензоризам, но не драги мои, тоа е како кога ќе ти кажат дека не е убаво да плукаш на улица или дека не е добро на операциона маса да ѝ викаш на голата жена: уф, какво младо женско месо!

Седмо: од бомбите наваму на политиката и е одземена мистиката која и овозможуваше да прави бројни злодела, но без која многу тешко може да функционира. Заев по својата природа го респектира овој факт, но другите се однесуваат како ништо да не се случило. И затоа функционираат како изместени лагери. Во услови на демистификација, политиката мора да се мериторизира и, можеби, да стане послободна, полежерна, повесела, помалку строга, похрабра, покомуникативна, не подемагошка и попопулистичка, какви што тенденции има.

Осмо, промената на Уставот, на пасошите, на личните документи, може да го крене џидипито, хахаха, за некој, можеби, не процент, ама дека ќе го подигне тоа сигурно да. Тоа и влезот во Северноатлантските интеграции ќе бидат единствените последици на решението на спорот за името.

Деветто: Влезот во Европа е дистанцата која Македонецот ќе го ослободи од себе односно од сите негови фрустрации, место на кое дефинитивно ќе се симнува од дневен ред таканареченото македонско прашање.

Десетто: Дајте им на луѓето по еден дупли „џејмисон“ од мене, олабавете се, бре, ако не ја одржувате влагата во идентитетот, тој ќе се исуши! 
 

(Објавено во „Слободен печат“)

 

ОСТАНАТО ОД КОЛУМНИ

Заложничка драма

Патот до пеколот е секогаш поплочен со добри намери, како што рече еден плочкар, кој не го сфати вицот.

Како „малиот Мицковски“ ја замислува политиката

Се плашам дека овој или кратко ќе трае или неславно ќе заврши. Можеби и двете.

Пачавра - писание

Оние 200 будали се чини се турнати напред само да ја брануваат јавноста и да ги оттргнат погледите од тајните планови и инфилтрации што се случуваат вон вниманието на критичката заедница. Тие се одамна прочитана книга-пачавра.

Корупција – темно петно на политиката

Како и сè друго и во оваа сфера постои друга страна од моралноста, која, без оглед за каков општествено-политички систем станува збор, и без оглед на исклучоците од правилото, се јавува како константа - Моќта опива!

Идентитет и клаустрофобија

доколку се постигне договор (меѓународен), тоа не мора да значи дека ќе треба да чекаме тој целоснно да се сповреде за да влеземе во НАТО. Може ли договорот да вклучува, фази на пример, што мислите?

ПИСМА ОД ЛОНДОН Полнички, слабички, мода и бизнис

Оние што ги фрлија алиштата што ги носеа во осумдесеттите години – е па да им е криво, ако сакаат да ја следат тековната мода, ќе мора да купуваат ново и да си велат – е вакво слично имав.

Буркина Фасо

Ако станеме Горна Македонија ние не би можеле да станеме и Буркина Фасо, тој домеин веќе е зафатен, но би можеле да бидеме Буркина Ласо или, помакедонски: Буркина Ортома!

БОМБА НА МИЛЧИН Им го кажа она што го мислиме многумина!

Сум чул дека некои од младите маоисти во Владата, за постовите и настапите на Милчин коментирале - а бе што сака сега стариов?! Каков безобразлук! СДСМ, внимавајте, Владе Милчин зборува во името на многу што ги споделуваме неговите чувства!

Со оваа земјоделска политика, го испушивме!

СДСМ, очигледно, нема ни волја ни храброст за вистинска земјоделска земјишна реформа којашто, на среден и долг рок, ќе го оправат македонскиот, наводно, стратегиски сектор на земјоделието. Вака, најверојатно го испушивме!

Бојата е иста, во прашање се нијанси!

Многумина забележуваат и се вчудоневидени зошто денес во Македонија нема суштински изразени идеолошки разлики! Од реченото, логично произлегува дека и едните и другите припаѓаат на истото поимање на политиката. Боја иста, прашање се нијанси

НАЈЧИТАНИ