• 22 февруари 2018
  • Вести денес: 104

Врхушката што присвои сѐ што може, криејќи се зад оф-шор сопственици со сомнително портфолио, ги презеде и најпопуларните спортски клубови во Македонија, а сега се труди насила да ги преземе и трофеите. Спортското поле е сурово, го казнува незнаењето и некадарноста на случајно залутаните во него. Затоа кога политичката доминација не може да победи на теренот, на дело стапуваат дополнителни мерки за да не се случи евентуален пораз што може да донесе непредвидени последици кај гласачкото тело.

Таква мерка е, на пример, последниот упад во македонската кошарка што ги „чвороса“ работите дотаму што тешко ќе се одврзе гордиевиот јазол во мрежите под обрачите. Дури се предлага мораториум за да не ни умре кошарката. И тоа сега откако иницијаторите се изборија за промени во Македонската кошаркарска федерација што ќе бидат формализирани на Собранието на 27 април со инаугурација на новиот кошаркарски челник Петар Наумоски. Кошаркарот на векот во Македонија, но и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ кому за четиригодишниот мандат можеа на прстите на двете раце да му се избројат присуствата на парламентарните седници.

Измените во Законот за спорт предизвикаа спор во кој некој ќе мора да биде жртвуван. Клубовите од опозициските општини, Куманово и Работнички, одбија да играат против Карпош Соколи, клубот-иницијатор за промени во МКФ, поради неговата ненавремена пререгистрација во акционерско друштво. Натпреварувачката комисија, сепак, ги регистрира натпреварите службено во корист на Карпош, Работнички беше преселен во понизок ранг, но Арбитражата потоа ги поништи сите претходни одлуки и ги врати на повторно разгледување. Испаѓа дека целата збрка е последица на тридневното задоцнување на пререгистрацијата на Карпош Соколи според Пропозициите на МКФ. Според Законот за спорт, пак, Карпош Соколи не задоцнил три дена, туку три години!
Преземањето на фудбалскиот клуб Вардар од страна на Град Скопје пред четири години кога македонската гордост испадна од Првата лига, но административно беше спасена, го најави интервенционизмот на власта и во спортот. По ФК Вардар, нешто подоцна реклами од јавните претпријатија почнаа да се појавуваат и на дресовите и на МЗТ Скопје, кој беше преземен од општината Аеродром. За да биде и формално-правно добро спакувана приватизацијата, во 2011 година владината Агенција за млади и спорт го измени Законот за спорт. Инсистираше на трансформација на сите клубови-прволигаши од здруженија на граѓани во акционерски друштва (иако пикираа само неколку), но рокот што беше поставен - 31 јули 2012 - се покажа како невозможен за исполнување. Откако АМС утврди дека на терен тешко оди пререгистрацијата на клубовите, на федерациите им овозможи со интерни акти да го пролонгираат рокот. Според измените во Законот, сиромашните трансформирани клубови требаше да имаат почетен акционерски капитал од 25.000 евра и да вработат половина од играчите и уште тројца тренери, лекар и административец. Реалноста беше поинаква: клубовите го приватизираа имотот со кој располагаа - косачки за трева, стари бојлери во соблекувалните, машини за чукање, по некое црево за прскање или џогер за бришење... Стадионите и салите, се разбира, беа државна или сопственост на локалната самоуправа. Но, затоа Законот им ги отпиша на клубовите милионските долгови кон јавните претпријатија. За да може да почнат да се задолжуваат кај нив од почеток.

Свесни за својата надмоќ и на општинско ниво, наредниот потег на власта беше преземање на сиромашните спортски субјекти со општински пари за да ги стават во скут. Така кошаркарската Суперлига стана општинска, а некои клубови „поеднакви од другите“, што ги направи и првенствата нерегуларни. Финансирањето најчесто оди на сметка на веќе задолжените јавни претпријатија (што повторно ќе го платат граѓаните), зашто не им стасуваат парите од општинските даноци за купување неквалитетни странци.
АМС, која без дебата ги предложи законските измени, се оградува од актуелната криза и препорачува проблемите во кошарката да се решаваат „во рамките на Федерацијата“. Најавата од ФИБА за суспензија на македонската кошарка предизвика демисијата на „спорниот“ претседател Даниел Димевски, но и по развластувањето на првиот човек на МКФ, речиси и да не може да се одигра нормално еден натпревар во Суперлигата. „Иницијаторите за промени“ откако ќе ја преземат власта, ќе бидат на голема мака како регуларно да го завршат првенството. Ќе го сменат составот на органите и телата „по своја мерка“, но притискаат и проблемите и цајтнотот. Да не зборуваме што курбан ќе биде и репрезентацијата што во септември треба да настапи на Евробаскетот.
Целата вратоломна егзибиција почна кога МЗТ Скопје Аеродром не само што не го освои Купот на Македонија, туку и му го препушти на Работнички, клубот кој доби поддршка од општината Центар, предводена од опозицијата. Преку ноќ клубовите го сменија мислењето за првиот човек на МКФ, иако Димевски македонската репрезентација од европски „второлигаш“ ја трансформира во редовен учесник на четири континентални првенства по ред, а во своето портфолио запиша дека во негов мандат е остварен најголемиот успех на македонскиот екипен спорт – четвртото место на Евробаскетот во Литванија 2011 година. Димевски тогаш згреши што своето „не“ на политиката не ѝ го кажа кога дел од политичката врхушка се возеше со кошаркарските херои од Литванија во туристичкиот автобус што ги пречека на аеродромот „Александар Велики“, а потоа заедно со цела влада продефилираа под Триумфалната капија. Тогаш требаше да им каже – политиката надвор од спортот, вие немате еден грам придонес во овој успех, зашто сѐ уште не сте ни го платиле чартерот од патувањето на ЕП во Полска 2009. Тогашното премолчување, кога заедно со пола влада минуваа под арката на триумфот додека народот спонтано го наполни плоштадот, беше неговиот флерт со политиката за спас на фотелјата, која овој пат не ја сочува.

Сите што немаат сила да ѝ кажат „не“ на оваа власт, кога-тогаш завршуваат на политичкиот олтар. Тешко се опстојува пред политичките притисоци против луѓе со таков калибар што праќаат пораки за „завршување во ендек“, но историјата барем ќе го запамети дека се спротивставил на мешетарењата во спортот. Лопатарите од пред спортските сали и мултифункционалните игралишта што божем имаат мерак на клубовите со најбројна навивачка армија само гледаат можност како да ќарат и преку спортот. Но, кога успехот вештачки се создава, кога-тогаш ќе пукне како балон по распадот на оваа пирамида на моќ, страв и испрани пари.

 

(Објавено во „Слободен печат“)

 

ОСТАНАТО ОД КОЛУМНИ

Заложничка драма

Патот до пеколот е секогаш поплочен со добри намери, како што рече еден плочкар, кој не го сфати вицот.

Како „малиот Мицковски“ ја замислува политиката

Се плашам дека овој или кратко ќе трае или неславно ќе заврши. Можеби и двете.

Пачавра - писание

Оние 200 будали се чини се турнати напред само да ја брануваат јавноста и да ги оттргнат погледите од тајните планови и инфилтрации што се случуваат вон вниманието на критичката заедница. Тие се одамна прочитана книга-пачавра.

Корупција – темно петно на политиката

Како и сè друго и во оваа сфера постои друга страна од моралноста, која, без оглед за каков општествено-политички систем станува збор, и без оглед на исклучоците од правилото, се јавува како константа - Моќта опива!

Идентитет и клаустрофобија

доколку се постигне договор (меѓународен), тоа не мора да значи дека ќе треба да чекаме тој целоснно да се сповреде за да влеземе во НАТО. Може ли договорот да вклучува, фази на пример, што мислите?

ПИСМА ОД ЛОНДОН Полнички, слабички, мода и бизнис

Оние што ги фрлија алиштата што ги носеа во осумдесеттите години – е па да им е криво, ако сакаат да ја следат тековната мода, ќе мора да купуваат ново и да си велат – е вакво слично имав.

Буркина Фасо

Ако станеме Горна Македонија ние не би можеле да станеме и Буркина Фасо, тој домеин веќе е зафатен, но би можеле да бидеме Буркина Ласо или, помакедонски: Буркина Ортома!

БОМБА НА МИЛЧИН Им го кажа она што го мислиме многумина!

Сум чул дека некои од младите маоисти во Владата, за постовите и настапите на Милчин коментирале - а бе што сака сега стариов?! Каков безобразлук! СДСМ, внимавајте, Владе Милчин зборува во името на многу што ги споделуваме неговите чувства!

Со оваа земјоделска политика, го испушивме!

СДСМ, очигледно, нема ни волја ни храброст за вистинска земјоделска земјишна реформа којашто, на среден и долг рок, ќе го оправат македонскиот, наводно, стратегиски сектор на земјоделието. Вака, најверојатно го испушивме!

Бојата е иста, во прашање се нијанси!

Многумина забележуваат и се вчудоневидени зошто денес во Македонија нема суштински изразени идеолошки разлики! Од реченото, логично произлегува дека и едните и другите припаѓаат на истото поимање на политиката. Боја иста, прашање се нијанси

НАЈЧИТАНИ