• 22 февруари 2018
  • Вести денес: 104

Ефектите од роуд-шоуто на Владата по светот излегуваат од контрола. Инвеститори од странство почнале на своја рака да се интересираат за потенцијалните трговско-индустриски развојни зони (ТИРЗ) во Македонија, и тоа со снимање на теренот каде што може да се изгради фабрика. Бидејќи е долг редот на заинтересираните за веќе изградените македонски „бунари“, проникливите партнери на Владата побрзале сами да проверуваат можни локации за развивање на сопствениот бизнис уште пред да биде изградена инфраструктурата, се разбира бесплатно кога станува збор за странци.
Така, група од 40 скаути на потенцијалните инвеститори, со намера да ги испитаат предностите што ги нуди поволниот амбиент во земјава, посетиле локација кај Гошинце. Тој реон е со традиција на добро развиена бесцаринска трговија уште од почетокот на овој милениум. Нашата гостопримливост и отвореност, без ограничувања за странско присуство, им се допаднала на гостите, кои буквално не наишле на никакви пречки на патот кон новиот Бунарџик. Со оглед на најавите на Владата за изградба на филмски студија, актерите на оваа драмолетка, во малку невообичаен термин, некаде околу 2 часот и 30 минути по полноќ, сакале да направат неколку пробни ноќни кадри за да го овековечат природниот амбиент во Македонија - мракобесие. Неопходната опрема во две возила со носивост од 40 луѓе била нечујно и невидливо пренесена до мизансценот и паднала првата клапа на филмот „Караула 2“. Но, таму ги чекало непријатно изненадување - само четворица статисти во униформи. Ваквиот чин го сметале за навредлив, па затоа врзала тројца од нив, а четвртиот го оставиле да ги одврзе откако ќе заминат. Бидејќи бројката била недоволна за снимање масовни сцени, компромисно решиле да одиграат едно детско „Финге, фингераја“, па се разотишле пред да дојде „чика Паја“.
Премиерата на снимката со видеокамера нестрпливо се очекува на „Јутјуб“. Можеби тогаш полесно ќе се препознаат сценаристите или режисерскиот ракопис, кој остана енигма и покрај пораката што беше испратена преку статистите-пешадинци. На лош македонско-српски јазик, преведувачот без лиценца рекол „да не помислува ниту Али Баба, ниту 40-те разбојници да им ја преземат таа парцела“. Потоа, како што дошле, така и заминале – бесшумно во шумата, но оставиле абер дека повторно ќе се вратат откако Владата бесплатно ќе им изгради инфраструктура, зашто двете возила премногу се амортизирале по селските и планински патишта.
Единиците за брзи интервенции мошне брзо реагираа и на спорната локација стигнаа за помалку од 12 часа. „Чика Паја“ настапи со хермелини, пинцгауери и други борбени возила, а со специјална задача - кревање прав. Веста брзо се рашири дека е снимено петто продолжение од комедијата „Полициска трагедија“. Како по стар македонски обичај, новинарите и телевизиските камери биле на локацијата пред конвојот што татни за продолжението на целиот филм да добие на драматика. Уметничкиот впечаток е поправен во вечерните часови кога е вратен суверенитетот на целата територија од изградени и од потенцијални трговско-индустриски зони, за чија сувереност одговара лично суверенот.
На неформален собир, во добро претполноќно расположение, врвот под Водно ја разгледа сериозноста на ситуацијата, и покрај нејзиното несериозно сфаќање од поголемиот дел од јавноста. Веселата дружина сметаше дека на такви сериозни работи треба сериозно да се пристапува. Затоа е употребена омилената формулација тероризам, која е многу ефикасна за дефокусирање, заплашување и етикетирање. Собирот не е признаен од Али Баба, но е констатирано дека увозот на нестабилност е од краток здив и не ја наметнува потребата од заседание на некои совети што се избрани да се грижат за националната безбедност.
Веднаш потоа, многу побучно од самиот „терористички напад“, нападнаа експертите за процената на тежината на упадот на територијата на Македонија. Како дел од геостратешките кроења на мапите со давање гас, нашата земја да ти била на удар на велесилите со желба за доминација на теренот. Повторно на насловните страници и форшпаните од телевизиските вести се најдоа странските служби, се разбира, потпомогнати од домашните предавници што шират нестабилност.
Откако деминерите не успеаја да го исчистат теренот од речиси секојдневните бомби, се послужија со десантни единици по цена да ја загрозат и територијата на државата и да шират паника кај народот за стравот да го потисне револтот. Десантот од Гошинце продолжува и со надлетување со хеликоптери над Скопје. За да се подзасили атмосферата на ширење страв и закани, дури и венци се испраќаат на домашни адреси. Сѐ со цел да се зачува Македонија како слободна финансиска зона за парите од Белизе, Лугано и Будимпешта.
Крајот на веќе видениот филм сепак веќе се наѕира: ќе пристигне шумарот и ќе ги избрка и каубојците и Индијанците. 

Објавено во „Слободен печат“

ОСТАНАТО ОД КОЛУМНИ

Заложничка драма

Патот до пеколот е секогаш поплочен со добри намери, како што рече еден плочкар, кој не го сфати вицот.

Како „малиот Мицковски“ ја замислува политиката

Се плашам дека овој или кратко ќе трае или неславно ќе заврши. Можеби и двете.

Пачавра - писание

Оние 200 будали се чини се турнати напред само да ја брануваат јавноста и да ги оттргнат погледите од тајните планови и инфилтрации што се случуваат вон вниманието на критичката заедница. Тие се одамна прочитана книга-пачавра.

Корупција – темно петно на политиката

Како и сè друго и во оваа сфера постои друга страна од моралноста, која, без оглед за каков општествено-политички систем станува збор, и без оглед на исклучоците од правилото, се јавува како константа - Моќта опива!

Идентитет и клаустрофобија

доколку се постигне договор (меѓународен), тоа не мора да значи дека ќе треба да чекаме тој целоснно да се сповреде за да влеземе во НАТО. Може ли договорот да вклучува, фази на пример, што мислите?

ПИСМА ОД ЛОНДОН Полнички, слабички, мода и бизнис

Оние што ги фрлија алиштата што ги носеа во осумдесеттите години – е па да им е криво, ако сакаат да ја следат тековната мода, ќе мора да купуваат ново и да си велат – е вакво слично имав.

Буркина Фасо

Ако станеме Горна Македонија ние не би можеле да станеме и Буркина Фасо, тој домеин веќе е зафатен, но би можеле да бидеме Буркина Ласо или, помакедонски: Буркина Ортома!

БОМБА НА МИЛЧИН Им го кажа она што го мислиме многумина!

Сум чул дека некои од младите маоисти во Владата, за постовите и настапите на Милчин коментирале - а бе што сака сега стариов?! Каков безобразлук! СДСМ, внимавајте, Владе Милчин зборува во името на многу што ги споделуваме неговите чувства!

Со оваа земјоделска политика, го испушивме!

СДСМ, очигледно, нема ни волја ни храброст за вистинска земјоделска земјишна реформа којашто, на среден и долг рок, ќе го оправат македонскиот, наводно, стратегиски сектор на земјоделието. Вака, најверојатно го испушивме!

Бојата е иста, во прашање се нијанси!

Многумина забележуваат и се вчудоневидени зошто денес во Македонија нема суштински изразени идеолошки разлики! Од реченото, логично произлегува дека и едните и другите припаѓаат на истото поимање на политиката. Боја иста, прашање се нијанси

НАЈЧИТАНИ