• 21 ноември 2017
  • Вести денес: 83
Плусинфо19:21 30 октомври 2017 ● Прочитано 3709

На 27 ноември во Њујорк ќе започне судски процес за кој, повеќе од една година, Реџеп Тајип Ердоган има кошмарни соништа. Кој е Реза Зараб, со што сѐ се бавел и колку пари ѝ дал на г-ѓа Ердоган? – пишува Зоран Чичак за mojizbor.

Американските инспектори имаат информации за четири пасоши на овој контроверзен бизнисмен: ирански, азербејџански, турски и македонски.

Првиот пасош го добил врз основа на неговото раѓање: на 12 септември 1983 во иранскиот град Тебриз.

Вториот според потеклото на неговите родители: Неговиот татко, Хусеин Зараб, бил во Баку до 2011, иако од 2005, бил во блиски контакти со тогашниот иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад.

Третиот пасош, турскиот, го добил кога стапил во брак со турската поп-ѕвезда Ебру Гундеш во 2008, со која во 2011 добил дете во Истанбул, каде што му било последното живеалиште пред апсењето, пишува ... за Мој избор.

Како и зошто го добил четвртиот пасош - македонскиот - и дали тоа имало некаква врска со извлекувањето на пари од оваа земја за време на режимот на Никола Груевски, како и други детали околу тоа, сега испитуваат американските истражни органи.

Кога бил уапсен на 19 мај 2016 во Мајами на Флорида, Реза Зараб веројатно мислел дека Американците не знаат многу за него. Се измамил. Информациите за мрежата што ја градел во Истанбул со години за да ги изигра американските санкции против Иран им биле добро познати.

Механизмот што го развил Реза Зараб во суштина бил едноставен: иранските пари (поради американските санкции) кои немале пристап во меѓународната мрежа на безготовинско плаќање (SWIFT) се пренесувани на фиктивни компании во Кина и Турција, а се користени за купување на злато. Златото купено со тие пари потоа било префрлано назад во Иран преку Дубаи.

Обвинението од 28 страници што му било соопштено - заговор заради кршење на санкциите против Иран, перење пари и банкарски измами - може, ако се докажат сите точки, да му донесе околу седумдесет и пет години затвор.

Под услов, се разбира, ако пред објавувањето на пресудата не прифати да биде заштитен сведок и прозбори за многу покрупни личности во оваа игра.

За ослободување од притвор, во јуни минатата година, адвокатите на Реза Зараб понудиле гаранција од дури педесет милиони американски долари. Предлогот бил одбиен ...

На денот на апсењето на Зараб, активностите на турската Халкбанк паднале за околу 20 насто. Ројтерс неодамна ја објави веста дека шест турски банки - а Халкбанк е прва меѓу нив – се соочени со парична казна од американските финансиски власти од дури пет милијарди долари поради кршење на санкциите против Иран. Казна во тој износ, да не се лажеме, е рамна на затворање на банката.

Како се однесувал во оваа афера Реџеп Тајип Ердоган е друго прашање со кое во моментов се бават заедничката работна група на разузнавачките структури на НАТО, ЦИА и американското обвинителство. Одговорот на тоа прашање во голема мера ќе го надополни психолошкиот профил на турскиот лидер кој е веќе направен, и ќе го определи понатамошниот начин на работа на Западот во однос на Турција.

Текстот на Вашингтон Пост содржи неколку пикантни детали кои од различни канцеларии, на крајот на септември оваа година, им се дадени на новинарите ...

Прво, Ердоган јавно изјавил дека „тоа не е случај од интерес за Турција“. Но сепак, за време на состанокот со потпретседателот Бајден, и во последните два телефонски разговора со американскиот претседател Барак Обама кон крајот на минатата година и почетокот на оваа, тајно молел за ослободување на Зараб.

Во октомври 2016 година, турскиот министер за правда, Бекир Боздаг, имал таен состанок со својата американска колешка, Лорета Линч. Единствената тема на нивниот разговор била ослободувањето на Реза Зараб од притвор. Неуспешно.

Баш некаде во тоа време, меѓу изборите во ноември минатата година и инаугурацијата на Трамп во јануари годинава, сопругата на Ердоган, Емина во приватен разговор барала ослободување на Зараб од Џил, сопругата на Џо Бајден. Тоа бил избрзан и сосема погрешен поте, што само ги навело американските иследници да почнат да ги истражуваат податоците за финансиските операции на Фондацијата на Емина ...

Во меѓувреме, се зголемувало досието против Реза Зараб во Њујорк. Американските истражувачи дошле до писмо од 2011 кое неговите родители го испратиле до гувернерот на Централната банка на Иран во кое потврдуваат дека нивниот син е подготвен за „економски џихад“ против САД. Текстот на тоа писмо подоцна било пронајдено во неговиот лаптоп.

Во лаптопот на Реза биле најдени и многу други интересни работи, вклучувајќи го и клучниот доказ што се барал со месеци: податоци за донација од четири и пол милиони долари кои неговата компанија, Royal Maritime A.S, ги дала на Фондацијата на Емина Ердоган. Интересно, оваа донација се совпаднала со почетокот на активното учество на Халкбанката во кршењето на санкциите против Иран ...

По победата на Трамп во ноември 2016 Реза Зараб, како еден од своите адвокати, го ангажирал и Руди Џулијани, поранешниот градоначалник на Њујорк. Да, истиот Џулијани, кој во април 2012 година доаѓаше во Белград, лобираше за Српската напредна странка, а кон крајот на минатата година се споменуваше како кандидат за највисоки функции во администрацијата на Трамп. Тој не доби, како што видовме, ниту една функција. А не успеа ниту да го ослободи Реза Зараб од затвор.Но успеа тајно да се сретне со Ердоган за да разговараат за случајот. И таа средба е непогрешливо документирана од ЦИА.

Пауковата мрежа околу турскиот лидер останувала на прв поглед незабележителна, но станувала се погуста. За време на состанокот со Трамп во мај оваа година, Ердоган повторно побарал ослободување на Зараб. Трамп изразил „разбирање“ за овој случај, и толку.

Американските обвинители, потоа го уапсиле и заменикот генерален директор на турската Халкбанк, Мехмет Хакан Атила.

Ердоган во настап на неконтролиран гнев, уапсил еден американски свештеник – некој несреќник што се нашол во Турција - Ендрју Бренсон со надеж дека ќе може да тргува со затворениците. На оваа понуда му било одговорено со уште едно обвинение. Во септември оваа година, Окружниот обвинител за јужниот дел на Њујорк го обвини поранешниот турски министер за економија Зафер Чаглајан за соучество во заверата на Зараб. Свештеникот го оставија на неговата судбина.

Дали Реза Зараб навистина е само еден бизнисмен вмешан во бројни корупциски скандали или е висок оперативец на иранската тајна служба ВАЈА? Или бил само жртва на амбицијата на неговиот татко Хусеин кој на времето му помагал на Ахмадинеџад во развојот на нуклеарната програма на Иран? Или, можеби бил од сето тоа по малку?

Како лице од таков профил можело да воспостави контакти кога дошло во Истанбул во 2008? Како, и покрај предупредувањето на Хакан Фидан, директор на турската тајна служба МИТ, добил турско државјанство? Како во својата мрежа замешал дури тројца турски министри, луѓе од врвот на најголемата банка и сопругата на шефот на државата?

Сите овие прашања се интересни за американските истражувачи и сите оние кои сериозно се бават со анализа на турската држава и нејзините слаби точки. А очигледно, како и во секоја диктатура, најслабата точка на Турција не е никаква идеологија или национален интерес туку – обичната корупција.

Но сепак, тоа што Реџеп Таип Ердоган никако не можеше да го сфати - и од таа почетна грешка произлегле и сите понатамошни - беше како американските претседатели (Обама, а потоа Трамп) не ги знаат деталите околу овој случај, кога тој ги знае деталите на сите случаи за кои Турција е заинтересирана. Како тие не можат да влијаат на своите обвинители, кога тој може.

Како нивните сопруги не добиваат пари од непознати ликови, кога неговата прима.

Тој не ги разбира фундаменталните разлики меѓу функционирањето на една модерна држава и средновековен султанат, Ердоган беше убеден дека и Обама и Трамп всушност го мамат. А тие биле само апсолутно искрени ...

Така веќе една и пол година, Ердоган е секогаш еден чекор зад оваа бизарна серија околу Реза Зараб, настани кои се случуваат пред негови очи. И така ќе доживее и ново изненадување - на 27 ноември оваа година ...

Подготви: А.Ј.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.



ОСТАНАТО ВО РУБРИКАТА

Политички земјотрес во Берлин, што сега?

Математички и политички се исцрпени сите опции освен евентуално малцинска влада на Ангела Меркел за која шансите се минимални.

Лондон е посакувано засолниште за прогонети, за крадци и авантуристи

Главниот град на Англија е посакуван за азил на луѓе со вишок пари кои се кријат од правосудството, а градот им ја пружа и посакуваната анонимност.

Мочуришниот хотел: Трамп Интернешенел, Авенија Пенсилванија 1100

Во историјата на овој град не е забележано претседател, со своето име напишано со огромни златни букви, да ја промовира сопствената компанија.

НАТО: Немаме таен план за Западен Балкан

Официјалниот претставник за Русија и Западен Балкан од одделението за јавна дипломатија во НАТО оцени дека регионот се движи во вистинска насока.

Трамп номинираше истребувач на духови за нов федерален судија

Блогерот Тали никогаш не бил судија, а Американската адвокатска комора тврди дека тој е неквалификуван за тоа место.

НАЈЧИТАНИ