• 21 ноември 2017
  • Вести денес: 83
Плусинфо15:52 31 октомври 2017 ● Прочитано 2338

Претседател Доналд Трамп во понеделникот се разбудил пред зори за во осаменоста на Белата куќа да ја дочека првата вест за најавените први приведувања, дел од големата истрага за руското влијание во претседателските избори минатата година, предводена од специјалниот обвинител и поранешен директор на ФБИ Роберт Милер, го пренесува Јутарњи лист текстот од Вашингтон пост.

Одделен од поголемиот дел од своите вработени, меѓу кои утрото завладеала нервоза затоа што тој доцнел во Овалната соба, Трамп го вклучил телевизорот и поголемиот дел од утрото го поминал искажувајќи лутина поради лошите вести кои доаѓале и во исто време играл улога на медиумски критичар, правен аналитичар и комуникациски стратег, пишува во големиот инсајдерски извештај во Вашингтон пост, кој се повикува на 20 најблиски соработници на претседателот.

Првите информации за обвинението што е поднесено против неговиот поранешен шеф на изборниот штаб Пол Манафорт ги дочекал со лутина и гадење, исплашено ги барал своите адвокати и внимателно ги слушал коментаторите на инфорамтивните телевизиски канали. Едвај го издржал директниот пренос од пристигнувањето на споменатиот Манафорт во федералниот суд, кој бил приведен таму од агенти на ФБИ за да му го прочитаат обвинението со 12 точки, откако тој официјално им се предал. Како што веќе е објавено, меѓу 12 точки е и таа за „заговор против Америка“, но и серија на обвиненија за малверзации во годините пред да работи за Трамп. Слично е и со Рик Гејтс поранешен заменик на Манафорд, против кого исто така е подигнато обвинение.

Претседателот, откако слушнал дека Манафорт е обвинет пред се за работи кои датираат од периодот пред неговото приклучување на изборниот штаб, кратко почувствувал олеснување, иако тој сѐ уште бил бесен затоа што на телевизиите цело време приведувањето го доведувале во директна врска со неговата победа на изборите. Во 10:28 по локално време на Твитер, повикувајќи се на наводите за заговор на неговиот штаб со Русите, објави со големи букви: „Не ПОСТОИ НИКАКОВ ДОСЛУХ“.

Леден туш

Но, само неколку минути подоцна уследи леден туш. Медиумите објавија дека во сосема одвоен случај од тој на Манафорт, поранешниот советник за надворешна политика на претседателот Џорџ Пападопулос, кој во изборниот шааб работел како волонтер, признал пред федералните истражители дека лажел за време на испитувањето во јануари за неговите напори да го поврзе Трамп со рускиот претседателот Владимир Путин. Неговото признание е еден од најјасните докази дека изборниот штаб на Трамп бил навистина на еден или друг начин во дослух со Русите.

Како што Пападопулос навел во признанието во април, пред Демократската партија да сфати дека некој ѝ ги пробил серверите и украл илјадници пораки од изборната кампања на Хилари Клинтон, тој стапил во контакт со еден професор кој му нудел пораки со „гадости“ за Хилари, за што го информирал штабот на Трамп. Дека тој веќе бил член на персоналот сведочи и фотографија објавена на Твитер профилот на Трамп од „состанок за национална безбедност“ одржан на 31 март, каде што Пападопулос седи на иста маса со Трамп, Џеф Сешен и други.



Исто така, Пападопулос открил дека и тој учествувал на спорниот состанок во кулатаТрамп, што бил одржан во средината на изборната кампања на 9 јуни 2016, а на кој, меѓу другите, Трамповиот син Дон Џуниор и неговиот зет Џеред Кушнер разговарале со руската адвокатка Наталија Весељницкаја, која им нудела информации за наводното руско финансирање на кампањата на Хилари. За адвокатката е утврдено дека е директно поврзана со Кремљ. Пападопулос на тој состанок рекол дека тој лично има врска која би можела да организира средба на Трамп со Путин. Таа врска досега била неименувана жена со која го запознал претходно споменатиот професор, а ја претставил како роднина на Путин.

Политичка бура

Дури и за претседател кој ужива во хаос, а честопати и самиот го создава, политичката бура која се забрза во понеделникот беше премногу и му избега од контрола. Шефот на кабинетот Џон Кели дошол до Трамп и, со поддршка на адвокатите Тај Коб, Џон Доуд и Џеј Секулов, му препорачал да биде многу внимателен со јавните реакции, но потоа морале да ги слушаат жалопојките на претседателот за сѐ што го мачи.

- Ма немаше никаква нервоза, ништо посебно не се случи денес во Белата куќа. Претседателот го посвети времето на претседателските должности - уверуваше Коб, адвокат на Белата куќа задолжен за истрагата на Милер.

Но гневот на Трамп го виделе сите што биле во контакт со него во понеделникот, а атмосферата во ходниците на Белата куќа оддавала впечаток на исцрпеност и страв од непознатото, пишува Вашингтон пост. Додека претседателот на катот беснеел, многу луѓе од неговиот персонал, од кои некои заради истрагата на Милер ангажирале и свои адвокати, меѓу себе шпекулирале кој ќе биде следниот во споменатата истрага.

Стегање на обрачот

- Се стега обрачот, сите се вон себе - изјави истакнат републиканец во постојан контакт со водечките луѓе во Белата куќа кој за Вашингтон пост зборуваше под услов да остане анонимен.Трамп е многу нервозен и поради проширувањето на Милеровата истрага за финансиските прашања кои не се директно поврзани со неговата претседателска кампања, а може да наштети и на него и на неговото семејство.

Непотребно е ниту да се споменува дека целата Бела куќа повторно по кој знае кој пат е соочена со ситуација кога иако им е внимателно испланирана целата недела, тие повторно да паднат во сенката на Русија.

Штетни информации

Подалеку од конференциската сала, серија Трампови соработници ја споделиле загриженоста со новинарите на Вашингтон Пост, дека Манафорт и Гејтс, спасувајќи се себеси може на истражителите на ФБИ да им изнесат штетни информации за другите. Особено се загрижени за Гејтс, со оглед дека има мали деца, се верува и многу помалку пари од Манафорт, а останал со Трамп и по заминувањето на Манафорт и имал пристап до Белата куќа, каде што учествувал на разни состаноци.

Дел од соработниците на Трамп се незадоволни од стариот пријател Томас Барак, кој бич на чело на инаугурацискиот тим: него го сметаат за одговорен зошто Гејтс толку долго бил во близина на претседателот. Барак дури и го вработил Гејтс како директор на канцеларијата на неговата компанија за недвижности во Вашингтон.

Трамп и неговите луѓе се обиделе во понеделникот да ги отфрлат лошите вести и се забавувале со децата кои дошле во Белата куќа костимирани по повод Ноќта на вештерките. Претседателот придружуван од неговата сопруга Мелани на возбудените деца во пресрет на празникот им делел подароци. Но облакот на истрагата, која се надви над американската претседателска резиденција е се поопасен.

Веднаш се појавија шпекулации дека Трамп или ќе се обиде да го замени Милер или повторно ќе ги помилува Манафорт и Гејтс, но неговите адвокати инсистираат дека ништо од тоа не е точно. Според извори од Конгресот, можно е дека сегашната стратегија на Доналд Трамп е обид да се дискредитира Милер, со оглед дека сојузниците на претседателот на Капитол Хил кројат такви планови.
 

Подготви: А.Ј.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.



ОСТАНАТО ВО РУБРИКАТА

Политички земјотрес во Берлин, што сега?

Математички и политички се исцрпени сите опции освен евентуално малцинска влада на Ангела Меркел за која шансите се минимални.

Лондон е посакувано засолниште за прогонети, за крадци и авантуристи

Главниот град на Англија е посакуван за азил на луѓе со вишок пари кои се кријат од правосудството, а градот им ја пружа и посакуваната анонимност.

Мочуришниот хотел: Трамп Интернешенел, Авенија Пенсилванија 1100

Во историјата на овој град не е забележано претседател, со своето име напишано со огромни златни букви, да ја промовира сопствената компанија.

НАТО: Немаме таен план за Западен Балкан

Официјалниот претставник за Русија и Западен Балкан од одделението за јавна дипломатија во НАТО оцени дека регионот се движи во вистинска насока.

Трамп номинираше истребувач на духови за нов федерален судија

Блогерот Тали никогаш не бил судија, а Американската адвокатска комора тврди дека тој е неквалификуван за тоа место.

НАЈЧИТАНИ