• 21 ноември 2017
  • Вести денес: 83
Плусинфо11:34 06 ноември 2017 ● Прочитано 1369

Пред еден век оваа недела, комунизмот ја презеде руската империја, најголемата држава во светот во тоа време. Левичарските движења од разни видови биле вообичаени во европската политика долго пред револуцијата на 25 октомври 1917 година (7 ноември во реформираниот руски календар), но Владимир Ленин и неговите болшевици биле различни. Тие не биле само фанатични во своите убедувања, туку и флексибилни во нивната тактика - и имале среќа со противниците, пишува професор Стефан Коткин за Вол стрит џурнал.

Комунизмот влезе во историјата како жестока, но сепак, идеалистичка осуда на капитализмот, ветувајќи подобар свет. Неговите приврзаници, како и останатите на левицата, го обвинуваа капитализмот за лошите услови што ги загрозувале и селаните и работниците подеднакво, како и за распространетоста на експлоататорскиот и детскиот труд. За комунистите кланицата во Првата светска војна била директен резултат на конкуренцијата меѓу грабливите големи сили за странските пазари.

Но еден век комунизам на власт – што се задржа дури и до денешни дни во Куба, Северна Кореја и Кина - јасно покажа колку го чинеше човештвото политичката програма што беше наклонета кон соборување на капитализмот. И повторно, напорите за елиминирање на пазарите и приватната сопственост доведоа до смрт на зачудувачки голем број луѓе. Од 1917-та година, во Советскиот Сојуз, Кина, Монголија, Источна Европа, Индокина, Африка, Авганистан и делови од Латинска Америка- комунизмот одзеде најмалку 65 милиони животи, според истражувањето на демографите.

Ккомунистичките средства за уништување опфаќаа масовни депортации, логори за принудна работа и полициска држава со терор - модел што го воспостави Ленин, а особено неговиот наследник Јосиф Сталин. Тоа беше широко имитирано. Иако комунизмот убивал намерно огромен број луѓе, сепак повеќето негови жртви починале од глад како резултат на суровите проекти на општествениот инженеринг.


За овие епохални злосторства, Ленин и Сталин носат лична одговорност, како и Мао Цетунг во Кина, Пол Пот во Камбоџа, династијата Ким во Северна Кореја и бројните помали комунистички тирани. Но, не смееме да ги изгубиме од вид идеите што ги поттикнаа овие злобни луѓе да убиваат во таков обем, или националистичкиот контекст во кој тие ги прифатиле овие идеи. Антикапитализмот бил привлечен за нив сам по себе, но исто така им послужил како инструмент, во нивните умови, како заостанатите земји да прескокнат во редовите на големите сили.

Сега комунистичката револуција можеби е потрошена, но нејзината стогодишнина, како голема антикапиталистичка кауза, сè уште бара правилно да се оцени.

Во февруари 1917 година, царот Николај II абдицирал под притисок на неговите генерали, кои се загрижиле дека марширањата и штрајковите на гладните во главниот град Санкт Петербург ги поткопуваат воените напори против Германија и нејзините сојузници.

Февруарската револуција, под чиј назив станаа познати овие настани, донесе привремена влада која не била избрана, а која сакала да владее без избраниот парламент. Селаните почнале да заземаат земја, а советите (или политичките совети) почнале да се формираат меѓу војниците на фронтот, како што веќе се случлои меѓу политичките групи во градовите.

Таа есен, додека војната се распламтувала, болшевиците на Ленин започнале вооружено востание, во кое биле вклучени не повеќе од 10.000 луѓе. Тие го насочиле државниот удар не против привремената влада, која одамна била на умирање, туку против главниот совет (городские совјет) во главниот град, во кој доминирале други, поумерени социјалисти. Октомвриската револуција започнала како пуч на радикалната левица против остатокот од левицата, чии членови ги осудиле болшевиците за кршење на сите норми и потоа излегле од советот.

Болшевиците, како и многумина од нивните ривали, биле приврзаници на Карл Маркс, кои ја сметале класната борба за голем двигател на историјата. Тоа што тој го нарекол феудализам би отстапил пред капитализмот, кој пак би бил заменет со социјализмот и, конечно, далечната утопија на комунизмот. Маркс предвидувал нова ера на слобода и изобилство, а нејзиниот предуслов бил уништување на „платеното ропство“ и експлоатацијата на капитализмот. Како што тој и неговиот соработник Фридрих Енгелс објавиле во Комунистичкиот манифест од 1848 година, нашата теорија „може да се сумира во една реченица: Укинување на приватната сопственост".

Откако дошле на власт во почетокот на 1918, болшевиците се преименувале во Комунистичка партија затоа што се обидувале да ја придвижат Русија кон социјализам и, конечно, до завршната фаза на историјата. Милиони се обиделе да живеат на нови начини. Меѓутоа, никој не знаел точно како треба да изгледа тоа ново општество. „Не можеме да дадеме карактеризација на социјализмот“, признава Ленин во март 1918. „Каков ќе изгледа социјализмот кога ќе ја достигне целосната форма, не знаеме, не можеме да кажеме“.

Но едно им било јасно: социјализмот не можеше да личи на капитализмот. Режимот ќе ја замени приватната сопственост со колективна сопственост, пазарот со планирањето, а „буржоаскиот“ парламент со „моќта на народот“. Меѓутоа во пракса, научното планирање било невозможно, како што признавале и некои од тогашните комунисти. Што се однесува до колективизацијата на имотот, тоа не ги оснажило луѓето, туку државата.
Процесот што го покренаа комунистите предизвика огромна експанзија на тајниот полициски апарат што се справуваше со апсењата, внатрешната депортација и егзекуција на „класните непријатели“. Одземањето на имотот на капиталистите ја збогати новата класа на државни функционери, кои се здобиле со контрола на богатството на земјата. Сите партии и гледишта надвор од официјалната доктрина биле потиснати, елиминирајќи ја политиката како корективен механизам.

Декларираните цели на револуцијата од 1917 биле изобилството и социјалната правда, но посветеноста во уништувањето на капитализмот довело до создавање на структури кои го оневозможиле постигнувањето на тие цели.

Во урбаните области, советскиот режим бил во можност да ги привлече вооружените фабрички работници, жестоките регрути на партијата и тајната полиција, како и младите луѓе нестрпливи да изградат нов свет. Меѓутоа, во селата, селанството - околу 120 милиони души - извршило сопствена револуција, го симнале господскиот сталеж и воспоставиле де факто селанска сопственост на земјиштето.


Со уништена земја на работ на гладот, Ленин ги принудил партиските кадри против нивната вилја да ја прифатат привремено одвоената селска револуција. Во селата, и покрај приговорите на комунистичките чистотници квази-пазарната економија била дозволена да функционира.

Со смртта на Ленин во 1924, оваа концесија станала проблем за Сталин. Не повеќе од 1% од обработливото земјиште во државата била доброволно колективизирана до 1928. Дотогаш, клучните фабрики биле веќе во голема мера во сопственост на државата, а режимот се обврзал на петгодишен план за индустријализација. Револуционерите се загрижиле дека Советскиот Сојуз сега имал два неспоиви система - социјализмот во градот и капитализмот во селото.

Сталин не одолговлекувал. Тој наметнал принудна колективизација од Балтичкото Море до Тихиот Океан, дури и во услови на масовни селански бунтови. Тој им се заканил на партиските функционери, велејќи им дека ако не се сериозни во искоренување на капитализмот, тие треба да бидат подготвени да ја предадат власта на растечката рурална буржоазија. Тој поттикнал класна војна против „кулаците“ и секој кој ги бранел, поставувал квоти за масовни апсења и внатрешни депортации.

Сталин бил јасен во неговото идеолошко образложение. „Можеме ли да развиеме земјоделство во стилот на кулаците, како индивидуални фарми, покрај големите фарми“ како во „Америка и така натаму?“, прашал тој. „Не, не може. Ние сме советска земја. Сакаме да изградиме колективна економија, не само во индустријата, туку и во земјоделството“.

И тој никогаш не се повлекол, дури и кога, како резултат на неговите политики, земјата западнала во уште еден период на гладување од 1931 до 1933. Присилната колективизација во тие неколку години одземала 5 до 7 милиони животи.

Страшниот преседан на Советскиот Сојуз немал влијание да ги одврати другите комунистички револуционери. Мао Це Тунг, цврст човек како Сталин, се искачил на врвот на кинеското движење и во 1949, тој и неговите другари излегле како победници во кинеската граѓанска војна. Мао ја видел колосалната загуба на животи во советскиот експеримент како суштинска за неговиот успех.


Неговиот Голем скок напред, насилна кампања од 1958 до 1962, била обид да се колективизираат околу 700 милиони кинески селани и да се прошири индустријата низ селата. „Три години напорна работа и страдање, и илјада години просперитет“, велеше еден истакнат слоган на времето.

Фалсификуваните извештаи за триумфалните жетви и веселите селани ја преплавија добро обезбедената владејачка елита во Пекинг. Во реалноста, програмата на Мао резултирала со едно од најсмртоносните периоди на глад во историјата, одземајќи помеѓу 16 и 32 милиони човечки животи. По катастрофата, која што преживеаните ја нарекле „комунистички ветер“, Мао ги блокирал повиците за повлекување од колективизацијата. Тој изјавувал дека „селаните сакаат слобода, но ние сакаме социјализам“.

Ниту тоа не го исцрпи репертоарот на комунистичката бруталност во име на соборувањето на капитализмот. Со неговото освојување на Камбоџа во 1975, Пол Пот и неговите Црвени кмери одведоа милиони жители од градовите во селата за да работат во колективи и под принудна работа. Тие се обидоа да ја преправат Камбоџа во бескласно, исклучиво аграрно општество.

Црвените кмери ги укинаа парите, го забранија комерцијалниот риболов и ги прогонуваа будистите, муслиманите и етничките виетнамски и кинески малцинства како „инфилтратори“. Режимот на Пол Пот, исто така, ги одзимаше децата за да ја спречи идеолошката инфекција од „капиталистичките“ родители.

Сѐ заедно, можеби дури 2 милиона Камбоџанци, една четвртина од населението, загинале како резултат на глад, болести и масовни егзекуции во текот на четирите кошмарни години на владеењето на Пол Пот. Во некои региони черепи можеа да се најдат во секое езерце.

Класната анализа на Маркс ја отфрлаше легитимноста на било која политичка опозиција, не само од „буржоаски“ елементи, туку и од самите комунистички движења, бидејќи дисидентите „објективно“ му служеле на интересите на меѓународниот капиталистички поредок. Немилосрдната логика на антикапиталистичката револуција укажуваше на еден лидер на врвот на еднопартиски систем.



Од Русија и Кина до Камбоџа, Северна Кореја и Куба, комунистичките диктатори делат исти клучни особини. Сите се повинуваат, повеќе или помалку, на ленинистичкиот тип: фузија на милитантна идеологија и непринципиелна интригантност. И сите имаат екстремна волја - предуслов за постигнување на она што би можело да донесе само неискажливо крвопролевање.

Комунизмот не беше сам во текот на минатиот век во извршувањето на големиот масакр. Репресијата на нацизмот и војните за расно истребување убија најмалку 40 милиони луѓе, а за време на Студената војна антикомунизмот ги поттикна пароксизмите на гротескно насилство во Индонезија, Латинска Америка и на други места.

Но, како што доказите за ужасите на комунизмот се појавуваа во текот на децениите, тие со право ги шокираа либералите и левичарите на Западот, кои споделуваа многу од егалитарните цели на револуционерите. Некои го отфрлија Советскиот Сојуз како деформација на социјализмот, припишувајќи ги злосторствата на режимот на заостанатоста на Русија или на особеностите на Ленин и Сталин. На крајот на краиштата, Маркс никогаш не се залагал за масовни убиства или работните логори на Гулагот. Никаде не тврдел дека тајната полиција, депортацијата во вагони за стока и масовно умирање од глад треба да се користат за воспоставување колективни фарми.

Но ако сме научиле една лекција од комунистичкиот век, тоа е следново: Да се имплементираат марксистичките идеали значи да се предадат. Барањето на Маркс за “укинување на приватната сопственост“ беше повик за акција - и неизбежен пат кон создавање на угнетувачка, неконтролирана држава.

Неколкумина социјалисти почнаа да препознаваат дека не може да има слобода без пазарно стопанство и приватна сопственост. Кога го прифатија постоењето на капитализмот, надевајќи се дека ќе го регулираат, а не да го укинат, тие првично беа отфрлани како отпадници. Со текот на времето, повеќе социјалисти ја прифатија социјалната држава, или пазарната економија со редистрибуција. Но повикот на сирената за надминување на капитализмот продолжува меѓу некои од левицата.

Тој исто така останува жив, иако едвај на ортодоксен марксистички начин, во Русија и Кина, големите тврдини на комунистичкиот век. Двете земји и понатаму не веруваат во она што можеби е најважно за слободните пазари и приватната сопственост: нивниот капацитет да осигураат независност на акцијата и помислата обичните луѓе да ги остваруваат своите сопствени интереси како што сакаат, во приватниот живот, граѓанското општество и политичката сфера.



Но антикапитализмот служеше и како програма за алтернативен светски поредок, во кој можеа да се реализираат долго потиснатите националистички цели. За Сталин и Мао, наследниците на гордите древни цивилизации, Европа и САД ги претставуваа привлечноста и заканата од супериорниот Запад. Комунистите си поставија задача за ускладување и преземање на нивните капиталистички ривали и освојување на централното место за нивните земји на меѓународната сцена. Оваа револуционерна борба ѝ овозможи на Русија да го задоволи своето вековно чувство за специјална мисија во светот, а на Кина ѝ даде уште еднаш да го потврди Средното Кралство.

Отпорот на Владимир Путин кон Западот, со неговата необична мешавина од советска носталгија и преродба на руското православие, се базира на Сталиновиот преседан.

Од своја страна, се разбира, Кина останува последниот комунистички гигант, дури и кога Пекинг промовира и се обидува да ја контролира главно пазарната економија. Под Кси Џинпинг, земјата сега ја опфаќа и комунистичката идеологија и традиционалната кинеска култура, во обид да ја подигне својата позиција како алтернатива на Западот.

Крвавиот век на комунизмот заврши и можеме само да го прославиме неговото заминување. Но, проблематичните аспекти на неговото наследство се одржуваат.


(Стефан Коткин е професор по историја и меѓународни работи на Принстон и постар соработник во Институтот Хувер на Стенфорд. Неговата најнова книга „Сталин: Чекајќи го Хитлер, 1929-1941“, беше објавена минатиот месец од Пингвин Прес.)

 

Подготви: А.Ј.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.



ОСТАНАТО ВО РУБРИКАТА

Политички земјотрес во Берлин, што сега?

Математички и политички се исцрпени сите опции освен евентуално малцинска влада на Ангела Меркел за која шансите се минимални.

Лондон е посакувано засолниште за прогонети, за крадци и авантуристи

Главниот град на Англија е посакуван за азил на луѓе со вишок пари кои се кријат од правосудството, а градот им ја пружа и посакуваната анонимност.

Мочуришниот хотел: Трамп Интернешенел, Авенија Пенсилванија 1100

Во историјата на овој град не е забележано претседател, со своето име напишано со огромни златни букви, да ја промовира сопствената компанија.

НАТО: Немаме таен план за Западен Балкан

Официјалниот претставник за Русија и Западен Балкан од одделението за јавна дипломатија во НАТО оцени дека регионот се движи во вистинска насока.

Трамп номинираше истребувач на духови за нов федерален судија

Блогерот Тали никогаш не бил судија, а Американската адвокатска комора тврди дека тој е неквалификуван за тоа место.

НАЈЧИТАНИ