• 21 ноември 2017
  • Вести денес: 82
МИА09:40 09 ноември 2017 ● Прочитано 1445

Во момент, кога секоја година во светот речиси 700.000 лица умираат поради тоа што антибиотици не им помагаат, Светската здравствена организација објави нови насоки за употребата на антибиотици во месната индустрија.

Ако тенденцијата продолжи, во 2050 година, 10 милиони луѓе ќе умираат од инфекции, поради тоа што станале резистентни на антибиотици.

Компаниите што произведуват храна треба да престанат да даваат антибиотици за забрзување на растот на здравите животни, инсистира СЗО. Во некои држави, 80 отсто од антибиотиците завршуваат како лек за растење на животни што се одгледуват за храна, наведува Организацијата.

Прекумерната употреба на тие лекови за животни, наменети за храна на луѓето, ја зголемуваат отпорноста на организмот на човекот кон антибиотици и со тоа, за дел од бактериите што треба да се излекуваат, не постои лек.

- Недостигот од ефективни антибиотици е сериозна безбедносна закана, како и можна епидемија со смртони исходи, изјави Тедрос Аданом Гебрејесус. Тој нагласува дека на животните што се чуваат за храна треба да им се даваат антибиотици само ако се навистина болни или постои инфекција во стадото. Наместо со антибиотици, фармерите треба да превенираат појава на болести кај стоката со поголема хигиена и преку вакцинација, нагласува СЗО.

САД и ЕУ

Новите насоки доаѓаат во момент кога најмалку два милиони Американци секоја година страдаат од болести поради тоа што развиле резистентност кон антибиотици, вклучувајќи 23.000 лица кои умираат поради отпорноста на лекови.

СЗО истакнува дека на светот итно му треба промена на начинот на кој се препишуваат антибиотици, но и поинаков пристап кон нив, заради тоа што резинстентноста на антибиотици станува глобален здравствен проблем.

Во оваа насока се и препораките на СЗО за ограничувањето на давањето антибиотици на животни кои се користат за исхрана.

Во септември 2016 година, САД се прогласи како една од 193-те членки на ОН, посветена на заедничко работење за решавање на основните причини за кризата со отпорноста на антибиотици кај луѓето, заради прекумерна нивна употреба, како и поради внесувањето антибиотици преку животинско месо. Како една од најголемите земји за производство на месо во светот, владата на САД треба да ги почитува насоките на СЗО за преземање соодветна акција.

Во седмиот годишен извештај на Европската агенција за лекови се анализира продажбата на антибиотици за животни во 30 европски земји во 2015 година.

Според тој извештај, најмалку медикаменти има во месото од Норвешка, два милиграма во еден килограм, по што следуваат Исланд и Шведска. Најмногу има во Кипар, каде се измерени 434 милиграми антибиотици во килограм месо.

Во почетокот на годината, Европската агенција за лекови (ЕМА) и Европската агенција за безбедност на храна (ЕФСА) донесоа заклучок употребата на антибиотици да се сведе на најниско можно ниво при лекувањето животни, освен во исклучителни ситуации. Тие наведуваат дека антибиотици не треба да се даваат за да се спречат болести кај кравите, свињите, живината, туку треба да се воведат вакцини, пробиотици, пребиотици, бактериофаги и органски киселини. Клучните антибиотици, кои се користат и во човековата медицина, при лекувањето животни треба да се употреби само ако не постои никакво друго решение.

Резистентност на лекови

Експертите велат дека со тек на време, нема да можеме да ги излекуваме најобичните болести. Поради отпорноста на лекови, нема да можеме да се справиме со обична инфекција или пневмонија. Сепак, дел од нив изразуваат скептицизам дека се користат антибиотици за да се забрза растот на стоката, поради тоа што се многу скапи и на сточарите не им е економски исплатливо.

Постојат две главни причини зошто се користат антибиотици во исхраната на животни: да се унапреди здравјето на стоката и за тие побрзо да растат. Проблемот не е во антибиотиците кои се користат за лекување на заболените животни и тоа се врши под надзор на ветеринар, туку во тоа што дел од одгледувачите на стока ставаат голем број антибиотици во храната или водата на животните. На тој начин, животните побрзо добиваат на маса, па дури и ако не јадат повеќе храна.

Секогаш кога лекар ќе ни препише лекарства, тој прецизно го одредува времетраењето и количината на антибиотици. Ако се земат премалку, тогаш најотпорните бактерии можат да останат во организмот. Исто се случува и со животните, кога ветеринарите ги лекуваат на соодветен начин. Но, кога антибиотиците се користат за животните побрзо да растат, тогаш им се даваат во мали дози и на подолг период, при што се создаваат услови за создавање високо отпорни бактерии.

Сепак, истражувачите се согласуваат дека постојат релативно мали шанси многу отпорните бактериите од месото од одгледувани животни да се пренесат на човекот, но шанси сепак постојат.

Месо полно со антибиотици и хормони

Белото воденесто пилешко или големо бледо парче свинска кременадла, која не е прошарана со бела маснотија, е сигурен знак дека таквото месо, во најмала рака е полно со антибиотици, хормони или адитиви.

Единствено месо за кое може да се каже дека е безбедно за јадење е телешкото, затоа што тие животни поинаку се хранат отколку свињите и живината, поради што постојат мали шанси да користат сточна храна полна со антибиотици.

Ветеринарот и некогашен началник на Републичката ветеринарна инспекција на Србија, др. Мирослав Стојшиќ вели дека не постои месо или производ од месо кој е без антибиотици или адитиви.

- Ништо од тоа не е безбедно за деца и возрасни. Се е преполно со хормони, емулгатори и антибиотици, додава тој.

Наместо на стоката да и се дава антибиотик најмногу три дена, тие таквата храна ја јадат 30 дена, освен последните пет дена пред колењето. - Сепак, антибиотикот не може да се неутрализира за пет дена, па останува во коските и месото, појаснува Стојшиќ во изјава за српски медиуми.

Освен резистентноста на лекови, вака третираното месо создава и други проблеми. Така на пример, лекарите истакнуваат дека во денешно време се почесто се случува девојчињата прерано да влегуваат во пубертет, и тоа, затоа што пилешкото е полно со хормони.

Македонците јадат безбедно месо

Агенцијата за храна и ветеринарство, минатиот месец соопшти дека употребата на антибиотици и хормони во производство на месо и млеко во Република Македонија е законски регулирано, со прописи кои се порестриктивни во споредба со европските со кои се усогласени, а законски е утврдено и правилното и одговорно користење на ветеринарно медицинските препарати, вклучително и антибиотиците и хормоните.

- Животните кои се колат во кланица се пропратени со Сертификат за здравствена состојба за животните издаден од надлежен ветеринарен доктор во кој се потврдува дека животните во последните четири недели не се лекувани ниту хранети со храна која содржи ветеринарно медицински препарати, како што се антибиотици и хормони, наведе институцијата, одговорна за безбедноста на храната и храната за животни и здравствената заштита на животните

Од 2012 година, Агенцијата за храна и ветеринарство ја спроведува Националната мониторинг програма за контрола на резидуи од ветеринарно-медицински препарати и контаминенти во живите животни и храната од животинско потекло, вклучително и на антиботиците и хормоните. Испитување на присуство на антибиотици во млекото и месото и хормони во месото се врши и од страна на официјалните ветеринари при секој сомнеж при спроведување на контролите.

- Гаранција плус дека овој тип храна не содржи резидуи од антибиотици и хормони е и законската обврска на операторите да спроведуваат сопствени испитувања покрај испитувањата кои ги вршат инспекциските служби. Секоја пратка со храна од животинско потекло која се увезува во земјава задолжително е проследена со ветеринарен сертификат, со кој се гарантира дека храната која се увезува не содржи ниту остатоци од антибиотици и хормони, а безбедноста се потврдува и со дополнително земање на мостри за лабораториско испитување, а контроли се вршат и на увозните пратки и при истовар, децидна е Агенцијата.

Резултатите од досега извршените испитувања покажуваат дека храната од животинско потекло пласирана на пазарот во Република Македонија е без присуство на антибиотици и хормони, односно дека од овој аспект таа е безбедна.

Она на што сите треба да внимаваат е да купуваат месо само од регистрирани месарници и кое содржи декларација за неговото потекло и за здравствената исправност.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.



ОСТАНАТО ВО РУБРИКАТА

Сестри, инкубатори, лекари, возила - што сè надостасува за здрави и живи бебиња

Би требало да се истражат сите смртни случаи на бебиња, не за да се казни медицинскиот персонал за грешките, туку за да се откријат причините.

Милион евра донирани за Гинекологија Чаир и за Детска клиника од Проект ХОПЕ Германија

Намалување на перинатална смртност и морбидитет во Република Македонија е цел на проектот ПериМак.

Пет здрави намирници кои не би смееле често да се јадат

Некогаш е тешко да се храните здраво, менито е ограничено на малку дозволени намирници, но што ако ви кажат дека дури и со нив не треба да претерувате

Нов систем за собирање отпадно масло за јадење од домаќинствата, вклучете се!

Еден литар отпадно масло за јадење може да загади до еден милион литри вода.

Дали да спиете со или без чорапи?

Крвните зрнца, кога е топло, се рашируваат, а тоа предизвикува пад на телесната температура и крвниот притисок.

НАЈЧИТАНИ