• 24 ноември 2017
  • Вести денес: 6
Плусинфо12:06 14 ноември 2017 ● Прочитано 1044

Македонскиот филм „Исцелител“ („Тајната состојка“) на Ѓорче Ставрески ја доби единствената награда што се доделува во програмата „Балкански преглед“, Наградата на публиката. Главната награда на фестивалот „Златниот Александар“, која носи и 8.000 евра, ја освои шведскиот филм „Гаврани“ на Јенс Асур.

Ставрески е награден сосем заслужено и некако очекувано, бидејќи таква беше атмосферата околу филмот уште од првото негово прикажување. Како што самиот изјави, публиката, а и фестивалот беа вистински фанови на овој филм. На премиерата аплаузот беше долг, како и разговорот потоа, публиката не си одеше и за филмот многу се зборуваше. Двете проекции беа уште веднаш распродадени, а и што е најинтересно и не е вообичаено, нашиот филм имаше две проекции и тоа во ударни термини во киносалата „Ставрос Торнес“, резервирана за Балканската програма.

Веќе пишувавме дека тоа е филм со кој може да се гордее македонската кинематографија, едноставен, силен, искрен, направен со многу љубов и тоа се чувствува. Но, Ѓорче Ставрески иако ова е негово деби, го води многу ефектно, филмот е добро режиран, има одлична атмосфера и успева на одличен начин и точно дозирано, да го постигне оној развој и кулминација што комедијата како жанр и го бара. Така филмот очигледно го доживеа и публиката, а и во каталогот филмот беше опишан како искрена слатко-горчлива црна комедија.

„Исцелител“ беше прикажан во навистина силна конкуренција, меѓу филмови што веќе имаа освоено „Сребрена мечка“, „Златен леопард“, награди на критика или прогласени за нови таленти. Но, филмот на Ставрески, кој беше и единствена комедија меѓу десетте долгометражни филмови во оваа програма, се наметна и со својата остроумност и длабочина, иако сето тоа го прави многу питко и забавно. Во Солун беше и голем дел од екипата, што со оглед на тоа што е дебитантски, беше многу симпатично и позитивно, каде што целата млада публика сакаше на свој начин гламурозно да ја одбележи неговата светска премиера. За среќа, така и се заврши, со триумф на филмот на доделувањето на наградите и потврда за режисерот и сценарист на филмот, Ѓорче Ставрески, но и за целата екипа. Македонската публика ќе го види филмот на 19 ноември во киното „Милениум“ на затворањето на „Синедејс“. Браво!

Главната награда на фестивалот „Златниот Александар“, која носи и 8.000 евра, ја освои шведскиот филм „Гаврани“ на Јенс Асур. Инаку, Асур е познат фотограф во Шведска, кој успева оваа драма за семејното наследство што се пренесува на генерации, да ја наслика извонредно сугестивно и драматично. „Гаврани“ е приказна за судирот меѓу таткото и синот, една „приповетка за семејниот товар и моќта на неизбежното“. На овој филм односно на главниот актер Рене Бринолфсон му припадна и наградата за најдобра машка улога.

Жирито, кое го предводеше палестинската режисерка Анемари Јасир, „Сребрениот Александар“ односно Специјалната награда на жирито му ја даде на иранскиот филм „Без датум, без потпис“ на Вахид Јалилванд. Станува збор за еден типичен ирански филм, со извонредна студија на карактери, кој се претвора во своевиден трилер каде што е можно самиот доктор да е вмешан во смртта на едно младо момче. Тоа е филм полн со морални дилеми и себеиспитувања, кој ја доби и наградата на критиката „Фипресци“.

„Бронзениот Александар“ го однесе данскиот филм „Зимски браќа“ на исландскиот режисер Хилнур Палмасон, уште една неверојатна, сугестивна психолошка приказна. Во неа авторот се фокусира на судирот на двајца браќа, но прикажувајќи го тоа визуелно, низ нивниот внатрешен свет, вознемирувачки, силно, болно и неизвесно. Палмасон веќе освои награда за млади таленти поради еден многу смел и сосем поинаков визуелен јазик, што во Солун му ја донесе и наградата за звук, а го освои и Специјалното признание на жирито на критиката.

Наградата за најдобра женска улога сосем заслужено ѝ припадна на Дарија Зовнер за нејзината маестрална улога во рускиот филм „Теснота“ на Кантемир Балагов, кому му припадна и Наградата за човекови права. Специјално признание му беше доделено постхумно на Хари Дин Стентон за неговата улога во документарецот посветен на него „Лаки“, во режија на Џон Керол Линч, кој ја доби и Наградата на публиката во главната програма. Додека, Наградата на публиката во програмата „Отворени хоризонти“ ја освои „Беше еднаш во Сирија“, за кој пишувавме многу по неговата премиера на Берлинскиот фестивал.

Педесет и осмото издание во Солун го затвори британскиот филм „Забава“ на уште една авангардна режисерка, како и на отворањето, Сели Потер.

 

Сунчица Уневска, специјален известувач на „Слободен печат“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.



ОСТАНАТО ВО РУБРИКАТА

Театарот „Војдан Чернодрински“ треба да биде самостојна институција

Театарот ја има претрпено најголемата штета во последните години, губејќи го брендот Народен театар „Војдан Чернодрински“ - Прилеп.

„Јадран филм“ ѝ врати 300.000 евра на Агенцијата за филм

Како ќе се наплати остатокот ќе сезнае по завршување на истрагата на ЈО и Финансиската полиција кои ја проверуваат документацијата, вели Тозија.

Промоција на книгата „Песна без зборови" од Весна Малјановска

Малјановска е музички теоретичар, педагог и новинар во културно- уметничката програма на Македонската телевизија.

Патувачката изложба „Ана Франк – Историја за денес “ од утревечер во Охрид

Водичи за посетителите ќе бидат млади волонтери, средношколци кои поминале обука за да ја раскажат приказната на Ана Франк.

Во Струмица премиера на претставата „Царот Владислав“

Ова е четврта премиера на НТ „Антон Панов“ за сезонава, а е работена по текст дебитантски текст на авторот, струмичанецот Борис Јанков.

НАЈЧИТАНИ