• 17 декември 2017
  • Вести денес: 27
Плусинфо20:51 04 декември 2017 ● Прочитано 3334

Поради некоја причина Путин не брза да ја објави својата кандидатура за претстојните претседателски избори. Што чека? Зошто толку долга предизборна пауза? Ех, зошто? Па, затоа што во пауза не мора да кажува секакви глупости, да зборува за некоја програма, за голема идеја-водилка која (ете) го приморува да учествува на овие избори, за тоа каква иднина може да вети на своите сонародници. Патем, збир на идеи за иднината се нарекува идеологија, а целата „идеологија“ на Путин буквално може да се смести во еден збор кој го кажа минатата година. Владимир Владимирович му објасни на својот народ уште на 3 февруари 2016, сè во врска со својата „идеологија“.

- Ние немаме ниту можеме да имаме друга обединувачка идеја освен патриотизмот - рече тогаш Путин. Кратко и концизно - нема што. Сепак, сѐ зависи од тоа на кого се однесува замената „ние“. Ако во тоа „ние“ се сместени Путин, станбената задруга „Езеро“ (кооператив „Озеро“) и уште неколку луѓе, тогаш тоа е таа „идеологија“. Крајното значење на идејата е позната на сите, но да се изговори гласно би било крајно непристојно, пишува Игор Александрович Јаковенко за блогот Kasparov, а пренесува Пешќаник.

Не би било во ред претседателот на една голема земја јавно да порачува на пример следно: „На пријатели - сѐ, на непријателите – закон“. А на потчинетиот народ Путин како идеологија може да понуди само еден збор – „патриотизам“.

Денес во Русија е на сила државната програма под гломазен назив „Патриотско воспитување на граѓаните на Руската Федерација за периодот од 2016 до 2020 година“. Треба да се каже дека според оваа програма производството на еден патриот Татковината не ја чини многу. За негово финансирање се предвидени вкупно 2 милијарди и 64 милиони рубли. И ако поверуваме во податоците на официјалната статистика која покажува дека во татковината не има 146 милиони, излегува дека во секој од нас треба да се вложи 14 рубли и 10 копејки, за на крајот да излезе еден патриот.

Има многу примери за современото патриотско образование во Русија. Еве еден понов пример. Ана Кувичко, пратеник во државната Дума и се разбира расна единственорускиња, неодамна сними видео во кое со ученици од волгоградско кадетско училиште изведува детска песна за подготвеноста да го положи животот во „последниот бој“, за „чичко Вова“. Текстот на песната е всушност длабока и сеопфатна геополитичка анализа на нашата политичка реалност, набиена со патриотизам до пукање. „Целата земјина топка хегемонот ја извргна на ругло“, децата пеат под диригентската палка на нашата посланичка. Се разбира, на децата не треба да им се објаснува кој е тој хегемон. Веднаш потоа следи остра критика за гнилата западна демократија: „Европа остана нема, без мозок и сопствена желба“. Потоа малку критики на сметка на европската бирократија: "Европа помина, без мозок и своја волја". И, конечно, дискретна сочувство за потенцијалните сојузници: „Додека несреќниот Блиски Исток јачи и цвили“.

Но, најважното нешто во оваа воспитно-уметничко и патриотско-геополитичка творба е грижата за териториите. Децата се вознемирени поради Курилските Острови: „На Самураите шипинки зашто островите се наши“. Загрижени се и за судбината на Калининград: „Со своите гради ќе ја браниме престолнината на килибарот“. А имаат намера и да ги прошируваат постоечките граници на Русија, да направат нова анексија: „Во мирното пристаниште на татковината и Алјаска ќе биде вратена“. И со секоја од овие задачи на распеаните деца оди пратечки рефрен: „И кога ќе настапи времето за последниот бој, чичко Вова знај – ми с тобој (ние сме со тебе)“.

Текстот на оваа песна содржи се што треба да знаете за националната идеја на Путинова Русија. Но значителен број на луѓе во истата таа Русија, особено тие што се залагаат за демократски и либерални идеи, оваа песна ќе ја доживеат како компромитирање на идејата за патриотизам. Повеќето од малку пообразованите луѓе во Русија знаат за т.н. „лош“ или штетен патриотизам, за лажниот патриотизам, за скиселениот или мувлосан патриотизам, за ура-патриотизмот, а знаат дека постои и оној корисниот патриотизам.

Но, проблемот е во тоа што нема руски политичар што некогаш ќе излезе пред луѓето и ќе каже: „Јас не сум патриот и мислам дека тоа е клучната позиција од која може да се поправи животот на нашите граѓани“ И не само политичар. Малкумина се тие од таканаречената јавна сфера што се подготвени да изговорат нешто слично, а камоли да го бранат тоа.

Со својата подготвеност црното да го наречат бело, а белото црно, руските патриоти дури и онаа познатата фраза на Семјуел Џонсон, „патриотизмот е последното прибежиште на никаквеците“ ја превртеа наопаку. Според нив, Џонсон наводно мислел дека дури и во мрачната душа на последниот никаквец постои светло ќоше во кое клечи патриотизмот. Лагата е очигледна, бидејќи Џонсон го напишал и објавил целиот есеј под називот „Патриотизам. Обраќање на гласачите во Велика Британија“. Тоа е текст насочен против лажните патриотски пароли со кои се прикриваат личните интереси на поедини учесници на тогашните избори во Британија.

Од тогаш има поминато 242 години и за тоа време, според моето мислење, Џонсоновиот афоризам е неповратно застарен. Патриотизмот денес не е последно засолниште на никаквеците. Патриотизмот денес е нивното постојано живеалиште. Освен никаквеците, во него сега битисуваат и некакви претпотопски „суштества“ заглавени во него (во подобар случај) во првата половина на 20 век.

Патриотизмот е врсник на државата - нејзиниот сакан полубрат. Ги родила една мајка - татковината, истата таа која долго време беше главната вредност, изворот на животот и благосостојбата, и поради тоа требаше да се штити и чува како „зеницата на окото“. Во текот на изминатите векови, татковината своето главно место полека го отстапуваше на капиталот. Но таа и понатаму требаше да се штити како територија на која капиталот ги градеше своите индустрии.

Пост-индустриската ера донесе нови промени и денес ниту територијата не е веќе клучна вредност на општото национално богатство. Денес тоа се луѓето, нивното знаење, талентот и вештините на креирањето и примената на новите технологии. Во високо развиените земји делот кој се однесува на т.н. човечки или „хуман капитал“ се движи од 80 до 90 проценти од националното богатство.

За непречен развој на тој човечки капитал, потребна е свесна општествена грижа за најмалку две човечки вредности, а тоа се слободата и довербата. И без оглед на тоа колку парадоксално звучи на прв поглед, патриотизмот, па тој да е и најчистиот и најдобронамерниот, во суштина ги ограничува и двете овие вредности. Тој по својата суштина им се спротивставува.

Патриотизмот го стеснува радиусот на довербата и ја ограничува слободата. Тој a priori присилува на чинот на избор во корист на колективот со кој си „приклучен“ со фактот на своето раѓање. Патриотизмот е систем на доживотна принуда на „пријава на живеалиштето“, на моралното кметство кое „ја пропишува“ слободата на избор и движењето. Човек може да знае дека неговиот работен потенцијал во друга земја ќе биде подобро искористен, но патриотската должност го повикува да остане и изгние таму каде што имал несреќа да се роди. За среќа постојат многу „непатриотски“ примери на однесување.

Најсилниот адут на патриотот е обврската на одбрана на земјата од агресија. Подготвен сум да се согласам, но со две забелешки. Бидејќи татковината одамна ја загуби функцијата на главен извор на животот и благосостојбата, класичните војни за територија се работа на минатото и владеат со судбината на само такви историскиа руини како Путинова Русија - една од последните империи на планетата. Во таа смисла, за сите земји кои се наоѓаат во опасната зона близу Русија или, да речеме Иран, патриотизмот е нужно зло. За Украина, за земјите на брегот на Балтичкото Море или за Израел, за тие во соседство на земјите во кои владеат архаични режими, патриотизмот е неопходен услов за опстанок. А за земјите чии соседи не страдаат од масовна империјална психоза патриотизмот е товар, кочница за побрз влез во постиндустриското општество. Во врска со заканата од глобален тероризам, борбата против ова зло со масовен патриотизам е вистинска лудост. Многу покорисни можат да бидат добро организираните национални безбедносни служби.

Втората забелешка се однесува на патриотизмот во развиените земји, пред се во САД и тој, чини, мора да ги побие сите наведени заклучоци во врска со штетното дејство на патриотизмот. Американскиот патриотизам беше силно стимулиран за време на Студената војна со СССР и по големиот терористички напад на самиот почеток на 21 век. Во два наврати - во ерата на макартизмот и со Патриотскиот акт од 2001 - беше дури и институционално утврден. Но, ќе се осмелам да претпоставам дека без теговите на патриотизмот на своите нозе САД ќе постигнеа уште поголем успех во севкупниот развој. Мислам дека денешната длабока политичка криза е резултат на последната битка на американскиот патриотизам во заминување и дека изборот на Трамп е веројатно неговиот последен успех.

А заради утеха, ќе им го кажам следново на поддржувачите на патриотизмот: вредностите се менуваат во текот на историјата. Тие доаѓаат и си одат. Во ерата на феудализмот, за вазалот главната вредност била лојалноста кон сизеренот, и таа стоела на хиерархиска скала на животните вредности на повисока позиција од патриотизмот. Ако сизеренот по одредени политички околности преоѓал на страната на противникот, вазалот бил должен да го следи. Со судирот токму на овие вредности, судирот што се случи во времето на доцниот феудализам, се заснова, на пример, авантуристичкиот роман на Александар Дима „Три мускетари“. И затоа е подобро да се остават бајките за вечните „традиционални“ вредности на гледачите на државните телевизиски канали. Па кој сака да верува во бајки, нека го - нека верува.

Денес патриотизмот има опасен наркотичен ефект врз луѓето и неговиот промет треба да се ограничи. Неговата употреба треба строго да се контролира и од страна на искусни „лекари специјалисти“ прецизно да се дозира. А на територијата на Руската Федерација патриотизмот како крајно штетна идеја треба да се забрани.
 

Подготви: А.Ј.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.



ОСТАНАТО ВО РУБРИКАТА

Или си Тито или не си: 2019 е преломна и за Србија и за регионот

До 2019 БиХ би требало да добие статус на кандидат, а Македонија би можела да започне со преговорите за членство во ЕУ.

Внука на Тито тврди дека нејзиниот дедо ѝ го дал името на Македонија

Терминот „Македонија“ секогаш се користел за поширока географска област, од која приближно 51% е дел од Грција, 38% од ПЈРМ и 9% од Бугарија.

Саем за вино во Солун - Вино не се меша со политика

На саемската манифестација имаше околу 140 учесници производители и трговци, но немаше претставници од Македонија.

Антисемитски графит покрена војна со зборови меѓу Русија и Бугарија

Русија под бугарски оган откако изјави дека е заслужна за спасување на бугарските Евреи од холокаустот во Втората светска војна.

Вистинска приказна за најсмртоносниот снајперист во историјата

Симо Хајха е пример за снајперистите од целиот свет кој го покажа и нивното значење на бојното поле.

НАЈЧИТАНИ