• 17 декември 2017
  • Вести денес: 27
Плусинфо22:01 06 декември 2017 ● Прочитано 4983

Шефови од сите видови – приберете се! Во спротивно, ќе ви биде потешко на вас со нас отколку сега на нас со вас!

Таквите пораки ги испраќаат низ целиот свет, жените чие достоинство е повредено од недоличните постапки на нивните официјално претпоставени мажи. Со брзина на молња, со помош на хаштагот #MeToo (Јас исто така) на социјалните мрежи, со нив се солидаризираа неколку милиони луѓе, претежно страдалнички, но и страдалници, со што се најави појавата на глобалното движење за нормализација на односите меѓу половите со цел да се истисне од нив „правото на посилниот“, пишува Момчило Пантелиќ за Нови магазин.

Слични барања се слушаа и порано, особено по повод Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените (25-ти ноември), но овој пат многу подалекусежно и поенергично отколку само пригодно. Со глобалната мобилизација, жените се одлучија да ги обелоденат насилствата над нив и да укажат на сторителите на злоставувањата.

За прв пат вака масовно и отворено прозбореа за претрпеното сексуално насилство. На столбот на срамот ги ставија имињата на силувачите и другите сквернители на нивниот физички и духовен суверенитет.

Откривајќи ги долго премолчуваните и за нив непријатни тајни се прикажаа како нов тип кој подига тревога, кој прилично го потресе сѐ уште чинодејствувачкиот сексистички поредок. Со податоците дека на работа се потценувани, дека мажите за иста работа се платени повеќе, дека во многу општества момчињата се попожелни од девојчињата, жените сега обзнанија и дека тие се жртви, значително повеќе отколку што се претпоставуваше, со надмено кршење на човековите права, со буквално физички напади од политичари, работодавачи и колеги врз нивната интимност.

Како и многу други претумбувања, и овие потекнаа од Америка каде токму во неа предизвикаа најголеми потреси. Ја потресува „револуцијата против сексуалниот прогон“, известува мадридскиот Паис.

За само два месеца, се вели во текстот, таму за напаствување, злоставување и вознемирување се обвинети 34 високо позиционирани личности. Меѓу прозваните се законодавци, кинематограф, телевизиски водител ...

Кошмарот тргна од „фабриката на соништата“. Голем број актерки - вклучувајќи ги и Анџелина Џоли, Ума Турман, Гвинет Палтроу – го обвинија моќниот продуцент Харви Вајнштајн за неподнослива навалентност, силување и други деликти. Додека тој се обидуваше да ги побие таквите тврдења, драмата се прошири од Холивуд во Вашингтон, каде неколкумина членови на Конгресот беа осомничени за слични бесчестија.

Работите станаа посложени со откритијата дека дотичните ги заташкувале гревовите со тајни договори со жртвите, исплатувајќи ги со парите на даночните обврзници. Во последните 20 години од конгресниот фонд се исплатени повеќе од 17 милиони долари (јавно обвинетите други лица од сопствениот џеб плаќаат многу повеќе) за „санирање“ на повеќе од 260 пријавени пратенички прекршувања на правилата на службата, вклучувајќи ги и сексуалните застранувања, се вели во уводникот на Њујорк тајмс.

Аферите како да немаат крај. Тукушто се обелоденети 180 пријави против Massage Envy, во чии простории клиентките биле, како што тврдат, сексуално злоупотребувани за време на масажата.

Зголемувањето на наведените случаи дава повод да се помисли дека системот им погодува на таквите изопачености, сугерира американскиот онлајн медиум Вокс. Опозициските демократи, меѓу кои исто така има обвинети, системската одговорност ја префрлаат повеќе на владејачкиот републиканец, претседателот Доналд Трамп. Се потсетува, меѓу другото, дека 24 жени своевремено го пријавија за несоодветно сексуално однесување, но без успех.

Потребно е додатно воспитување на политичарите, констатираат хроничарите. И Конгресот на САД и Европскиот парламент, се слуша, воведуваат часови за своите членови за да им се разјасни што е дозволено, а што е забрането во општењето со спротивниот пол.

Францускиот претседател Емануел Макрон во меѓувреме ѝ порача на нацијата дека во приоритетите на својот мандат вклучил постигнување на апсолутна родова еднаквост и борба против сексуалното насилство. Воедно предупреди дека не смее да се западне во крајност која би го загрозила нормалното однесување меѓу мажите и жените, од што, ако ја зборуваме вистината, многу додворувачи се плашат.

Што е пријатен, а што непријатен контакт – е прашање кое се распламтува без, логично, единствен одговор. Во Велика Британија, на пример, се поведе дебата за тоа колку е подобна бајката „Заспаната убавица“, во верзија на браќата Грим. Едни ѝ замераат што принцот ја бакнал заспаната девојка бидејќи тоа им „мириса“ на искористување на несвесната состојба на девојките, и дека сугерира дека на жената мажот мора да ѝ ги „отвори очите“, додека други се чудат на таквата надградба на приказната за магијата на заљубувањето со среќен крај.

Современите жени се будат, се разбира, без волштепства. А на социјалната и интимна „вечна будност“ ги упатуваат и предупредувањата дека тие се „најбројната група на угнетени на планетата“ и дека, како што е соопштено од Светскиот економски форум, ако работите одат како и досега, еднаквите права со мажите ќе се достигнат на глобално ниво дури за 100 години.

Нивните последни движења имаат намера да го намалат и угнетувањето и рокот за урамнотежување на односите. Се бодрат со пораката од дамнина дека големите општествени промени се невозможни без бунт на жените.

Со сегашната буна успеаја да го разнишаат најстарото устројство – сексистичкиот поредок. Ако го докрајчат еден ден, ќе исчезнат и другите режими на кои сме принудени присилно поради приликите.
 

(Личност на годината, според американското списание „Тајм“ е движењето „Сајленс брејкерс“ (The Silence breakers) кое ја иницираше приказната за превенција на сексуалното вознемирување.

Главниот уредник на „Тајм“ Едвард Фалсентл порача дека сведочиме на најголемата општествена промена во изминатите децении.) 

Подготви: А.Ј.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.



ОСТАНАТО ВО РУБРИКАТА

Или си Тито или не си: 2019 е преломна и за Србија и за регионот

До 2019 БиХ би требало да добие статус на кандидат, а Македонија би можела да започне со преговорите за членство во ЕУ.

Внука на Тито тврди дека нејзиниот дедо ѝ го дал името на Македонија

Терминот „Македонија“ секогаш се користел за поширока географска област, од која приближно 51% е дел од Грција, 38% од ПЈРМ и 9% од Бугарија.

Саем за вино во Солун - Вино не се меша со политика

На саемската манифестација имаше околу 140 учесници производители и трговци, но немаше претставници од Македонија.

Антисемитски графит покрена војна со зборови меѓу Русија и Бугарија

Русија под бугарски оган откако изјави дека е заслужна за спасување на бугарските Евреи од холокаустот во Втората светска војна.

Вистинска приказна за најсмртоносниот снајперист во историјата

Симо Хајха е пример за снајперистите од целиот свет кој го покажа и нивното значење на бојното поле.

НАЈЧИТАНИ