• 17 декември 2017
  • Вести денес: 27
Александар Самарџиски15:08 07 декември 2017 ● Прочитано 3112

Во Кривичниот суд денеска се одржа ново рочиште за предметот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за насилството во Центар за време на протестите во јуни 2013-та година, а како сведок во судницата говореше поранешниот градоначалник на општината, Андреј Жерновски. Повеќе од еден час тој одговараше на прашањата на обвинителката Фатиме Фетаи, како и на едно прашање упатено од нејзиниот колега, Гаврил Бубевски. Тој ќе сведочи и на наредното рочиште на 18 декември кога треба да одговара на прашањата на адвокатите.

- На дневен ред на седницата што беше закажана на 7 јуни 2013 година беа тогаш актуелните Детални урбанистички планови (ДУП) со кои требаше да се спречат односно да се поништат предвидените градби на територијата на Општина Центар, но само оние кои не се започнати, а не да се спречат и оние кои веќе беа отпочнати со градба – рече Жерновски.

Црквата „Св. Константин и Елена“ на улица Македонија, според сведочењето, тогаш веќе била почната и таа не била на дневен ред, односно не ни било планирано спречување на нејзината градба како што беше прикажано и изманипулирано во јавноста. Главна цел, како што можеше да се слушне во судницата, било да се спречи стопирањето на градбите кај „Мал ринг“ (просторот од двете страни на Вардар во Центар) кои биле предвидени во проектот „Скопје 2014“.

- Јас и пред одржувањето и по одржувањето на протестите појаснив во јавноста дека идејата не е да се спречи изградбата на црквата. И во материјалот кој им беше поделен на советниците за закажаната седница немаше поништување на таа градба – сведочеше екс градоначалникот.

Протестите биле најавени од наводна невладина организација „Веритас“ за која кога подоцна се поднесувало кривична пријава, било констатирано дека таква невладина воопшто не постои, не е регистрирана во Централниот регистар.

- Беше јасно какво е сценариото и дека се врши манипулација со верските чувства. Пред почетокот на седницата се собраа голем број на граѓани кај бараките од општината извикувајќи погрдни зборови и имаа јасна намера да го спречат одржувањето на седницата – беше дел од сведочењето на Жерновски.

„Комуњари“, „излезете надвор“, „антихристи“ биле дел од зборовите кои им биле упатувани на него и на советниците од СДСМ кои го имале мнозинството, вкупно 12 наспроти 11-те од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Поранешниот градоначалник, препозна и двајца од обвинетите. Едниот од нив беше присутен во судницата и за него, рече тој, постојат и фотографии кои покажуваат оти е близок со ВМРО-ДПМНЕ, односно има слики со Никола Груевски и други лица од партијата и функционери.

Другиот, посочи Жерновски, е човекот кој е присутен на сите протести организирани од ВМРО-ДПМНЕ. Станува збор за Димче Крстев за кого судењето беше развоено на едно од претходните рочишта бидејќи немаше адвокат и беше болен.

Тој, додека протестирал насилно, наместо „антихрист“ на тогашниот градоначалник му извикувал „антифашист“.

- Советниците од ВМРО-ДПМНЕ со низа процедурални забелешки и интервенции се обидуваа да го спречат одржувањето и започнувањето на седницата. Тоа траеше подолго време. Околу 18 и нешто часот се донесе одлука да се прекине седница затоа што не постоеја услови. Со прекинувањето се обидовме да спречиме поголем инцидент. Беше презакажана од петок 7 јуни, за во понеделник на 10 јуни – се присети екс градоначалникот.

Во понеделникот, кога породолжила седницата, рече тој, атмосферата била многу полоша, имало значително поголем број на граѓани кои насилно се однесувале, ја кршеле оградата и мавале со јајца и тврди предмети во делот од бараката каде што седел тој и советниците од СДСМ. Подоцна во разговорите со луѓето од општината, истакна сведокот, забележале дека од присутните демонстранти најмалку се од општина Центар.

Припадниците на МВР, пак, посочи Жерновски, иако беа присутни не интервенирале. Кога тој уште по првиот протест ги прашал зошто, тие му одговориле само со цинична насмевка.

При кршењето на прозорците од бараката каде се одржувала седницата, парче од стаклото завршило во окото на една од советничките од СДСМ и ја повредило. За советниците од ВМРО-ДПМНЕ, пак, во своето сведочење Жерновски рече дека бараките се прилично тесни и може да се слушне и да се забележи што се случува, па забележале дека дел од советниците и граѓаните кои протестираа се блиски, било очигледно дека постои комуникација меѓу нив и тогаш кога биле создавани минимални услови за продолжување на седницата тие сугерирале од внатре кон демонстрантите.

На прашањето на обвинителката Фетаи дали некој од советниците од ВМРО-ДПМНЕ му се обратил и му побарал нешто, поранешниот градоначалник рече оти советничката Даниела Рангелова го повикала да излезе надвор и да се соочи со народот.

- Не треба големо политичко искуство за да се оцени и разбере намерата на таквиот повик – рече Жерновски.

Како што рече, почувствувал дека животите им биле загрозени, но според него, се спасиле благодарение на странските амбасадори и претставниците на ОБСЕ кои дошле во просториите на општината односно во неговата канцеларија откако од медиумите виделе што се случува. Според Жерновски, јасна била комуникацијата меѓу советниците од ВМРО-ДПМНЕ и насилниците од протестот бидејќи кога пристигнале странците, демонстрантите биле отповикани, односно им било кажано да се повлечат.

МВР, според сведочењето на екс градоначалникот, не само што не реагирало за време на протестите туку и потоа. Оттаму или воопшто не добивале одговори или кога добивале им велеле дека не им се познати насилниците иако тие можеа да се видат и на фотографии и на снимки во медиумите.

Оваа седница за промената на ДУП-овите во Општина Центар, која започна во 2013 – годината кога Жерновски стана градоначалник, после протестите не ни продолжила. Била завршена дури годинава односно пред истекот на мандатот на Жерновски.

Во меѓувреме, голем дел од градбите завршиле, а владата на ВМРО-ДПМНЕ донела измени во законите, пред сè во оној за градење со коишто измени, според поранешниот градоначалник, биле одземени ингеренциите на локалната самоуправа односно за да се направи промена во урбанистичките планови, со законските измени, се вовело дека треба да има согласност и од опозицијата. Кажано со други зборови, централната власт и ги врзала рацете на локалната.

Сведочењето на Жерновски неколку пати беше прекинувано од адвокатите на обвинетите кои имаа приговори за начинот на поставување на прашањата што, како што посочи Фетаи во изјава за медиумите, е обид на одолговлекување на постапката.

И таа во еден наврат се оттргна од испрашувањето на сведокот Жерновски посочувајќи му на судот дека обвинетиот Никола Груевски не го следи судењето туку цело време е на неговиот мобилен телефон.

Груевски, пак, во изјава за медиумите подоцна посочи дека се бараат организатори за протест на кој биле искршени само неколку прозори, но и оти наводните нарачани шамари никој не ги добил.

Денешното рочиште се снимаше со две камери. Адвокатите бараа судијката Татјана Михајлова да ги повика странките за да ги потпишаат писмените записници што се водени од претходните рочишта бидејќи во спротивно нема валидни записници и судењето не може да продолжи. Ова барање следува откако беа одржани низа рочишта и двајца обвинети признаа вина и добија првосилни пресуди. Ваквиот предлог, судијакта го одби и им кажа дека Кривичниот суд ги нема условите што тие ги гледаат во американските судови, снимањето е право на странските дозволено со Законот за кривична постапка кој стапи на сила на 1 декември 2013 година, но условите во судот се други. Тоа така функционира четири години, а во записниците што се водат компјутерски, рече таа, се наведува се што се кажува и случува во судницата.

Барањето за снимање на рочиштата е најновата„ тактика“ која почнаа да ја бараат адвокатите на одбраната во предметите на СЈО. Бидејќи не беа обезбедени услови да се снима рочиштето, беше откажан почетокот на главната расправа за случајот „Траекторија“ поврзан со изградбата на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид, во кој исто така е обвинет Груевски, но и поранешните вицепремиер Владимир Пепевски , министер а транспорт и врски Миле Јанакиевски и екс директорот на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.

Утрово од истата причина се одложи и продолжувањето на случајот „Тотал“ во кој за затајување данок е обвинет Драган Павловиќ Латас.
 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.



ОСТАНАТО ВО РУБРИКАТА

Во сообраќајка повредени две малолетнички

Кај едното девојче биле констатирани тешки телесни повреди и била задржана на понатамошно лекување.

Струмичанец во притвор, се обидел да силува две девојки

На 1 декември околу полноќ на ул.„Гоце Делчев“, пред влезот на ЈП „Македонски пошти“, пријавениот ги нападнал лицата Ѓ.С и Т.К...

Мајка пријавила дека нејзиното момче ја силувало ќерката

А.Х. бил лишен од слобода и по целосно документирање на настанот ќе му биде поднесена кривична пријава.

Бошкоски: Изгледа, Груевски продаде четири стана за мојата одбрана во Хаг

Што треба јас да бидам? Зарем требаше да бидам нивен полтрон и слуга зашто бранејќи ја Македонија заминав таму каде што бев?, додаде Бошкоски.

ВМРО-ДПМНЕ попладне на протест пред Министерството за правда

Правната држава ќе биде вратена, а сите незаконски постапки ќе бидат ревидирани, вели ВМРО - ДПМНЕ.

НАЈЧИТАНИ