• 16 јануари 2018
  • Вести денес: 105
Плусинфо21:03 27 декември 2017 ● Прочитано 13544

Научниците почнуваат да сфаќаат дека не постои безбедно ниво на изложеност на загаден воздух.

Дишењето на загаден воздух има трајни, подмолни последици, како астма, алергии, когнитивен застој, развој на ментални нарушувања и предвремено породување. Сите овие појави можат да придонесат за пократок животен век, а во некои случаи може да дојде и до нагла смрт. Земјите, меѓу кои и САД, имаат стандарди за квалитет на воздухот за да се испреварат и спречат најлошите последици по здравјето, но група на истражувачи покажаа дека луѓето прерано умираат од дишење на воздух дури и на места каде според американските нивоа на загадување на воздухот се сметаат за „безбедни“, пишува Zoë Schlanger за Quaetz.

Најновото истражување беше објавен на 26 декември во Journal of the American Medical Association (JAMA). Утврдено е дека дури и дишење на воздух за време на само едно лето со ниво на загаденост далеку под американските национални стандарди доведува до зголемување на предвремените смртни случаи. Студијата истражи 22 милиона смртни случаи на корисници на Medicare (значи, Американци на возраст над 65 години) во текот на 13-годишен период од 2000 до 2012 година. Студијата вклучува податоци за загадувањето на воздухот од Агенцијата за заштита на животната средина на САД, како и други податоци за загаденоста, обработени преку невронските мрежи за да се предвидат концентрациите на загадување на воздухот „на мрежа од 1 км × 1 км во континенталниот дел на САД, вклучувајќи и локации без мониторирани места“.

- Откривме дека стапката на морталитет се зголемува скоро линеарно, како што се зголемува загадувањето на воздухот - вели Francesca Dominici, професор по биостатистика во училиштето за јавно здравје на Харвард и водечки автор на трудот. Иако студијата се фокусира на САД, нејзиниот основен заклучок може да се примени во голема мера насекаде: „безбедните“ нивоа поставени од националните здравствени агенции насекаде се инхерентно далеку од безбедни. „Секое ниво на загадување на воздухот, без разлика колку е ниско, е штетно за здравјето на луѓето“, вели Dominici.

Во САД, загадувањето на воздухот влијае на различната популација нерамномерно: Истражувачите откриле дека луѓето со ниски примања (мерени според рангирањето на Medicaid) имале 225 отсто повисок ризик да умрат кога биле изложени на воздух со дури минимално покачено ниво на PM2.5, од оние побогатите кои поради тоа не биле подобни за здавствена заштита (medicaid).

Севкупно, жените имале 25 отсто повисок ризик од смртност од мажите при исто ниво на загадување. Истражувачите шпекулираат дека „сиромаштијата, нездравиот начин на живот, слабиот пристап до здравствена заштита и други фактори може да ги направат некои подгрупи поподложни на загадувањето на воздухот“, но студијата не ги истражувала причините за овие разлики. „Точниот механизам вреди да се истражува во идните студии“, пишуваат истражувачите.

Во САД, изложеноста на многу фините честички, познати како PM2.5, се смета за безбедно од страна на Американската агенција за заштита на животната средина за националните стандарди за квалитет на амбиентниот воздух, се додека лицето дише во просек 12 микрограми на кубен метар воздух (μg / m3 ) или помалку на ден во текот на една година. На краток рок, САД сметаат дека е безбедно ако нивоата на PM2.5 не надминуваат 35 μg / m3 дневно, се додека годишниот просек изнесува 12 μg / m3 дневно (со други зборови, неколку дена со повисоко ниво на PM2.5 местимично е прифатливо, но сè додека има само неколку дена).

Но во студијата, истражувачите од Харвард откриле дека за секои 10 μg / m3 зголемување на дневната изложеност на PM2.5 во текот на едно лето, дневната стапка на смртност кај возрасните над 65 години се зголемила за нешто повеќе од 1 отсто - дури и во рамките на прифатливата граница на загадување од 35 микрограми на кубен метар (μg / m3). Кога станува збор за озонот, САД сметаат дека изложеноста на 70 микрограми на кубен метар во текот на осумчасовен период е безбедно ниво.

Истражувачите откриле дека секое дневно зголемување на озонот за секој 1 дел на милијарда (1 ппб) во текот на летото (повторно, на ниво кое е под границата од 70 ппб) ја зголемува дневната смртност за 0,5 отсто.

Тоа може да звучи малку, но екстраполирано на целата американска популација на долг рок, тие мали зголемувања имаат смисла. За секој 1 микрограм на кубен метар (1μg / m3) PM2.5 додаден на дневно ниво во текот на едно лето, 550 повеќе луѓе умираат прерано секоја година. Исто така, 1 ппб повеќе дневен озон во текот на летото води до 250 дополнителни смртни случаи годишно.

Оваа студија за краткорочното загадување на воздухот следеше по трудот објавен од некои од истите истражувачи во јуни, покажува дека повеќегодишната изложеност на загаден воздух - дури и на нивоа под „безбедното“ ниво, одредено од владата на САД - ги зголемува предвремените смртни случаи во земја. Истражувачите заклучиле дека ако нивото на PM2.5 може да се намали за само 1 микрограм на кубен метар (1 ug / m3) на национално ниво, ќе бидат избегнати 12.000 предвремени смртни случаи секоја година. И ако нивоата на озон може да се намалат за само 1 дел од милијарда, уште 1.900 предвремени смртни случаи ќе бидат избегнати годишно.

Стандардите за квалитет на воздухот кои ги одредува Агенција за заштита на животната средина на САД се ревидираат формално на секои пет години и се ажурираат периодично; ревизиите за PM2.5 и озонот последен пат беа објавени во 2012 и 2015. Следниот пат кога ќе бидат ставени на дневен ред, истражувачите на Харвард се надеваат дека официјалните претставници ќе го земат во обѕир ова истражување.

- Овој ризик се јавува на нивото што е под сегашните национални стандарди за квалитет на воздухот, што укажува на тоа дека овие стандарди можеби ќе треба да се преиспитаат - пишуваат тие во студијата.


Подготви: А.Ј.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.



ОСТАНАТО ВО РУБРИКАТА

Трамп зборува за Африканците исто како што луѓето зборувале за Евреите пред Холокаустот

Во 1924, Конгресот затворил врата за понатамошна имиграција од Источна и Јужна Европа, дозволил влез само на „супериорните“ бели северни Европејци.

Словенија бара Србија да ѝ врати околу 300 уметнички дела и предмети

Културата спојува, но сопственоста на културните дела може и да раздвојува.

Машка Нова година

Од машка точка на гледање, новогодишниот феномен може да се подели во три фази: детство, младост и зрелост.

Избори во Чешка, шоу на украинската феминистка

Вториот гласачки ден завршува денеска во 14 часот, а објавувањето на првите прелиминарни резултати се очекува околу 20 часот.

Стара Нова Година: Можност за продолжување на прославата

За православните Руси „стара“ Нова година не е крај на зимските прослави, празничната сезона ја завршуваат на 19 јануари, кога се слави Богојавление.

НАЈЧИТАНИ