• 16 јануари 2018
  • Вести денес: 105
Плусинфо21:04 03 јануари 2018 ● Прочитано 8411

Атипичниот комунистички апаратчик Александар Дубчек ја покрена либерализацијата на општеството пред педесет години, на 5 јануари 1968, со реформи што тој ги нарече „социјализам со човечки лик“, кои по неколку месеци подоцна безмилосно ќе бидат уништени од советските тенкови.

46-годишниот Словак со шармантна насмевка, спротивно на мрачните лица на своите другари, го замени на чело на Комунистичката партија на Чехословачка (КПЧ) догматскиот Антонин Новотни, многу непопуларен во Прашките интелектуални кругови и кај Словаците, кои бараа поголема автономија во двонационалната држава, коментира Слободна Босна.

Она што изгледаше како банална расправија меѓу комунистичките фракции се претвори во дотогаш невидени реформи кај земјите од Источниот блок зад Железната завеса, кои живееја под целосна доминација на Москва.

- Дубчек е без сомнение симболот на таканаречената Прашка пролет, но неговата историска улога е сепак посложена - вели историчарот Олдрих Тума.

„Тој слезе меѓу луѓето, одеше на пливање на јавните базени, гледаше фудбалски и хокејски натпревари со нив, но над се беше комунист и никогаш не сакаше да биде надвор од таа рамка“, додава Тума.

- Јас секогаш мислев дека е поштен човек, карактерен, но исто така и неодлучен, повеќе симбол отколку главен лик на настаните - вели социологот Јирина Сиклова.



Бесот на Кремљ

Соочени со големото незадоволство на населението, уморно од постојаната немаштија, Дубчек ја реорганизира насоката на КПЧ, прво на економско поле, и тоа веќе беше доволно за да предизвика кревање на веѓите во Москва.

Но тоа што следуваше целосно ја разбесни Москва: официјална Прага ја олабави цензурата, што веднаш доведе до невидена либерализација на медиумите и културните активности. Се појавија некомунистички организации како „К 231“составена од поранешни политички затвореници, а се пројавија и никулци на опозициски партии.

Се објавија книги кои претходно биле забранети, како што е „Еден ден на Иван Денисович“ од Солженицин, се играат театарските пиеси од Вацлав Хавел и Милан Кундера, активни учесници на Прашката пролет, а границите по малку се отвараа. Се прикажуваа дотогаш забранетите филмови, се слушаше современа музика, се водеа јавни дебати во слободен дух.

- Одеднаш, медиумите почнаа да поставуваат прашања и да отвараат теми кои само пред неколку месеци беа незамисливи, а тоа ја подигна високо надежта на целото општество, многу повеќе од она што Дубчек сакаше да постигне - вели Тума.

Дубчек почна да заостанува зад настаните и се најде меѓу чеканот и наковалната, растечкиот притисок на Чесите и Словаците желни за демократизација и лутиот Леонид Брежњев во Москва, кој сакаше да ја задржи контролата на својот вазал.

Поттикнати од писмата на лидерите на ГДР Валтер Улбрихт и на Полска Владислав Гомулка, последниов особено загрижен за појавата на статијата „Полска го чека својот Дубчек“, Брежњев се одлучи за воена интервенција.



Најголемата трагедија на мојот живот

Инвазијата на Чехословачка започна на 21 август 1968. На советските тенкови се приклучија уште четири земји од Варшавскиот пакт, Унгарија, Бугарија, Полска и Источна Германија. Во првите неколку дена околу сто луѓе беа убиени.

- Јас го посветив целиот мој живот во соработката со Советскиот Сојуз, а тие ова ми го направија. Ова е најголемата трагедија во мојот живот - рекол Дубчек пред да биде уапсен, однесен во Москва и понижен, принуден да потпише протокол за „нормализација на ситуацијата“ .

Дубчек беше сменет една година подоцна и замолчан. Нацијата се помири со судбината и покрај жртвите како таа на студентот Јан Палах, кој се запали на главниот плоштад во Прага во надеж дека повторно ќе ја зајакне борбата, Прашката пролет беше изгасната. Демократијата ќе се врати во Прага дури со кадифената револуција во 1989.

Дубчек беше испратен да работи во шумско стопанство во Словачка до пензионирањето. Почина на 7 ноември 1992, на 70 години како последица од повреди во сообраќајна несреќа.

Кога зборува денес за 1968, Сиклова вели дека Прашката пролет беше голем успех затоа што му зададе силен удар на СССР и на неговиот углед во светот.

- Социјализмот со човечко лице остана запаметен како втора можност. Не мораше да имаме социјализам од советски вид со неговото застранување - мисли Сиклова.
 

Подготви: А.Ј.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.



ОСТАНАТО ВО РУБРИКАТА

Трамп зборува за Африканците исто како што луѓето зборувале за Евреите пред Холокаустот

Во 1924, Конгресот затворил врата за понатамошна имиграција од Источна и Јужна Европа, дозволил влез само на „супериорните“ бели северни Европејци.

Словенија бара Србија да ѝ врати околу 300 уметнички дела и предмети

Културата спојува, но сопственоста на културните дела може и да раздвојува.

Машка Нова година

Од машка точка на гледање, новогодишниот феномен може да се подели во три фази: детство, младост и зрелост.

Избори во Чешка, шоу на украинската феминистка

Вториот гласачки ден завршува денеска во 14 часот, а објавувањето на првите прелиминарни резултати се очекува околу 20 часот.

Стара Нова Година: Можност за продолжување на прославата

За православните Руси „стара“ Нова година не е крај на зимските прослави, празничната сезона ја завршуваат на 19 јануари, кога се слави Богојавление.

НАЈЧИТАНИ