• 22 февруари 2018
  • Вести денес: 0
Стојанка Митреска20:47 13 февруари 2018 ● Прочитано 9930

Претседателот на Комисијата за планинарски водичи Горан Николоски за Плусинфо потврди дека Зоран Костадиновски, претседател на планинарското друштво „Трансверзалец“ нема дозвола за зимско планинарење, но вели дека тој нема официјална потврда дека, токму Костадиновски ги водел планинарите низ снежната бура на Кајмакчалан кога на кобниот 10 февруари загинаа двајца млади планинари од Македонија. 

Ако немате искуство, најдобро е во зимски услови во планина да се движите со планинарски водичи регистрирани при Федерацијата за планинарски спортови во Македонија (ФПСМ), ова е препораката на организацијата на македонските планинари, која за жал планинарското друштво Трансверзалец, не ја испочитувало.

Организаторот ги прекршил пропишаните правила за планинарење во зимски услови, не само поради тоа што го дозволил искачувањето во невреме и снежна бура, туку без никакво чувство на одговорност, во снежната лавина дозволил во тешки временски услови групата од педесетина планинари да ја предводи водич, за кој досега нема потврдена информација, дека поседувал лиценца за планирање во зимски услови. И не само тоа, правилата токму поради безбедноста на планинарите, велат во надлежната комисија за Плусинфо, предвидуваат еден водич да води најмногу до четворица планинари, а не педесетина.

Нејасно е зошто е направена ваква кардинална грешка, со оглед на тоа што, како што ни потврдија во Комисијата за планинарски водичи, која е надлежна за издавањето на лиценците, Трансверзалец требало да ангажира, колеги од други планинарски друштва кои имаат лиценцирани водичи за зимски услови. Во планинарското друштво имало еден водич кој бил обучен за планинарење во зимски услови, но тоа не било доволно. 

Во Македонија, како што вели за Плусинфо, Горан Николоски, претседател на Комисијата за планинарски водичи, има 69 лиценцирани водичи за летно планинарење и седум искусни водичи за искачување во зимски услови. Во македонската Федерација на планинари се уште немаат точни информации за тоа кој ја водел групата и дали Зоран Костадиновски, претседател на Трансверзалец, за кого велат дека е искусен планинар, а кој е посочен како организатор на турата за Кајмакчалан, е водичот низ снежната лавина. Но факт е дека Костадиновски кој е долгогодишен планинар немал дозвола за планинарење во зимски услови. Негови колеги планинари со пофални зборови сведочат за искуството и пожртвуваноста на Костадиновски во критични ситуации кога учествувал во други мисии на спасување на планинари, ризикувајќи си го дури и сопствениот живот, но сепак сметаат дека тој не смеел во никој случај да  дозволи искачување на Кајмакчалан во услови на силен ветер, магла, како што имало на критичниот ден. Водачот на групата, откако се соочил со предупредувачката временска прогноза, без размислување требало да ја откаже турата.

Претседателот на Комисијата за планинарски водичи Николоски за Плусинфо потврди дека Костадиновски е лиценциран водич за искачување по планина во летни услови, а тоа значи дека со таква дозвола тој можел да предводи група од 21 март до 20 декември во текот на годината.  

- Лиценците се издаваат според строго пропишани правила. Не може секој да добие лиценца, ниту пак таа се добива на убави очи.За секој заинтересиран планинар кој сака да стане водич имаме досие. Планинарите кои аплицираат за водичи претходно поминуваат низ обуки под менторство на искусни планинари, а кои се организираат во Словенија, потоа следува приправнички стаж во кој кандидатот за водич се дообучува. Па, дури после две години тој може да стане лиценциран водич со А1 лиценца за летно планинарење и Б1 лиценца за зимско. Костадиновски е искусен и лиценциран планинар за летно планинарење, тој одамна ја имал стекнато лиценцата која ја обновил во 2014 година - вели Николовски кој освен што е претседател на Комисијата што ги издава лиценците за водичи, тој е меѓународен водич регистриран и во Словенија со три меѓународни дозволи и тринаесетгодишно искуство во планирање. Го има освоено врвот Ленин висок 7.134 метри, кој е дел од веригата на Памир во Киргистан, потоа Хималаите, Монблан...Со оглед на неговото завидно планинарско досие побаравме од Николоски да ни каже дали би водел група на Кајмакчалан во невреме во кое биле затекнати планинарите на кобниот 10 февруари.

- Јас не бев дел од групата на Кајмакчалан и не знам какви биле временските услови, но во ситуација на неповолни временски услови првенствена е безбедноста на планинарите.Тогаш ништо не е важно, туку само да не се доведе во прашање безбедноста, а со тоа и животот на планинарите да биде доведен во опасност. Во таква ситуација се откажува акцијата - вели Николоски и додава дека во обуките на планинарските водичи им се потенцира дека треба да ја стекнат довербата на планинарите и да бидат самоуверени во евентуални ситуации кога поединци сакаат да направат какви било отстапки од групата.             

Планинари кои зад себе имаат и по дваесетгодишно искуство велат дека е незамисливо да се игнорираат законитостите на природата поготово во зимски услови на исклучително ниски температури, кога денот се намалува, кога демнат опасности од лавини, од лизгање. 

- Во лоши временски услови, во невреме, силен ветер и густа магла како што имало на Кајмакчалан искачувањето и по Водно може да биде опасно - вели еден од планинарите.

Плусинфо денеска се обиде да добие одговори на сите отворени прашања во јавноста и од првиот човек во Трансверзалец, Костадиновски, но како што бевме информирани во друштвото, тие се уште го немаат добиено извештајот од грчката полиција, за да можат точно да одговорат, што навистина се случило дента на трагедијата. Отттаму, најавија дека в петок, откако Федерацијата на планинарските спортови на Македонија, ќе одржи состанок, јавноста ќе биде детално информирана. 

Јовица Угриновски, претсдеател на ФПСМ исто така ни потврди дека в петок е закажан состанок на Федерацијата после кој ќе излезат со детали за трагедијата на Кајмакчалан во минатиот викенд кога во снежна лавина згаснаа два млади животи - дваесет и осумгодишната Калина Велеска, која пред само еден месец на 12 јануари стана лиценциран водич и Александар Миновски, искусен 35 - годишен планинар.      

Калина и Александар се изгубиле околу 14 часот после пладне. Некое време можело да се воспостави телефонски контакт со нив. Подоцна им се губи секаква трага. Нивните тела се најдени на 2.524 м.н.в на речиси четири метри од врвот Кајмакчалан. Од МВР велат дека интензивно работат на откривање на околностите кои довеле до трагедијата, а во Основното јавно обвинителство го чекаат официјалниот извештај од грчката полиција за да потоа утврдат дали ќе биде отворена постапка.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.



ОСТАНАТО ВО РУБРИКАТА

Според Раша тудеј, Меркел денеска се сретнала со Иванов (ВИДЕО)

И покрај тоа што поминаа неколку часа од завршувањето на прес конференцијата, во насловот сѐ уште стои дека Меркел се сретнала со Иванов.

Индекс за перцепција на корупција: Македонија најлошо рангирана од Западен Балкан

Најдобро рангирана земја во светот е Нов Зеланд, следена од Данска и Финска, а перцепцијата за корупција е најголема во Сомалија.

Заев за Дојче Веле: 2018. може да биде историска година за Македонија

Членството во НАТО и датумот за преговори со ЕУ ќе значат живот за Македонија, рече премиерот Зоран Заев во интервју за Дојче Веле.

СЛОБОДЕН УДАР Кул е друг да одговора

Министерката, за тоа што го прикривала, вчера одговараше на суд, кривично. Тоа што министерот не прикрива не е доволно за да не одговара правично.

Штајнмаер: Решение на спорот со Грција ќе даде позитивен импулс за целиот регион

Германските компании што основаа свои фабрики во Република Македонија, отворија речиси 20 илјади работни места.

НАЈЧИТАНИ