• 21 февруари 2018
  • Вести денес: 73
Мартин Богатиноски16:11 14 февруари 2018 ● Прочитано 2052

Српската православна црква (СПЦ) на редовниот Мајски собор ќе ги разгледува начините за решавање на долгогодишниот спор со Македонската православна црква (МПЦ-ОА), дознаваме од високи црковни извори. Тие тврдат дека меѓу другото, српските владици во Белград ќе разговараат за идните чекори што би ја извлекле МПЦ-ОА од расколот и кои би можеле да ѝ го отворат патот кон единството со сите православни цркви.

Од друга страна, дел од македонските епископи не го гледаат решението преку СПЦ, туку упорно настојуваат да преговараат со Бугарската православна црква (БПЦ) и оттаму да бараат „мајчинство“ и заедничко литургиско сослужување. Црковните аналитичари и теолози, пак, сметаат дека е дојдено вистинското време за МПЦ-ОА да влезе во вистински дијалог, а не, како што велат, црквата да заглавува во монолошки искази за наводно сослужување со БПЦ.


Решението зависи од СПЦ

Постои голема веројатност на Мајскиот собор на СПЦ да биде отворено прашањето за натамошното делување и решавање на црковниот спор со МПЦ, но искрено не верувам дека на тој Собор ќе биде постигнат некаков договор, смета Митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј.

- Повеќе од очигледно е дека СПЦ нема сериозна намера да го реши црковниот проблем со нас, а тој нејзин став не е променет веќе неколку години. Кога станува збор за евентуалното заедничко сослужување помеѓу МПЦ и БПЦ, сметам дека тој потег е паметен и би донел само позитивни работи. Не знам дали заедничкото сослужување со МПЦ би предизвикало каква било штета или последици за БПЦ поради тоа што сослужува со црква која е надвор од единството, но на тоа прашање нека размислува бугарскиот црковен врв – вели Тимотеј.

Митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар вели дека постигнувањето договор помеѓу српските владици околу решавањето на црковниот спор со МПЦ-ОА, зависи единствено од СПЦ.

- Тие требаше досега да закажат средба за разговори со нашата црква, но таква средба и таква желба немаше. Тие не се заинтересирани да ги надминат проблемите, па затоа во меѓувреме кај нас се појави интерес да се дејствува преку БПЦ. Не гледам проблем да се сослужува заедничка литургија, бидејќи ние треба да богослужиме со секоја православна црква, а не само со бугарската – вели г. Петар.

Тој објаснува дека МПЦ-ОА и СПЦ имале донесено заеднички став околу заедничкото богослужење, но како што вели, српските владици на крајот отстапиле од договорот.

- По нивна препорака, односно по барање на тогашниот патријарх Павле, ние требаше да имаме заедничко богослужење, но наместо тоа да се случи, следуваа безброј уцени и закани од нивна страна. Тие мислеа дека насилно и со притисок можат да го решат проблемот и да нè понижуваат до крајни граници. Засега не можам да кажам дали најпаметен чекор е решавањето на спорот да оди преку БПЦ, но можам да потврдам дека сослужувањето не може да биде повод за никаков раскол. Едноставно, СПЦ треба да сфати дека со сила нема убавина и дека работите треба да се решаваат на мирен начин – вели г. Петар.


Суштински дијалог

Црковниот аналитичар Георги Тасев вели дека МПЦ-ОА дополнително си ги комплицира позициите до тој степен што евентуалното сослужување со БПЦ ќе претставува сигурен раскол за Бугарската црква.

- Во 2007 година протојерејот Никола Балашов од Руската православна црква (РПЦ) го постави најсуштинското прашање кое гласеше дали МПЦ-ОА сака да влезе во литургиско единство со севкупното православие или само со една црква. Бугарскиот митрополит Кирил тогаш истакна дека вмешувањето на БПЦ во јурисдикцијата на СПЦ не би било добро за МПЦ-ОА, а денес гледаме колку МПЦ-ОА дополнително си ги комплицира позициите до тој степен што последиците од сослужувањето, без претходно решен статус на МПЦ, со сигурност ја водат БПЦ во раскол – вели Тасев.

Тој смета дека БПЦ е свесна за ризикот, но дека балансира заради притисокот од политичарите во Бугарија кои немаат црковна свест.

- Митрополитот Иларион од РПЦ рече дека решението води преку СПЦ. Вселенскиот патријарх повика на канонски пристап, а Синодот во Атина предочи за немили настани доколку БПЦ сослужува со непризнаената МПЦ. Тоа значи дека МПЦ конечно треба да влезе во вистински дијалог, а не да заглавува во монолошки искази за наводно сослужување со БПЦ. Српската црква ѝ ги отстапи епархиите на МПЦ, ѝ ракоположи епископи, а за разлика од другите цркви, го призна македонски јазик и народ. Но, не зависи од СПЦ давањето на автокефалија. МПЦ треба тоа да го сфати, да ја надмине таа фрустрација и да се врати на суштински дијалог со СПЦ. Претстојниот собор на СПЦ е вистинската адреса на која МПЦ треба да се обрати – објаснува Тасев.

Бугарскиот теолог Калин Јанакиев, пак, смета дека заедничкото литургиско сослужување помеѓу МПЦ-ОА и БПЦ претставува голем чекор во вистинска насока.

- Заедничко сослужение би било јасен знак дека, всушност, се оди кон некакво решавање на ситуацијата на МПЦ-ОА. Иницијативата треба да ја води Софија. Влегувањето во евхаристиска заедница е можно да се изврши од една единечна православна црква, но канонско признавање на МПЦ-ОА треба да го извршат сите православни цркви – вели Јанакиев. 

 

(Објавено во „Слободен печат“)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.



ОСТАНАТО ВО РУБРИКАТА

Кумановскиот градоначалник даде отчет за сработеното

Една од капиталните инвестиции, според Димитриевски, ќе биде изградба на мултиетничка детска градинка која ќе згрижува 200 деца.

Средба на првите дами на Македонија и Турција

Иванова се заблагодарила за досегашната одлична соработка со ТИКА, со чија поддршка се реализирале проекти во Македонија.

Беса на Гаши ја обвини Беса на Касами за фалсификат

Од Беса на Касами одговорија дека нема да се занимава со клеветите на Орхан Муртезани и неговите шефови.

Двете сестри додека живееле во „25 Мај“ 89 пати исчезнале, преживеале и полов напад

Судот ги вратил децата на мајката, но надлежните не сакаат едно од девојчињата, кое се излечило од зависност, да се врати бидејќи нема услови.

Жбогар: Посетата на Јункер е порака самата по себе

Евроамбасадорот посочи дека вратите на ЕУ се отворени, а временската рамка е 2025 година до кога секоја земја може да ја стигне другата во прогресот.

НАЈЧИТАНИ