• 21 февруари 2018
  • Вести денес: 71
Мартин Богатиноски16:14 14 февруари 2018 ● Прочитано 1209

Жителите на прилепското село Стровија се целосно отсечени од цивилизацијата и оставени се на милост и немилост на планината Даутица, откако вторпат за три дена се урива мостот на единствениот регионален пат кој го поврзува ова село со Општината Долнени со градот Прилеп.

Како што објаснуваат мештаните, мостот за првпат се урнал минатата недела кога општинската механизација успеала да изнајде привремено решение но, како што велат, сега мостот повторно е паднат и преку него не може да се помине ниту пеш, ниту со возило. Уште еден голем проблем, како што посочуваат, претставува тоа што децата од селото Стровија веќе неколку дена не можат да посетуваат настава, бидејќи најблиското училиште се наоѓа во селото Ропотово, па учениците немаат како да преминат на другата страна од урнатиот мост и да појдат на училиште. Надлежните тврдат дека наскоро ќе се пронајде решение и штетата ќе биде санирана. Од Општина Долнени молчат и не сакаат да дадат никаква изјава.


Отсечени од цивилизација

Претседателот на месната заедница на село Стровија, Боце Нешкоски, објаснува дека пред неколку дена било изнајдено времено решение за санација на мостот, но како што вели, потребно е трајно решение.

- Мостот за првпат се урна минатата недела, а Општината Долнени испрати механизација и проблемот го реши со поставување пластични цевки и тампон. Но не поминаа ни три дена кога мостот повторно падна и сега целото село е отсечено. Станува збор за единствениот пат што го поврзува селото со цивилизација. Мештаните се заглавени и не можат ниту пеш да преминат од другата страна, а не можат ниту да ги набават основните работи за преживување поради тоа што во нашето село нема продавница – вели Нешкоски.

Тој објаснува дека уште поголем проблем претставува тоа што децата од селото не можат да посетуваат настава, бидејќи училишното комбе што ги превезува до училиште не може никако да пристапи до селото.

- Децата од нашето село веќе неколку дена не можат да посетуваат настава поради тоа што најблиското училиште се наоѓа во село Ропотово, а училишното комбе не може да пристапи до Стровија. Исто така, голем проблем претставува тоа што до нашето село не може да пристапат ниту возилата за Итна медицинска помош и Противпожарната бригада – вели Нешкоски.

Образованието е децентрализирано, па затоа Општина Долнени треба да пронајде начин како да го реши проблемот со регионалниот пат и на тој начин да им овозможи на учениците да посетуваат редовна настава, велат од Министерството за образование.

- Од Општината веројатно сè уште немаат решение штом одбегнуваат да го искоментираат случајот во јавноста. И покрај тоа што патот е регионален, сепак станува збор за специфичен случај, бидејќи децата живеат во истата општина каде што посетуваат настава, без разлика дали нивното училиште се наоѓа во друго село. Во секој случај, не е добро тоа што децата се спречени да посетуваат настава, па кој и да е надлежен, мора веднаш да ги отстрани пречките. Загубените часови ќе им бидат надоместени на учениците, бидејќи не се тие виновни поради тоа што не можат да одат на училиште – објаснува Владимир Делов, портпарол на Министерството за образование.


Лекот е во бетонските цевки

Од Центарот за управување со кризи од Прилеп (ЦУК) велат дека се запознаени со случајот, но појаснуваат дека во моментов постојат поприоритетни случаи од санацијата на регионалниот пат Црнилиште - Стровија.

- Станува збор за испуст на патот, а ние веќе ја пренесовме информацијата до ЈП „Агенција за патишта“ и до „Македонија пат“, па наскоро се очекува да почне санацијата. Во тек е постапка за набавка на бетонски цевки, бидејќи при првото уривање на патот беа поставени само пластични цевки и тампон. Сепак, станува збор за пат од трета или четврта категорија, а тоа значи дека поправката не е приоритетна, иако голем проблем претставува тоа што до селото не можат да пристапат возила на Итна медицинска помош, полиција или пожарна - велат од ЦУК.

Одговорните од „Агенција за патишта“ не сакаа да откријат подетални информации околу состојбата на патот, но кратко ни одговорија дека во тек се активности за санирање на штетата и дека наскоро жителите на селото повторно имаат можност непречено да минуваат преку мостот. Од „Македонија пат“, пак, тврдат дека не се запознаени со случајот но, како што рекоа, наскоро ќе истражат дали поправката на штетите од овој регионален пат е дел од нивните надлежности.

Минатата недела повеќе од 200 туристи од Прилеп беа заглавени во селото Стровија откако за првпат се урна истиот мост, а како што тогаш истакнаа мештаните, неколку автобуси што ги превезувале луѓето кон манастирот „Света Недела“ не можеле да се вратат во Прилеп поради свлечиштето на асфалтот.

Жителите на селото тогаш објаснија дека Општина Долнени испратила механизација за времена санација на свлечиштето, но како и првиот пат, така и сега, општинарите не беа достапни за коментирање на случајот.  

 

(Објавено во „Слободен печат“)

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.



ОСТАНАТО ВО РУБРИКАТА

Кумановскиот градоначалник даде отчет за сработеното

Една од капиталните инвестиции, според Димитриевски, ќе биде изградба на мултиетничка детска градинка која ќе згрижува 200 деца.

Средба на првите дами на Македонија и Турција

Иванова се заблагодарила за досегашната одлична соработка со ТИКА, со чија поддршка се реализирале проекти во Македонија.

Беса на Гаши ја обвини Беса на Касами за фалсификат

Од Беса на Касами одговорија дека нема да се занимава со клеветите на Орхан Муртезани и неговите шефови.

Двете сестри додека живееле во „25 Мај“ 89 пати исчезнале, преживеале и полов напад

Судот ги вратил децата на мајката, но надлежните не сакаат едно од девојчињата, кое се излечило од зависност, да се врати бидејќи нема услови.

Жбогар: Посетата на Јункер е порака самата по себе

Евроамбасадорот посочи дека вратите на ЕУ се отворени, а временската рамка е 2025 година до кога секоја земја може да ја стигне другата во прогресот.

НАЈЧИТАНИ